30 години Фолтин

Утревечер сите патишта водат кон Хераклеја, онаму кадешто приказната започна пред три децении. Фолтиновци полнат триесет лета – три децении исполнети со музика, три декади во кои тие (о)станаа светски, а наши, триесет години во кои ги поминаа сите фази што еден бенд можеше да ги помине, а на крајот, сепак, и покрај сите предизвици, се’ уште се заедно. А тоа вреди да се прослави.

Годината е 1997, војната на Балканот веќе е зад нас, музичката сцена во „оазата на мирот“ е потентна, и одеднаш се појавува носач на звук насловен Outre-Mer“, кој ја разбива доминацијата на триото „Анастасија-Архангел-Мизар“. Добивме интересен пејзаж кој го содржеше духот на медитеранскиот звук зачинет со разни свирчиња, прапорчиња и орални вратоломии. Едвај чекавме да го чуеме сето тоа во живо. И не се излажавме. Присуството на концерт на Фолтин беше (и се’ уште е!) вистинско доживување од сите аспекти. Имав среќа во овие три декади, во различни фази, да ги гледам на различни отворени и затворени сцени, и верувам дека утревечер ќе биде спектакуларно, затоа што „облаците и небото се море немирно“, а тоа е многу важно, бидејќи немирот создава нови, инспиративни светови.

Следеа албумите „Архимед“, „Donkey hot“, „Lo-Lee-Ta-Too“, „Penelope X“, „Антитело“, „Пијан славеј“… се’ бисер до бисер, музички патувања во кои бендот експериментираше и освојуваше нови музички територии, а сепак на крајот беа тие, Фолтиновци. И во тоа лежи нивната тајна. Во песните пејат на различни светски јазици, притоа создавајќи и свој, т.н. „спонтан есперанто“, но најдобрите песни ги направија на македонски јазик, „кокетирајќи“ со традиционалната македонска поезија, ставајќи ја во музички контекст и давајќи и’ нов живот. Така доживувањата на Милица во чичовото градинче си добија и современ шмек.

Во меѓувреме, нешто слично како „Radiohead“, членовите на бендот направија еден куп филмска и театарска музика, како и side-проекти кои, види чудо, сите звучат модерно и свежо, небаре матичниот „Фолтин“, додека свиреше на разно-разни промотивни настани за големите компании налевајќи се со скопско пиво, како кожата да му беше претесна за се’ што можеше да се отсвири што се има на ум. А дарбата и инспирацијата ако се еднаш дадени, фала богу, тие никогаш не секнуваат.

И еве не’, со квантен скок, повторно во актуелната 2026 година, во очекување на настанот со кој Фолтиновци ќе го прослават јубилејот од својот прв концертен настап во родниот град. Се потсетуваме на стариот, добар битолски виц: „Што вели секси Битолчанката? Ќе ти дадам ако ме поштуеш“. Нам бендот во овие триесет години ни подари многу музички оргазми, и верувам дека ќе биде така и овој пат, иако веќе сите сме во години 🙂

Интересно, пред пет години, кога се славеше 30-годишнината од македонската државност, имав можност да поразговарам со музичарите кои по тој повод настапија на непрежалената плажа „Оревче“ во Охрид, a меѓу нив и „Фолтин“, како заокружување на тридневниот музички спектакл. Тогаш Бранко беше пет години помлад, но веќе свесен и наполно зрел за да може да се сврти наназад и да направи лаф-муабет за доживувањата со своите натурализирани медитеранци. Тоа нека биде фин вовед во настанот утревечер. Развалете, момци Фолтинци 😉