Три песни од Ненад Јолдески

По неколкуте прозни книги, деновиве Ненад Јолдески е актуелен со својата прва стихозбирка насловена „Како паѓаме јас и ти“ во издание на „Бегемот“. Книгата беше промовирана во рамките на книжевниот фестивал „АртАреа под Kрошна“, содржи 29 песни, а во продолжение, по субјективен избор, читаме три од нив 😉

Практична ботаника

Го сечат дивиот костен
по кој се јазевме како деца
сеедно е каква глупост ќе никне
и со една падната гранка
се бодеш кај срцето

Дома се дезинфицираш, лепиш фластер
те боли како да те удрил гром

Потоа се менуваш:
под пазувите ти расте мов
по целото тело се будат
заспани епикормни пупки од младоста
косата и рацете ти се шират
нагоре кон светлината
низ носот и ушите се наѕира срцевина
нозете се вкоренуваат в земја
кожата ти обелува
и го одбива сонцето
наместо зборови
шумолиш на јужниот ветер

Те наводнувам
те кастрам
те чувам

Распаѓањето на раната
значи
распаѓање на срцето
компартментализирано
тоа сега е само дупка
што расте во изолација

Ќе поминат многу години
пред во неа да се населат
две верверички

***

Јас, Магелан

Јас, Магелан,
исцртувам линии на твоето тело
меѓу твоите препони мојот екватор
меѓу твоите четири усни
мојот главен меридијан
и го знам секој сантим
на твојата земја
од арктичкото студенило
во твојата глава
преку пустината
околу твојот папок
се’ до твоите санта пети
јас насетувам
каде ќе израснат магнолии
и каде животот ќе замре
во колку часот ти заоѓа сонцето драга
и кога се раѓа влажната ѕвезда
во твојата рака

Ротира
ротира твоето тело
околу мојата замислена оска
и јас знам се’
и јас гледам се’
но не и дека бавно
сум запловил накај Филипините

***

Час по геометрија

Незаинтересирано и отсутно
зјапа во учебникот по геометрија
и за да извлече нешто
добро од ситуацијата
на маргините запишува
мојата глава е
глобус на твојата
тркалезна љубов
кога се врти пребрзо
паѓам во несвест

Потоа го спушта моливот
и како да му се лоши
легнува и заспива
над отворената книга

Сонува звуци на труби
и метеорски дожд
на плажата на одморалиштето
„25 Мај“ во Струга

Август е
зрело лето
од дрвјата капе мед

На светот
му се ближи крајот