Историја на филмскиот жанр – ВОЕН ФИЛМ
По „разголувањето“ на вестернот и научната фантастика, некако природно се наметна
серијалот да го продолжиме со жанрот што во изминатите декади остави десетици влијателни наслови што ја испишаа филмската историја. Дами и господа, добре
дојдовте во приказната за воениот жанр
Војната, како разорувачка машинерија на сите човекови материјални и интелектуални ресурси, е како создадена за широка опсервација на големото платно. Крв, солзи, драма, заплет, расплет и уште многу други елементи се идеални за сценаристите и режисерите да расплачат, или да разгневат, милиони гледачи ширум светот, постигнувајќи ја основната цел: голема гледаност и, пред сè,исплатливост на проектот. Меѓутоа, филмските дејци од почетокот на филмската историја, при преминот од 19 во 20 век, сè уште немале ниту технички можности, ниту јасна визија дека толку чувствителната тема може да ги зголеми апетитите на публиката за масовно посетување на кината.
Почнувајќи од браќата Лимиер и нивните скромни обиди, преку нашите Милтон и Јанаки Манаки, кои со својата камера 300 документаристички го снимиле влегувањето на турскиот аскер во Битола, па преку другите европски автори, кои исто така само како прибелешки, одвреме-навреме забележувале што се случува на воен план на Балканот и на стариот континент, немаме некое навестување за посериозно третирање на војната преку филмскиот медиум. Во меѓувреме, се случија Балканските војни, се случи и Првата светска војна, и конечно човештвото го добива првиот филм за војната, така исфрлајќи ја на виделина можноста за зачеток на нов жанр, што десетина години подоцна ќе биде еден од двигателите во филмската индустрија.
Нормално, првиот воен филм го сними режисер од другата страна на Атлантикот. Се работи за легендарниот Дејвид В. Грифит, кој преку приказната за судбината на две семејства за време на Американскиот граѓански судир во 19 век, на голема врата ја внесува војната на големото платно. Неговиот филм „Раѓањето на нацијата“ (1915) ги воодушеви сите, бидејќи, на некој начин, го отсликува создавањето на модерната американска нација, и покрај контроверзните ставови околу движењето Кју клукс клан, сцени што паднаа пред американските цензори. Пионерот на воениот жанр и подоцна активно снимаше дела со слична тематика, па дури и пропагандни филмови, како „Срцата на светот“ (1918), и поради сите овие заслуги во издигнувањето на моралот на американскиот народ, во 1935 година му беше доделен „Оскар“ за животно дело.
https://www.youtube.com/watch?v=8Gni3Es9ACg
Сознанијата за ужасната реалност и човечката цена на модерната војна на најдобар начин, на почетокот на раѓањето на жанрот, маестрално ги посочи уште еден голем американски режисер. Филмот на Кинг Видор, „Големата парада“ (1927), на епски начин ги прикажува некои од најреалистичните воени сцени воопшто снимени во филмската историја. Секако, инспирацијата за приказната авторот ја наоѓа во веќе споменатата Прва светска војна, која однесе милиони невини животи. „Крилја“ (1927), „На Запад ништо ново“ (1930), „Големата илузија“ (1937) се уште неколку наслови посветени на најбескрупулозната војна во историјата, која дури и по Втората светска војна, многу повеќе ги инспирираше писателите и филмаџиите. Некои од најголемите антивоени остварувања, како „Патеки на славата“ (1957) и „Галиполе“ (1981) се посветени токму на годините 1914- 1918, а зошто е така објаснува сценаристот/режисер Вилијам Бојд: „Денес е многу тешко да се замисли колку бизарно и страшно искуство била таа војна и како можела да трае дури четири години. Луѓето сфаќаат зошто се случила Втората светска војна – Хитлер сакал да го освои светот – меѓутоа, Првата светска војна е чудна и небулозна и токму затоа со години ги инспирира филмаџиите, писателите, театарџиите, кои постојано се прашуваат: како ќе реагиравме доколку ние бевме таму?“
https://www.youtube.com/watch?v=WMb0G6VS7CE
Сепак, и Втората светска војна е една од најексплоатираните цивилизациски распаѓања во историјата на седмата уметност. Интересно, за тоа време се снимени неколку наслови инспирирани токму од неа. Се работи за „Г-ѓа Минивер“ (1942) на Вилијам Вајлер, „Во Ваша служба“ (1942) на Дејвид Лин и „Тие беа непотребни“ (1945) на Џон Форд, кои тогаш биле актуелни и го кревале духот на нацијата.
Освен двете светски војни, во втората половина на 20 век главна инспирација за проширување на границите на воениот жанр филммејкерите наоѓаа во Корејската војна (1950-1951), преку насловите „Ридот ’Свински котлети‘“ (1959) на режисерот Луис Мајлстоун, и култниот „Меш“ (1970) на Роберт Алтман, кој потоа доживеа и своја
телевизиска многуепизодна адаптација, но и во неизбежната Виетнамска војна. Затоа што ова воено искуство е болна точка во американската историја, за време на нејзиното траење, речиси нема ниту еден филм што сериозно ќе ја третира оваа тематика, што се припишува на силната државна стратегија на цензорите, притиснати од политичкиот врв.
Дури по завршувањето на Виетнамската војна, беа снимени можеби најдобрите остварувања во овој жанр, почнувајќи од оскаровецот „Ловец на елени“ (1978) на Мајкл Чимино, „Апокалипса сега“ (1979) на Френсис Форд Копола и славната трилогија на режисерот Оливер Стоун и ветеранот од конфликтот во југоисточна Азија: „Вод“ (1986), „Роден на 4 јули“ (1989) и „Небо и земја“ (1993). Всушност, сите овие филмови се психолошки студии за ефектите од безмилосната војна, кои предизвикуваат гадење, сожалување, емпатија…
Како се ближеше крајот на векот, така филммејкерите повторно се навраќаа на траумите од војните последниве сто години, барајќи барем трошка хуманост во нив. Стивен Спилберг со наративната приказна за холокаустот, „Шиндлеровата листа“ (1993), и шокантниот „Спасувајќи го војникот Рајан“ (1998) за момент го освежи жанрот, а дека воената тематика дефинитивно ги инспирира филмските автори за да направат некои од најдобрите филмови во историјата, докажува и случајот со Теренс Малик, кој по 25-годишна пауза се врати на големото платно со прекрасниот „Тенката црвена линија“
(2001), безвременски еп за храброста и лудилото на протагонистите во војната.
Историјатот на воениот жанр ќе го заокружиме онака како што го почнавме, со враќање на европска филмска почва. Чудно, но вистинито: иако двете големи светски војни се случија токму на територијата на Старата дама, сепак нема многу наслови во минатото што можеме да ги забележиме како филмски репрезенти на европскиот континент. Остварувања вредни за споменување датираат од поново време, но во нив не се прикажува војната на директен начин, туку таа е повод за многуте судбини содржани во овие наслови. Меѓу нив, би ги споменале можеби најдобриот и најпотресувачкиот европски филм за Втората светска војна, рускиот „Оди и гледај“ (1985) на
режисерот Елем Климов, потоа метафизички длабокиот „Зентропа“ (1992) на тогаш сè уште не-догма мајсторот, Данецот Ларс фон Трир, како и „Пад“ (2004), во кој брилира актерот Бруно Ганц во улогата на остарениот освојувач паднат на колена, националсоцијалистот Адолф Хитлер.
Деновиве е актуелен новиот филм на Сем Мендез насловен „1917“, кој по подолго време фрла поглед врз Првата светска војна, и веројатно ќе освои еден куп номинации за Оскар. Реалната и крвава војна на Балканот, особено во Босна, виртуелната војна во Заливот, како и оние во Ирак и Авганистан, освен неколку лоши остварувања, сè уште чекаат солидна екранизација, што повторно ќе осудува, но и возвишува… сè во чест на неговото
височество, Гледачот.