Биографски белешки за уметноста, сексот и лудилото

Животот на славните сликари на филмското платно

Филмскиот и сликарскиот занает, колку и да се различни, сепак факт е дека клучниот момент и кај обете уметности е визуелноста. Оваа спојувачка нишка многу години лебдела во воздухот, сè додека филмаџиите не се досетиле дека токму седмата уметност е идеален медиум за транспонирање на „таинствениот“ живот на славните сликари на големото платно  

За жал, во периодот пред Втората светска војна се снимени малку наслови во кои централен лик е животот на некој сликар. Единствено вреден за споменување е „Рембрант“ (1936) на Александер Корда, во кој снимателот Жорж Перинал успеал да го долови прочуеното „Рембрантово светло“ преку фотографијата на филмот.

https://www.youtube.com/watch?v=4A0a3jLCVWM

Периодот по војната е сосема друга приказна. Славниот роман на Ирвинг Стоун, „Жед за животот“ (1956), во рацете на режисерот Винсент Минели се претвори во вистинска биографска филмска лектира. Но, одличната игра на Кирк Даглас не беше наградена со „Оскар“, кој отиде во рацете на Ентони Квин за споредната улога на Пол Гоген.

На темата „животот на сликарот со едно уво“ филмаџиите се навратија и на почетокот на деведесеттите, и тоа Роберт Алтман со „Винсент и Тео“ (1991) во кој Тим Рот брилјира како Ван Гог, а тука е и интелектуалниот „Ван Гог“ (1991) на францускиот режисер Морис Пјала.

Најпродуктивниот сликар во 20 век, Пабло Пикасо, беше овековечен од страна на Анри-Жорж Клузо во документарецот „Мистеријата Пикасо“ (1956). Во него лично уметникот зборува за својата работа, сликајќи пред окото на камерата безброј дела, што се уништени веднаш по снимањето. Многу години потоа неговиот живот го чепна и Џејмс Ајвори во „Преживувајќи со Пикасо“ (1996), во кој приказната за женољубецот-женомрзецот, маестрално одигран од Ентони Хопкинс, ја раскажува неговата љубовница Франсоаз.

Од руската кинематографија ни доаѓа безвременското ремек-дело „Андреј Рубљов“ (1969) на режисерот Андреј Тарковски, снимен по сценарио на третиот Андреј, овој пат Кончаловски. Приказна за истоимениот сликар на икони од 15 век раскажана во црно-бело всушност е премонтирана верзија на оригиналот насловен „Страданието според Андреј“ од 1966 година, кој настрадал од руските цензори во времето на Брежњев. Но упорниот Тарковски само три години подоцна на светот му го подари едно од клучните филмски дела во 20 век, кое и ден-денес претставува вистинска филмска лектира за сите сладокусци.

A прв што се осмели да сними биографски филм за ренесансен сликар е Дерек Џарман, кој со „Караваџо“ (1986) ги воодушеви сите. Приказната за сексот, уметноста и парите од 17 век, во која сликите на Мајсторот, игран од Најџел Тери, се повторно креирани со живи актери, на режисерот му ја донесе „Сребрената мечка“ во Берлин.

Еден од ретките успешни афроамерикански сликари, Жан-Мишел Баскија, е тема за опсервација во филмот на Џулијан Шнабел – „Баскија“ (1996). Од уличен графити цртач до успешен уметник е неговата кратка 27-годишна животна сторија, под покровителство на поп-арт гуруто Енди Ворхол, убедливо одигран од неговото алтер-его, Дејвид Боуви.

https://www.youtube.com/watch?v=U6ibOFlSM6o

Следува „Љубовта е ѓавол“ (1998), портрет на контроверзниот британски сликар Френсис Бејкон. Режисерот Џон Мејбери преку флешбекови нè втурнува во животот на Бејкон, игран од Дерек Џејкоби, од неговите машкоженско експерименти, сè до големиот успех во Париз во 1971 година, сето тоа зачинето со привлечниот саундтрак на Ричи Сакамото.

Една година подоцна Карлос Саура ни го подари „Гоја во Бордо“. Доминантната црвена боја со која се облагородени неговите слики, и на сликарското и на филмското платно прекрасно ја доловува директорот на фотографија Виторио Стораро. Потоа следеше и  „Духовите на Гоја“ на режисерот Милош Форман, уште еден специфичен биографски поглед на големиот шпански сликар од 19 век.

Животот и делото на американскиот сликар Џексон Полок, пак, е комплетно авторско остварување на Ед Харис. Предводникот на „апстрактниот експресионизам“ никогаш не бил комплетно задоволен од постигнатото и често запаѓал во неверства и алкохолизам. Токму хаотичниот внатрешен свет на сликарот е темата во „Полок“ (2000).

И конечно, жена во текстов! „Фрида“ (2002) е медитација на тема „животот и делото на славната мексиканска сликарка“, која го задолжи светот со своите прекрасни слики исполнети со различни бои и чувства. Прецизната биографска приказна, проследена со магичен саундтрак, ни ја раскажува режисерката Џули Тејмур, а Селма Хајек е идеалната двојничка на Кало.

Енди Гарсија е клучниот човек за успешното доловување на цртичките од животот на италијанскиот сликар со постојан престој во Париз, Амедео Модилјани. Во филмот со едноставен наслов „Модилјани“ (2004), режиран од Мик Дејвис, сцени за паметење се оние во кои дуализмот помеѓу веќе споменатиот Пикасо и романтичниот Модилјани предизвикуваат искри на сите страни. Амедео е погребан на славните гробишта  „Пјер Лаше“, и при мојата посета на Париз направив една фотка за спомен.

Да го споменеме и филмот „Климт“, во кој Џон Малкович го толкува декадентниот австриски сликар, чиишто дела го одбележаа почетокот на 20 век. За жал, режисерот Раул Руиз во текот на филмот како да ги испушта конците од своите раце и од оваа биографска сторија прави едно, во најмала рака, конфузно остварување.

И на крајот, за да не завршиме негативно, препорака, доколку се’ уште не сте го сториле тоа, да го погледнете „Девојката со бисерна обетка“ (2003), во кој животот на холандскиот сликар Вермер е само дел од приказната, но со сигурност ќе ве маѓепса неговата муза, играна од Скарлет Јохансон.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *