Баба ми Илина се родила четиринаесет години по Илинденското востание.
Којзнае како ја преживеала Првата светска војна.
Баба ми Илина била играорка, така го запознала дедо ми.
Многу ора минале додека се „шмекале“.
Таа била две години постара, тоа тогаш било „во мода”.

Баба ми Илина подоцна станала свесна дека се омажила за партизан,
со длабок шрапнел во грбот.
Родила шест деца, две од нив починале на бебешка возраст.
Баба ми Илина носеше фута, престилка, фустан, долги чорапи и шамија.
Кога ќе не’ грабнеше со силните раце и не’ држеше в прегратка,
се чувствувавме најсигурно на светот.
Баба ми Илина имаше тивка насмевка, едвај можевме да ја чуеме,
а сакаше често да се смее.
Со нас гледаше филмови, и без предрасуди знаеше да заплаче.
Баба ми Илина ги правеше најубавите мекици, мусаката не и’ беше лоша,
а гравчето – фантазија!
Таа работеше на поле до зајдисонце, барабар со мажите.
Никогаш не се пожали ниту на главоболка.
Баба ми Илина беше шеќераш и на крајот и’ пукна срцето,
од љубов кон сите нас.
Тоа ми беше прво соочување одблизу со смртта,
бев шесто одделение.
Четири децении откако ја нема.
Ова е нејзин ден, Илинден.
За многу години.
