По светската премиера во јуни на угледниот „Трибека“ фестивал во Њујорк, како и регионалната на Саревскиот филмски фестивал во август, каде ја доби „Special youth perspective award“, вториот авторски игран филм „Скејтањето не е за девојчиња“ на Дина Дума синоќа ја доживеa и македонската премиера, отворајќи го новото издание на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола. Најавите велат дека филмот набргу ќе може да го види и пошироката публика во домашните кина.

По дебитнтскиот филм „Сестри“, Дума влезе во нова авантура која кај музичарите е означена како „синдром на втор албум“, особено ако првенецот бил успешен и наградуван продукт. Доколку таа „состојба“ ја транспонирме во филмската уметност, тоа значи дека очекувањата од стручната јавност и од публиката може да претставуваат додатен и непотребен притисок врз авторката. Но сценаристката и режисерка отворено се фаќа во костец со темата која решила филмски да ја обработи, со сите предизвици кои можеле и поинаку да се продлабочат.
Радува тоа што Дума е дел од новата генерација македонски автор(к)и која сака да им даде глас на младите луѓе, чиј светоглед е во формирање, обременет со милион информации на ден од социјалните мрежи. Тоа е специфична територија на кој се сопнале и многу поискусни филмаџии од неа, не само кај нас. И ако во „Сестри“ му погледнува директно во очи на светот на тинејџерите и нивното соочување со ситуацијата која ја „разголува“ до коски нивната немоќ да бидат добри и емпатични субјекти, во новиот филм режисерката се нурнува во заедницата на Ромите каде многу нешта се традиционлно однапред зададени. Таа вели дека идејата за овој филм ја добила кога на кејот на Вардар видела една девојка со превез како страстно го вози својот скејтборд, воопшто не обрнувајќи внимание на околината, и оттогаш почнала да ја пишува приказната која до нејзината финална реализација изискувала и живот во ромската заедница, за што подобро сфаќање на нивното поимање на светот.

Македонската и регионалната кинематографија имаат многу примери во изминатите децении, повеќе или помалку успешни, на обработката на ромскиот живот на големото платно. Дума лесно можела да падне во стапица доколку се обидела барем малку да подражава некое од тие дела. И среќа што не е така. Таа си ја тера својата развојна филмска линија, во која се навраќа на многу нешта успешно апсолвирани во првенецот, почнувајќи од основната човечка релација, односот и блискоста меѓу двете девојки, двете „сестри“. Во случајов тоа се двете Ромки чие заедништво се засилува откако ќе западнат во се’ поголеми животни предизвици, во кои тие не сносат никаква вина.
Актерката и активистка Симонида Селимовиќ е вистински носител на дејствието, но и на целиот шарм на филмот. Нејзината Есма е жената која мора да се бори за своето семејство, притоа носејќи се со сите предизвици со кои попатно се соочува. Сето тоа таа го изразува преку своите емоции чисто видливи на нејзиното лице, кое вреска за излез и нормален и среќен живот за нејзините ќерки. Нив, пак, ги играат Ефќар Абаз и Џефрина Јашари, чие прво искуство пред камерите е и повеќе од задоволително.

Влезот во филмот е спотовски, со екран разделен на неколку прозорци, во кои скејтањето претставува бегство од реалноста. Токму за него се одлучува помалата Адела, како начин на себеизразување и симболичен исчекор од заедницата на која и’ припаѓа, а подоцна и можност со заработените пари од натпреварот да и’ помогне на постарата сестра да не дојде пред свршен чин, да се мажи под принуда. Скејтањето понатаму, во текот на филмот, останува на ниво на плакат на кој режисерката само попатно ќе му се наврати, потсетувајќи не’ дека во меѓувреме треба да го решава погледот врз социјалниот момент на нејзините протагонистки, како предизвик кој за нејзина возраст претставува голем залак. Затоа оваа улична страст на четири тркал(ц)а близу до асфалтот останува само како мамка за младите гледачи, на кои претежно и им се обраќа овој филм. Притоа жестокиот хип-хоп како музичка подлога совршено одговара на визуелното пакување на сцените.

Фасцинирана од ритуалите на Ромите, авторката на филмот минуциозно не’ потсетува на многу детаљи од секојдневниот живот, од цигарата во песокта крај гробот, за мртовецот да испие тутун бидејќи бил страстен пушач, преку зарибаното Југо и златниот заб, па се’ возењето на рингишпил и уживањето во шеќерната волна. За автентификација на контекстот, Дума им дава мали, но симпатични ролји на познатите телевизиски херои Цирко и Северџан.
Таков е животот во тесните маала низ Шутка, каде луѓето неминовно се свртени кон себе, додека камерата внимателно ги слика слика создавајќи чувство на клаустрофобија. А широчината доаѓа со свадбата, оној момент кога сите се весели и напиени, без разлика што врз чаршафот на прозорецот ја нема посакуваната црвена боја на крајот . Бавното развивање на дејствието како да соодвествува со бавното течење на времето во заедницата во која секој момент се’ е можно, освен менувањето на одредени правила што младите ги држат во пранги. Затоа на крајот и се’ е очекувано и предвидливо, дури и бегството на Зара, кое е само прашање на време кога ќе се случи.

„Сар сијан“ е едно од прашањата кое авторката најверојатно ќе го добива на фестивалите ширум светот, онаму каде што филмот ќе се прикажува. Таа притоа може едноставно да одговори „Шукар хом“, бидејќи овој филм има сила да искомуницира со секоја публика од различно културолошко поднебје, без страв дека тоа можеби нема да се случи. Први во тој ред се домашните кино гледачи, и од нивната реакција ќе зависи дали за овој филм ќе се зборува подолго од само една филмска сезона.
