Вечерва во Струга ќе финишира 65-тото издание на манифестацијата „Струшки вечери на поезијата“, од годинава со нов, јунски термин. Годинашна лауреатка е холандската поетеса Анеке Брасинга, која гледајќи ја на фотографиите колку добро се држи притоа покажувајќи став, и се разбира, пред се’ читајќи ја нејзината ангажирана поезија, ме потсети на сензибилитетот на славната „Бит генерација“ од средината на минатиот век. Тие илуминации ме донесоа до моментот да ѕирнам во домашната библиотека, да ја дувнам прашината и да се се навратам на едно драго издание купено во 90-те години, кое всушност датира од средината на претходната декада, и кое е прилично добро зачувано со оглед на неговата четиридецениска „старост“. Се работи за фестивалското издание на книгата посветена на тогашниот лауреат, американскиот поет Ален Гинзберг, гостин во Струга и добитник на „Златниот венец на поезијата“ за 1986 година.

Радува фактот што во средината на либералните 80-ти години струшката манифестација успева да го донесе култниот Гинзберг во Социјалистичка република Македонија, откако во претходните две децении гости на на поетскиот фестивал биле и Рождественски, Окуџава, Неруда, Сенгор, Крлежа, Енцесбергер, Вознесенски… Заедно со Џек Керуак (On the road) и Вилијам Бароуз (Naked lunch), во формативните години ги голтавме делата на предводниците на американската нова проза и поезија, чија база беше Сан Франциско, под покровителство на Лоренс Ферлингети кој почина пред неколку година, и во чија чест приредив еден кус текст:
Џек Керуак ја претставил фразата “Бит генерација” во 1948 година за да го карактеризира „подземното“ анти-конформистичко младинско движење во Њујорк. Името произлегло по еден разговор со писателот Џон Клелон Холмс. Придавката “бит” колоквијално би можело да значи “уморен” или “претепан “, но Керуак го проширил значењето вклучувајќи ги и конотациите како “оптимист”, “блажен”, и музичката асоцијација дека се “на бит”.
Потеклото на „Бит генерацијата“ се поврзува со Универзитетот „Колумбија“ и тамошната прва средба на Керуак, Гинзберг, Лисјен Кар, Хал Чејс и други. Иако овие автори се сметаат како анти-академски, многу од нивните идеи биле формирани како надополнување на ставовите на професори како Лионел Трилинг и Марк Ван Дорен. Соучениците Кар и Гинсберг на формативната средба разговарале за потребата за „Нова визија” (термин позајмен од Артур Рембо), да се возврати на она што тие го сметале за револуционерно како одговор на ставовивте на нивните конзервативни професори, преку објавување на дела кои ќе содржат литерарни идеали за еден нов и поинаков свет.

Враќајќи се на книгата објавена од „Македонска книга“ во 1986 година, честа да ја приреди, да ја препее поезијата на Гинзберг и да ги напише предговорот и поговорот му припаднала на Саве Цветановски. Еве што тој наведува во биографијата за американскиот бит-поет:
„Ален Гинзберг е роден е во Њуарк, Њу Џерси, на 3 јуни 1926 од мајка Наоми (имигрант од Русија, член на Американската комунистичка партија, подоцна душевно болна, умира во 1956) и од татко Луис Гинзберг (средношколски професор и лирски поет, се преженува додека Наоми е болна). Завршил гимназија во Патерсон, каде што живеел поетот Вилијам Карлос Вилијамс кој му бил книжевен учител и заштитник и кој подоцна ги напишал значајните предговори за збирката песни „Празни огледала“ и за поемата „Рев“. Во 1943 се запишува на Катедрата за англиска книжевност на Колумбија универзитетот во Њујорк. Бил суспендиран во 1945 заради написот за ректорот на универзитетот: „Батлер нема мадиња“ (храброст). Тогаш почнува неговото трајно пријателство со идните автори-битници Вилијам Бароуз и Џек Керуак и со идеализираните битнички херои Нил Кесиди и Роберт Ханки. Во 1948, пред дипломирањето со одличен успех, бил фатен од полицијата заради прикривањето на Ханки кој со пријатели чувал дрога во станот на Гинзберг. Вместо затвор, ставен е осум месеци во Њујоршкиот државен психијатриски институт, каде што другарува со поетот Карл Соломон.
Од 1952 Гинзберг е активен во „Подземната“ книжевно-музичка култура во боемскиот кварт на Њујорк, Гринич Вилиџ, во кој биле активни и Бароуз, Керуак, Ханки и Соломон. Тука се запознава и со битничкиот автор Грегори Корсо кој со Гинзберг „блажените“ од Гринич Вилиџ ги нарекуваат „Потонати“ (истоимен наслов на еден роман од Корсо). Тука делуваат некое време и Томас Дилан (поет од Англија), Филип Ламантиа и Френк О’Хара (поети), Чарли Паркер (пијанист), Шери Мартинели и Бил Хајни (сликари); се продаваат за долар памфлети поезија инспирирани од Езра Паунд со режисерите на битничкиот филм „Pull my Daisy“ Роберт Френк и Алфред Лесли. Не наоѓајќи најпогодна почва за книжевно-културно делување и за издавање на нивните книги, Гинзберг, Корсо, Ламантиа и некои други се преселуваат во 1953 во регионот на Сан Франциско (околу универзитетот Беркли) и таму од другарувањето со поетите Мајкл Мек Клуор, Гери Снајдер, Филип Вејн, Питер Орловски, Лоренс Ферлингети (издавач на малата издавачка куќа City Lights Bookstore) произлезе духовното движење што Керуак го нарече „Бит-генерација“ („бит“ со значење на „блажени“, преземајќи го зборот „бит“ од Ханки со значење „изудирани„ и „преживеани“). Во времето на советскиот Спутник на зборот „бит“ му е додаден суфиксот „ник“, па во употреба е и изразот „битник“. Движењето било најактивно во педесеттите години, со изразит акцент врз духовниот живот, неконформизмот со културата на средната класа, антивоеното и антинуклеарното расположение, со чувство на радикален бес, очај, гнасење и ужасување. Битниците ги потстрекнале појавите на масовното, претежно рурално, културно движење на „хипиците“ во следната деценија; потоа на политичкото, претежно студентско движење на „јипиците“ во седумдесеттите (поетот Аби Хофман бил еден од водачите) и на економско-социјално организираните „јупици“ во осумдесеттите, чиј член е и сенаторот од Колорадо Гери Харт, кој на последните избори се кандидираше за претседател на САД.
Со појавата на „Рев“ издадена од Вилерс во Англија и потоа од Ферлингети, Гинзберг станува најпознат, а и најталентиран поет меѓу битниците. Поетскиот нерв не го задржува на едно место и на една работа (работи во фабрика за тули во Патерсон, потоа како садоперач, копирач, истражувач на пазарот и аналитичар на мислења во Њујорк, магационер на трговски брод и заварувач во бруклинското бродоградилиште — од Галвестон до Дакар, како ноќен чувар во стоковна куќа во Денвер, книжевен рецензент за „Њусвик“, артист во филмови и друго).

Како борец за зближување на светските култури патува речиси низ целиот свет: повеќе пати во Мексико (во крајот на Маите — 1950 и на Чпаните — 1954), во Куба (1954 и 1965), во Чиле, Боливија и амазонскиот предел на Перу (1960), во Советскиот Сојуз (1965 и 1985), во Полска и Чехословачка (1965 во Прага е избран за „Првомајски крал“ од 100.000 луѓе и е протеран поради одбрана на наркотиците), во Лондон (1965) со Вознесенски настапува во „Алберт Хол“, а со Корсо, Орловски, музичарот Стивен Тејлор и групата „Жив театар“ пее и рецитира во Оксфорд, Хајделберг, Тибинген во 1979 и во истата година учествува на меѓународните поетски средби во Кембриџ, Ротердам, Амстердам, Париз, Џенова, Рим… На средбите во Рим доаѓа и следната година и ја посетува нашата земја — Дубровник, Нови Пазар, рецитира и пее на Коларчевиот универзитет и во Домот на младината во Белград за време на Октомвриските средби на писателите, а потоа патува во Унгарија, Австрија, Швајцарија и Германија; во 1965 учествува на Меѓународниот собир во Лондон „Дијалектиката на ослободувањето“ со Маркузе, Купер и Ланг; во 1980 преку Париз, Тангер, Грција и Израел оди во Индија, каде што живее меѓу најбедните и ја изучува најсовршената мудрост „Прајнапарамита сутра“, потоа во Јапонија го продлабочува сознанието за будизмот; во Индија, за време на кризата со Бангладеш (1971), ги посетува избегличките логори; следната година, со Вознесенски чита поезија низ разни места во Австралија и престојува меѓу домородците — Абориџини, а во Тибет го проучува тибетскиот будизам; во 1982 е во посета на Никарагва, каде што со Евтушенко го објавуваат „Прогласот до писателите во светот“ за ослободување и независност на оваа средноамериканска земја.

Тој учествува и е еден од организаторите на многубројните повоени мировни демонстрации и манифестации во САД: во Беркли во антивоениот марш „Децата на цвеќето“ — 1965; во големите антивоени демонстрации во Њујорк— 1966 и во Вашингтон — 1970; во 1972 е притворен со стотици мировни демонстранти во Флорида, а пред тоа во 1968 е задржан една недела во затвор, иако заедно со Бароуз и со Жан Жене ги смирува илјадниците гневни луѓе преку медитација и мирољубива поезија за време на „хипи“ фестивалот во Чикаго; во 1969 полицијата во Мајами го прекинува неговиот поетски настап против полициската бирократија на Пентагон; во 1971 истражува и објавува докази за вмешаноста на ЦИА во трговијата со дрога во Индокина, а следната година пишува одбрани за Џон Ленон, Аби Хофман и Тимоти Лир ипротерани поради дрога. Во 1978, со медитација и пријатели запира транспортна вагони полни со плутониумска јаловина во Роки Флетс, Колорадо.
Во САД учествува на бројни книжевни и поетско-музички настапи и основа книжевно-мировни друштва и институти: од 1968 почнува да се интересира за мантра-медитирање за мировна цел; компонира музика за своите песни и за песните на Вилијам Блејк под инспирација на гостите пејачи Езра Паунд, Боб Дилен, Ед Сандерс, Мик Џегер, Џон Ленон и други; со Бароуз, Сандерс,Тејлор и Крили ја формира рокенрол групата „Фугс“ во Наропа — книжевниот институт во Боулдер, Колорадо 1986, каде што е основач и потоа директор на „Школата за бестелесна поезија — Џек Керуак“ во 1974; во 1975 учествува и пее поезија на американската турнеја на Боб Дилан; во 1971 поемата „Кадиш“ е драматизирана и изведена во Гринич Вилиџ; ги рецитира и ги пее своите песни во најпознати фолк-клубови и сврталишта на поетите низ градовите во САД; игра и во неколку филма, како во филмот на Боб Дилан „Реналдо и Клара“; потоа, во филмовите „Јас и брат ми“, „Пржени чевли, варени дијаманти“,„Живата традиција: Гинзберг на Витмен“ и во видеофилмот на авангардниот уметник Нам Џун Пајк; соработува и повремено настапува во „New Wave“ групите — „Still Life“, „Clash“, „Gluons“ и разни други бит-џез и панк-џез групи, а објавува и плоча со музички композиции базирани врз сопствената поезија.

Тој најдолго од сите битници ги преживува потресите и станува поет на естаблишментот, добитник на наградите: Гугенхајмова награда — 1965; Националната награда за уметност — 1966; Наградата на Националниот институт за уметностите и книжевност — 1969, чиј член станува во 1973. Оваа година е избран во звањето истакнат професор по поезија на Бруклинскиот колеџ. За Гинзберг денес е создаден мит во САД и во светот, за што доста придонесоа и мас-медиумите. Тој исто така претставува поетска институција, како бард на битниците, поет — лауреат на протестот за општо добро, со околу педесет објавени книги на песни, дневници, патеписи, разговори и предавања.

Цветановски во книгата особено го истакнува значењето на песната „Рев“, која на други места се сретнува и како „Урлик“ или „Виење“. Во оригинал е „Howl“. За неа приредувачот и преведувач го пишува следното:
„Појавувањето на поемата „Рев“ на американската книжевна сцена имаше огромен одзив, радикално менувајќи ја тематската содржина и форма на современата поезија. Таа фундаментално ги пресече длабоките корени на тогаш устоличениот монолитен модернизам што се идентификуваше преку „академската поезија“ и преку принципите на „Новата критика“ доминирајќи на културната сцена од дваесеттите години наваму. Така „Рев“ ја означи експанзивната потрага за поголема плуралистичка постмодернистичка визија што се раѓаше. Иако второто издание на поемата (1956) беше анатемисано и се најде под ударот на соперничкото перо — обично на традиционалните модернистички книжевници — општа е оценката меѓу противниците и апологетoрите на Гинзберг дека „Рев“ извршила пошироко и пореволуционерно влијание врз американската поезија од која и да било друга поема по „Пуста земја“ (1922) на Томас Стернс Елиот. Во прилог на таквата оценка, да споменам дека најистакнатиот повоен американски поет Роберт Лоуел, за време на својата турнеја по Западниот брег (1957), се жалел дека публиката се вознемирувала на неговите настапи и сакала да слушне поинакво пеење на поезија, па тој почнал да ја рецитира „Рев“. Водачот на хипиците и писателот Аби Хофман, кога во 1959 година за првпат ја слушнал „Рев“, изјавил дека му се чинело оти поемата е повик на оружје. Досега поемата е објавена во над триесет изданија во околу 10 милиони примероци и е преведена на повеќе од дваесет и два странски јазици“.
И пред крајот од ова долго едукативно „Бит-парче“ во „Херој на еден ден“, инспирирано од една четриридецениска книга со неколкудецениска ангажирана поезија, би било неумесно доколку во целост не ја пренесеме и поемата „Рев“ на Гинзберг. Подгответе се за едно необично патување во сржта на „бит поезијата“.

РЕВ
за Карл Соломон
I
Ги видов најдобрите умови на мојата генерација уништени од лудило,
гладни хистерични голи,
како се влечат низ црнечки улици во мугри во потрага по гневен фикс,
ангелоглави хипстери што пекаа за древната небесна врска со ѕвезденото динамо
во машинеријата на ноќта,
кои во беда и во партали и шупливооки и опиени седеа до доцна пушејќи во
натприродната темнина на становите со ладна вода
што се брануваа по градските вршки восприемајќи џез,
кои под Надземното метро ги разголеа своите мозоци кон Небото и видоа
мухамедански ангели што се пореваа осветлени на станбените покриви,
кои минале низ универзитети со зрачни студени очи халуцинирајќи за Арканзас
и за визионерската трагедија на Блејк меѓу научниците во војната,
кои беа истерани од академиите поради лудило и објавување на бесрамни оди
на прозорците од черепот,
кои во долна облека се стуткуваа во небричени соби, ги гореа своите пари
во кошници за отпадоци и слушаа Терор преку ѕидот,
кои ги апсеа со сопствените бради додека се враќаа низ Ларедо со појас
марихуана за Њујорк,
кои голтаа оган во варосани хотели или пиеја терпентин во Рајската уличка, смрт,
или ги прочистуваа своите торза ноќ по ноќ
со сонови, со дроги, со кошмарски будења, алкохол и кол и бескрајни оргии,
неспоредливи ќор-сокаци од трепетен облак и молскавица во умот во отскок
кон половите на Канада и Патерсон,
осветлувајќи го сиот неподвижен свет во Времето меѓу нив,
Пејотска царштина од ходници, гробарски мугри на зелено дрво во заден двор,
винско пијанство над покривните вршки, квартови од дукани
во дрогирани радосни трки при болскот од семафори,
трепет од сонце и месечина и дрво во рикливите зимски самраци на Бруклин,
трескот од ѓубралници и мила кралска светлина на умот,
кои се засинџируваа себеси за метрото за бескрајно возење од Батери
до светиот Бронкс опиени од бензедрин
сè додека шкрипењето на тркалата и деца не ги симнеа со треперливи скршени
усни и смачкан сур разум сиот исцеден од генијалноста
во пустата светлина на Зоолошката градина,
кои потонати цела ноќ во подморничката светлина на Биксфорд испловуваа
и отседнуваа цело попладне со бајато пиво во опустениот Фугаци
слушајќи ја на хидрогенски џубокс пукнатината на судбината,
кои зборуваа непрекинато седумдесет часа од паркот до сврталиштето до барот
до Белви до музејот до Бруклинскиот мост,
загубен баталјон од платонски дискутанти што скокнуваат од стојалиштата
на пожарникарските скали од прозорските тремови
на Емпајр Стејт од месечината,
крес-крескајќи врескајќи повраќајќи шепотејќи факти и сеќавања и анегдоти
и сласт на очното јаболко и шокови од болници и од затвори и од војни,
цели интелекти изблуени во целосно сеќавање седум дена и ноќи со вжарени очи,
месо за синагогата фрлено на плочникот,
кои исчезнаа во небиднина во Зен во Њу Џерси оставајќи трага
од двосмислени разгледници на градската палата во Атлантик Сити,
раскинати од ориенталската пот од тангерското коско-дробење од кинески
мигрени под наркоманската криза во пусто наместената соба во Њуарк,
кои скитаа околу-наоколу во полноќ по железничкото депо, прашувајќи се
каде да одат, и отидоа, не оставајќи скршени срца зад себе,
кои палеа цигари во товарни во товарни во товарни вагони што друсаа низ снегот
кон осамените фарми во дедовска ноќ,
кои ги учеа Плотин По Сан Хуан де ла Крус, телепатија и боп кабала
зашто вселената инстинктивно им се тресеше под нозете во Канзас,
кои скитаа осамени низ улиците на Ајдахо трагајќи по визионерски
индијански ангели зашто тие беа визионерски индијански ангели,
кои мислеа дека се умоболни само кога Балтимор светкаше
во натприродна екстаза,
кои скокнуваа во лимузини со Кинезот од Оклахома принудени
од зимскиот полноќен дожд под уличните светилки на гратчето,
кои се тетеравеа гладни и боси низ Хјустон трагајќи по џез или секс,
и го следеа блескавиот Шпанец за да поразговараат за Америка и Вечноста,
безнадежна кауза, и така заминаа за Африка со брод,
кои исчезнаа во вулканите на Мексико не оставајќи зад себе ништо освен сенки
од фармерки и лава и пепел на поезија растурена во огништето Чикаго,
кои се појавија пак на Западниот брег со истрага на ФБИ, во бради
и куси панталони со крупни пацифистички очи секси во својата исончана кожа
делејќи несфатливи летци,кои со цигара си правеа дупки на рацете
протестирајќи против чадот на наркотикот и тутунот на Капитализмот,
кои делеа ултракомунистички памфлети на скверот Јунион плачејќи
и соблекувајќи се додека сирените на Лос Аламос ги замолчуваа со својот вик
и го замолкнуваа Вол Стрит, а и траектот за Стејтен Ајленд завиваше,
кои паѓаа од плач во белите гимнастички сали тресејќи се голи
пред машинеријата од други скелети,
кои ги гризеа детективите за врат и врескаа од восхит во полициските коли оти
не сториле никакво злосторство освен својата сурова педерастија и наркоманство,
кои ревеа на колена во метрото и беа совлекувани од покривот
мавтајќи со гениталиите и ракописите,
кои дозволуваа светечките мотористи да им го стават в газ и јачеа од радост,
кои го цицаа и на кои им го цицаа тие човечки серафими, морнарите,
милувања на атланска и карипска љубов,
кои имаа сексуални оргии наутро и навечер во градини со ружи и на трева
во градските паркови и гробишта
исфрлајќи семе слободно на секој што би наишол и кој би се осмелил,
кои икаа непрестајно обидувајќи се да се кикотат но завршуваа со липање
зад преградата на некоја Турска бања
кога русиот и гол ангел доаѓаше да ги прободе со меч,
на кои љубовните момчиња им ги преседоа трите стари беснички на судбината
еднооката бесничка на хетеросексуалниот долар
еднооката бесничка што намигнува од матката
и еднооката бесничка што не работи ништо туку сал си седи на задникот
и ги сече интелектуалните златни конци од разбојот на мајсторот,
кои екстатично и ненаситно се спаруваа со шише пиво
со љубовница со кутија цигари со свеќа и паѓаа од кревет,
и продолжуваа на подот и низ ходникот и завршуваа паѓајќи во несвест
на ѕидот со визија на една првокласна пичка
и свршуваа заобиколувајќи го последното сепнување на свеста,
кои им ги засладија рибите на милион девојки што трепереа на зајдисонце,
и кои натуро беа црвени во очите но готови да ја засладат пичката на изгревот,
болскотни усни под амбари и голи во езеро,
кои одеа на курвање низ Колорадо во безбројни украдени ноќни коли,
Н. К., таен херој на овие песни, чукач и Адонис на Денвер
— нека е за радост за сеќавањето за неговите многубројни чукања
на девојки на празни паркиралишта и зад рестораните,
на расклатени редови во киносали, на планински врвови во пештери
или со слаби келнерки во познати крајпатни запиралишта
осамени соблекувања на женска долна облека
и посебно во тајните солипсизми во нужниците на бензиските пумпи,
а исто така по уличките на родниот град,
кои се губеа во синематоскопски валкани филмови, беа пренесени во сон,
се будеа во некој ненадеен Менхетен и мамурни се извлекуваа од подруми
опиени од јакиот Токај и со ужасите на челичните соништа на Третата Авенија
се оттетеравуваа до бироата за вработување,
кои одеа цела ноќ со чевли полни крв преку намети снег на пристаништата
чекајќи на Ист Ривер да се отвори врата на соба полна со парна жештина и опиум,
кои создаваа големи самоубиствени драми
на станбените карпести крајбрежја на Хадсон
под сини снопови од противавионска месечинска светлина
и главите ќе им бидат крунисани со лавор на заборавот,
кои јадеа јагнешка чорба на имагинацијата или го џвакаа ракот
на калното дно на Бовери,
кои плачеа при романсата на улиците со своите колички
полни со кромид и калпава музика,
кои седеа во кутии дишејќи во темнината под мостот
и стануваа да градат клавичембала во своите мансарди,
кои кашлаа на шестиот кат на Харлем крунисани со пламен под туберкулозното
небо опкружени со теологија на рафтови од сандоци за патлиџани,
кои чкртаа по цела ноќ во рокенрол возвишени напеви
што изгледаа во жолтото утро како строфи од безумие,
кои готвеа изгниени животни дроб срце нозе опашки боршч и тортили
сонувајќи за чистото царство на зеленчукот,
кои се нуркаа под камиони-ладилници за месо во потрага по јајце,
кои ги фрлаа своите часовници од покривот како гласачки кугли
за да гласаат за Вечноста вон Времето
и следните десет години секојдневно будилници им паѓаа над глава,
кои трипати по ред безуспешно си ги сечеа вените, се откажуваа и беа
присилени да отворат антикварници каде што мислеа дека стареат и плачеа,
кои беа спалувани живи изгорувани во своите невини фланелни костими
на Медисон Авенија среде експлозија на оловни стихови
и благородно топотење на железните полкови на модата
и нитроглицерински врескања на педери на рекламите
и бојниот отров на злокобните интелигентни уредници,
или беа прегазени од пијаните возачи на таксија на Апсолутната реалност,
кои скокнаа од Бруклинскиот мост, ова навистина се случи, и одеа незнајни
и заборавени во призрачната замалушеност на улички со чорба
и противпожарни коли во квартот Чајнатаун, без ниедно бесплатно пиво,
кои пееја од своите прозорци во очај, испаѓаа низ прозорците на метрото
скокаа во валканата река Пасаик, се фрлаа врз црнци, плачеа на улица
боси играа врз скршени вински чаши
кршеа грамофонски плочи со носталгичен германски џез од Европа во 30-тите
го допиваа вискито и повраќаа јачејќи во крвавите нужници,
со офкање во своите уши и писоци од џиновски парни сирени,
кои јуреа како ѓаволи по автопатите на минатото
во посета еден на друг со секси коли — Голгота
осамено затворско бдеење или бирмингхемско џез отелотворение,
кои возеа седумдесет и два часа открај накрај земјата
за да узнаат дали јас имав визија или дали ти имаше визија
или дали тој имал визија за создавање на Вечноста,
кои патуваа во Денвер, кои умираа во Денвер, кои се враќаа во Денвер
и чекаа залудно, кои бдееја над Денвер и квачеа мисли
и самуваа во Денвер и конечно заминуваа за да узнаат кое Време е,
па сега Денвер копнее за своите херои,
кои паѓаа на колена во Катедрали безнадежно молејќи се
за спасот за секој од нив за светлината и за градите,
сѐ додека за миг душата не ја озари својата коса,
кои си го здробуваа умот во затвор очекувајќи невозможни русокоси криминалци
кои пееја со чарот на реалност во срцата
пееја слатки блузови во Алтраказ,
кои се повлекуваа во Мексико за да одгледаат некој наркомански навик,
или во планините Роки за да се оддадат на Буда
или во Тангер на момчиња или на Јужен Пацифик на црната локомотива
или на Харвард на Нарцис на Вулдон на оргии или гроб,
кои бараа судење на разумот обвинувајќи го радиото за хипнотизам
а останаа со сопственото лудило и со сопствените раце
и со неопределената порота,
кои фрлаа компир салата по предавачите по дадаизам на CCNY
и следствено се појавија на гранитните скали на лудницата со избричени глави
и со кловновски говор за самоубиство, барајќи итна лоботомија,
и кои беа подложени на конкретно ништо или на инсулин Метразол
електричен шок хидротерапија психотерапија
воспитна пинг-понг терапија и амнезија,
кои во недуховен протест ја превртеа само единствената симболична
пинг-понг маса, одмарајќи се малку во кататонија,
враќајќи се години подоцна навистина ќелави единствено со перика од крв,
и солзи и прсти, во видливата лудачка пропаст
на одделенијата во лудите градови на Исток,
во смрдливите ходници на Пилгрим Стејт Рокленд и Грејстон,
препирајќи се со огласите на душата, рокенролирајќи се
на полноќната осамена клупа на долменските царства на љубовта,
животен сон еден кошмар, тела сведени на камен тежок колку месечината,
Најпосле со маса се… и со последната фантастична книга
фрлена од прозорецот на изнајмен стан, и со последната врата
во 4 наутро и со последниот телефон треснат од ѕид како одговор и со
последната наместена соба испразнета до последниот дел од менталниот мебел,
со жолта роза од хартија завиткана околу закачалката од тел во плакарот,
па дури и тоа нестварно, со ништо друго освен со надежната ронка на
халуцинацијата —
О, Карл, сè додека ти не си безбеден не сум ни јас,
а сега ти си навистина со целосна чорба од животни на времето
– и кои затоа трчаа низ замрзнатите улици маѓепсани од ненадејниот блесок на
алхемијата на употребата на елипсата каталогот метрото и вибрационата почва,
кои сонуваа и правеа овоплотени бездни во Времето и Просторот
преку противставени слики и го фатија в стапица архангелот на душата
меѓу две визуелни слики и ги соединија основните глаголи и ги врзаа
именката и цртичката на свеста скокајќи со чувството на
Patern Omnipotens Aeterna Deus
за да се пресоздаде синтаксата и мерата на бедната човечка проза
и сега да се застане тука неми и паметни што се тресат од страв,
отфрлени а сепак со исповедлива душа за да му угодат на ритамот на мислата
во неговата гола и вечна глава,
лудакот скитникот и ангелскиот битник во Времето, непознат,
но сепак запишувајќи го тука она што можеби ќе остане
за да зборува во времето што доаѓа по смртта,
и се издигнаа овоплотени во призрачната облека на џезот
во сенката на златните хорни на групата и свиреа за страдањето на големиот ум
заради љубов на Америка во еден eli eli lamma lamma sabacthani саксофонски крик
што ги затресе градовите сѐ до последното радио
со апсолутното срце на песната на животот раскинато
од нивните сопствени тела добро за јадење за уште илјада години.
II
Каква сфинга од бетон и алуминиум им ги распори черепите
и им ги изеде мозоците и мечтатата?
Молох! Осама! Разврат! Грозота! Ѓубрарници и недостапни долари!
Каде што деца пискаат под скалите! Каде што момчиња јачатво армиите!
Каде што старци плачат во парковите!
Молох! Молох! Кошмар од Молох! Молох без љубов! Умоболен Молох!
Молох суров судија на луѓето!
Молох несфатлива зандана! Молох скелетен бездушен затвор и Конгрес на јад!
Молох чии згради се пресуда! Молох огромен камен на војна!
Молох на пренебрегнати влади!
Молох чиј ум е чиста машинерија! Молох чија крв е оптокот напарите!
Молох чии прсти се десет армии! Молох чии гради се човекојадно динамо!
Молох чие уво е гробница што чади!
Молох чии очи се илјада слепи прозорци!
Молох чии облакодери стојат во долгите улици како безбројни Јехови!
Молох чии фабрики сонуваат и гракаат во магла!
Молох чии оџаци и антени се ореоли на градовите!
Молох чија љубов е бесконечна нафта и камен!
Молох чија душа еелектрицитет и банки!
Молох чија сиромаштија е призрак нагенијот!
Молох чија судбина е облак од водород без пол!
Молох чие име е Ум!
Молох во кој седам осамен! Молох во кој сонувам ангели! Луд во Молох!
Куроcицач во Молох! Без љубов и без маж во Молох!
Молох кој одамна навлезе во мојата душа! Молох во кој сум свест без тело!
Молох кој низ страв ми ја одзеде мојата природна екстаза!
Молох кого го напуштам! Разбуди се во Молох! Светлина блика од небото!
Молох! Молох! Роботски станови! невидливи предградија! скелетни трезори!
слепи престолнини! демонски индустрии! сенишни нации!
непобедливи лудници! гранитни мандала! чудовишни бомби!
Си ги скршија ‘рбетите кревајќи го Молох до Небо! Плочници, дрвја, радија,
тони, издигнувајќи го градот до Небото кое постои и е насекаде околу нас!
Визии! предзнаци! привиденија! чуда! екстази! понесени од американската река!
Соништа! поклоненија! просветленија! религии!
цел товар на брод од чувствителни лајна!
Пробиви! преку река! безумија и распетија! однесени од потопот! Восхитенија!
Богојавленија! Очајанија! Десет години на животински риканија и самоусмртенија!
Умови! Нови љубови! Луда генерација! долу карпите на времето!
Вистинска света смеа во реката! Сето тоа го видоа! дивите очи! светите викоти!
Рекоа збогум! Скокнаа од покривите! во самотијата!
мавтајќи! носејќи цвеќе! Долу кон реката! во улицата!
III
Карл Соломон! Со тебе сум во Рокленд
каде што си полуд од мене
Со тебе сум во Рокленд
каде што бездруго се чувствуваш многу чудно
Со тебе сум во Рокленд
каде што се угледуваш на сенката од мајка ми
Со тебе сум во Рокленд
каде што си ги убил своите дванаесет секретарки
Со тебе сум во Рокленд
каде што се смееш на овој невидлив хумор
Со тебе сум во Рокленд
каде што сме големи писатели на иста стравотна машина за пишување
Со тебе сум во Рокленд
каде што состојбата ти стана критична за која се јавува преку радио
Со тебе сум во Рокленд
каде што способностите на черепот веќе не ги примаат црвите на сетилата
Со тебе сум во Рокленд
каде што го пиеш чајот од градите на старите моми на Утика
Со тебе сум во Рокленд
каде што правиш игра на зборови врз телата на твоите негувателки — харфи од Бронкс
Со тебе сум во Рокленд
каде што врескаш во лудачка кошула оти ја губиш играта на стварниот пингпонг на понорот
Со тебе сум во Рокленд
каде што удираш на кататонично пијано душата е невина и бесмртна и не треба никогаш да умре безбожно во вооружена лудница
Со тебе сум во Рокленд
каде што уште педесет електрични шокови не ќе ти ја вратат пак душата во телото од нејзиниот ацилак до крстот во ништото
Со тебе сум во Рокленд
каде што ги обвинуваш лекарите за твоето лудило и ја готвиш Еврејската социјалистичка револуција против фашистичка национална Голгота
Со тебе сум во Рокленд
каде што ќе ги расцепиш небесата на Лонг Ајленд и ќе го воскреснеш твојот жив човечен Христос од натчовечката гробница
Со тебе сум во Рокленд
каде што има дваесет и пет илјади луди другари кои сите заедно ги пеат последните строфи на Интернационалата
Со тебе сум во Рокленд
каде што ги гушкаме и ги целиваме Соединетите Држави под нашите чаршафи Соединетите Држави што кашлаат по цела ноќ и не нè оставаат да спиеме
Со тебе сум во Рокленд
каде што електрифицирани нè будат од кома авионите на нашите души што громотат над покривот дојдени да фрлат ангелски бомби болницата се осветлува замислените ѕидови се рушат О исцибрени легиони јурнете надвор О ѕвездено-прошарен шок на милосрдието вечната војна е тука О слободо заборави ја својата долна облека ние сме слободни
Со тебе сум во Рокленд
во моите сништа ти одиш капејќи од морскиот пат по автопатот низ Америка во солзи до вратата на мојата куќичка во Западната ноќ.
Сан Франциско, 1955–1956.

На крајот, информацијата дека Ален Гинзберг почина на 5 април 1997 година во Њујорк, а само неколку месеци подоцна замина и Вилијам Бароуз. Тие му се придружија на Керуак, кој замина млад, во 1969 година. Со тоа светото тројство повторно се сретна во еден поинаков контекст, веројатно разговарајќи дали во новиот милениум ќе се појават нивните наследници. Денес, четврт век подоцна, за жал се’ уште не е на повидок некоја нова „Бит генерација 2.0“. Или можеби се лажам!?
