Овој понеделник, во рамките на проектот „Македонски филм. На големо платно“, публиката во кино салата 5 во „Синеплекс“ во редовниот термин од 19 часот бесплатно ќе може да погледне блок од четири кратки филмови на македонски режисери.

„Ракетно моделарство“ (2024), Златко Калеников
Единаесетгодишниот Калин сонува да стане космонаут и изработува модели на ракети. Ја дели собата со помалата сестра Леа која сака да учествува во неговите игри. Филмот го истражува конфликтот помеѓу остварувањето на сопствените соништа и влијанието на средината врз вербата на едно дете.
Во главните детски улоги настапуваат Дамјан Ѓуроски, Матја Милан, Бранислав Пеликон и Максим Радевски, а во филмот играат и Никола Ристановски, Катерина Коцевска и Петар Мирчевски.

„Дали си маж?“ (2023), Ѓорче Ставревски
Филмот ја следи приказната за 7-годишнот Марко кој расте со својата самохрана мајка (Мирјана) додека родителите се разведуваат. При посетата на пријателката на мајката заедно со нејзиниот пијан сопруг, тој почнува да ја исмејува машкоста на момчето. За да го предизвика и тестира, го испраќа на ноќна мисија – да однесе запалка под блискиот мост. Оваа навидум безопасна детска игра и притисок води до судир со суровата реалност и болен пресврт дома.
Главните улоги ги толкуваат Данило Ивановски, Сашко Коцев, Душица Настова, Драгана Костадиновска и Александар Микиќ.

„Еден тон сладолед“ (2022), Сандра Ѓоргиева
Петнаесетгодишниот тинејџер Ведран за малку ќе ја собори со велосипед малата Стефи, поради што таа го испушта својот сладолед. Одземен од грижата на совест и внатрешниот притисок, тој решава да купи нов сладолед за да ѝ се оддолжи. Но додека се обидува да ги следи за да им го предаде, ситуацијата станува апсурдна бидејќи сладоледот почнува да се топи по патот, уште повеќе усложнувајќи ја ситуацијата.
Во главните улоги ги гледаме Јелена Јованова Периќ, Бодан Киранџиски и Јована Иванова.

„Допир“ (2017), Стојан Вујичиќ
Филмот ја следи приказната за десетгодишното аутистично дете Алек. За време на семејниот престој во паркот, тој се одвојува од родителите и го истражува светот низ сопствената перцепција, следен од мистериозен висок човек со темни очила што само тој го гледа, додека во позадина се слушаат повиците на загрижените родители додека Алек се приближува кон езерцето.
Улоги: Кристијан Пауер, Дејан Лилиќ, Несрин Таир…

