Блок македонски кратки филмови

Во рамките на проектот „Македонски филм. На големо платно“ на Агенцијата за филм, во понеделник, на 29 јуни во 19 часот, на програмата се четири кратки домашни остварувања. Новите македонски, но и светски филмаџии, својот занает го печат со снимање на краткометражни остварувања, а потоа, доколку го покажат своето знаење, особено доколку освојуваат награди на фестивалите, добиваат можност и за прв целовечерен филм. Токму овие имиња чии кратки филмови фигурират на програмата в понеделник се вистински доказ за тоа, со исклучок на Апчевска, која снима во моментов.

МАТЕРИЈАЛ ЗА АУДИЦИЈА – ЃОРЧЕ СТАВРЕСКИ

Додека го очекуваме второто долгометражно остварување на Ставревски, ја гледаме неговата 15-минутна приказна од 2013 година во која се испреплетуваат емоциите и музиката, и во која егзистенцијалното прашање на едно девојче се претвора во силен мотив музичарот да ги преиспита своите ставови за животот и сето тоа да го претвори во прекрасна уметност.

АМБИ – МАРИЈА АПЧЕВСКА

Македонската режисерка во моментов во Велес го снима својот прв долгометражен филм, а ние се потсетуваме на нејзиното кусо остварување од 2017 година, во кое главните херои Дено и Сара се соочени со тешката семејна ситуација во која таткото-алкохоличар редовно им создава проблеми, се’ додека, загрижени за својата иднина, тие не решат да го сменат пристапот.

БЕЗ ЉУБОВ – ДИНА ДУМА

По наградата на „Трибека“ фестивалот на почетокот од месецот со својот втор филм, кој со нетрпение го очекуваме наесен во домашните кино-сали, ќе го видиме краткиот филм на Дума од 2017 година, во кој брилјираат Кристина Леловац и Ана Стојановска како две пријателки кои се наоѓаат на крстопат од своето долгогодишно пријателство.

НАЛЕПНИЦА – ГЕОРГИ М. УНКОВСКИ

По успехот со „Диџеј Ахмет“, го чекаме следниот потег на младиот Унковски, кој фестивалските врати си ги отвори со феноменалниот наградуван краток филм од 2019 година, во кој во само 18 минути се прикажани сите доблести и мани на нашето општество, црната комедија која на крајот измамува и искрени солзи кај гледачите.

Секој понеделник во 19 часот, уживајте во бесплатните проекции на македонските филмови во „Синеплекс“.