„што барам во оваа недојдија“, најава

Сите ние дома имаме еден куп книги положени таму-ваму низ просторот што чекаат да ги голтнеме. И се’ почесто се случува паралелно да читаме по неколку од нив.

Но кога последен пат сте прочитале вистинска книга? Роман кој во текот на читањето поттикнува многу размислувања, отвора многу прашања и нема да ве остави спокојни? И кога конечно ќе го завршите, ќе се прашате: како сум? Подобар/подобра? Посилен/посилна? Дали се сменив, или сум истиот/истата пред да почнам да ја читам книгата? Што е тоа што ми влезе под кожата?

Пишувањето е осаменички чин, и она што сакам да ми се случи кога сум длабоко опседнат со тој процес е да ме здроби на парчиња, и пред да продолжам понатаму, неколку дена да не можам да си дојдам на себе.

Претчувствувам дека тоа задоволство ќе го има и читателот. Додека е нурнат внатре, во неговата структура и приказна, ќе почувствува како да држи искршено стакло во рацете, кое остава крвави траги што нема да го остават на мира. Со денови.

Утре (5 ноември) излегува романот “што барам во оваа недојдија”!

@ Слика и дизајн на корицата: Никола Пијанманов, „Предградие“ (2023), комбинирана техника на медијапан, 100x80cm