Рокументарци

Oвековечување на влијателните музички херои

Жанрот „Рокументарец“ на наједноставен начин кажува дека се работи за документарен филм за рок музиката и за нејзините претставници. Терминот прв го употребил Бил Дрејк во 1969 година во радиоемисијата „Историја на рокенролот“, а подоцна и режисерот Роб
Рајнер во филмот „This is spinal tap“ (1984)

Многу е фино кога големи режисерски имиња ќе решат да направат рокументарец-посвета на омилените музичари и бендови. Мартин Скорсезе во 1978 година во историјата ги испрати славните музички имиња од „Бенд“ со „Последниот валцер“, во следната декада Џонатан Дем на светот му го подари „Престанете да создавате
смисла“ за њу-вејв хероите „Токинг хедс“, Џим Џармуш ги следеше Нил Јанг и „Крејзи хорс“ на нивната светска турнеја во деведесеттите години во „Година на коњот“, додека во новиот милениум, Антон Корбијн конечно ја раскажа приказната за култните Ијан Кертис и „Џој дивижн“ со прекрасниот „Контрола“. 
Во следните редови им отстапуваме простор на некои позначајни рокументарци снимени во првите две декади од новиот милениум, така овековечувајќи ги на големото платно легендарните имиња „Ролинг стоунс“, Боб Дилан, Брус Спрингстин, „Дорс“, Пети Смит… Уживајте во приказните на рокументарците, бидејќи тие се спој на две прекрасни нешта – музиката и филмот. 

„СТОУНСИ ВО ПРОГОНСТВО“ на Стивен Кајџек

Граѓаните на Њујорк сведочат дека присуството на „Стоунси“ го закочил сообраќајот во Големото јаболко, па морале да бараат алтернативни начини за транспорт за да ги завршат своите зацртани обврски. Мик Џегер, Кит Ричардс и Чарли Вотс беа дел од премиерата на документарецот „Стоунси во прогонство“, што, интересно, се случи во славниот МОМа, Музејот на модерна уметност во Њујорк. Овој проект го режираше Стивен Кајџек и тој содржи досега необјавени фотографии, како и снимки од сесиите на бендот во Франција, за време на снимањето на албумот „Exile on main street“, што потоа
биле миксани во Ел-Еј. Неговото појавување се смета за добар маркетиншки потег поради паралелното излегување на ре-изданието на легендарниот албум од 1972 година, колекција што ги вклучува класиците како „Happy“, „Rip this joint“, „Tumbling dice“…, омилената тема од албумот на фронтменот Мик Џегер, која и ден-денес ја изведува на концертните турнеи.

https://www.youtube.com/watch?v=UXcqcdYABFw

„ВЕТУВАЊЕ“ на Том Цимни

Една од главните ѕвезди на филмскиот фестивал во Торонто во беше и музичката легенда Брус Спрингстин, но не поради концертната турнеја во овој канадски мултиетнички град, туку поради премиерата на документарниот филм „Ветување“, чијшто поднаслов „снимањето на албумот Darkness on the edge of town“ кажува буквално сè. Појдовна точка за реализација на овој интересен проект бил доку-материјалот што режисерот Том Цимни го нашол во своите архиви и од кој по неговото гледање сфатил дека тој претставува вистинска рок антологија, бидејќи го прикажува Спрингстин во младите денови, кога сè уште не бил толку славен и кога го снимал еден од неговите најдобри и омилени албуми во кариерата. За љубителите на стариот рокер кој сè уште е во добра форма, „Ветување“ е вистински погодок.

„БЕЗ ПРАВЕЦ КОН ДОМОТ: БОБ ДИЛАН“ на Мартин Скорсезе

Клучен рокументарец во декадата што измина дефинитивно е овој комплексен документарен филм за животот и делото на еден од најголемите музичари во 20 век, трубадурот Боб Дилан. Вистинските фанови на овој музички камелеон, кој гостуваше и во Македонија, со концерт во арената „Метрополис“, вистински се израдуваа кога дознаа дека мајсторот Скорсезе решил на величествен начин да ги претстави животот и кариерата на големото платно на еден од највлијателните музичари воопшто во современата музика. Овој три и полчасовен документарец содржи многу раритетни снимки од интервјуа и концерти на Дилан од шеесеттите години, па наваму, и претставува вистинско ретро на годините кога музиката значеше „револуција на умот“. Капата долу – вистинска бајадера!

„КОГА СИ НЕОБИЧЕН: ФИЛМ ЗА ДОРС“ на Том ди Сило

Рокументарецот за славните „Дорси“ фрла сосема нова светлина врз годините на авантура на славниот бенд. „Кога си необичен: Филм за Дорс“ е остварување низ кое ве води гласот на Џони Деп, кој во неколку наврати ја чита поезијата на бунтовниот Џим Морисон, која и понатаму звучи вонвременски. Рокументарецот содржи еден куп фотографии што уште од раните настапи на „Дорс“ ги направил Пол Ферера, другар на Морисон од УКЛА, кој го следел бендот до неговиот распад. Исто така, членовите на „Дорс“, од оваа перспектива, на многу поинаков начин гледаат на халуциногените излети во својата младост, кога хипиците владееја со светот. Но, најинтересно е да се видат актерските способности на голобрадиот Морисон, чијшто настап во експерименталниот филм од 1969 година, „Автопат“, е интегрален дел од ова остварување. Според
виденото, сигурно ќе направел и добра актерска кариера, бидејќи, како и микрофонот, очигледно и камерата многу го сакала.

„МОРА ДА БИДЕ ГЛАСНО“ на Дејвис Гугенхајм

Главни протагонисти во овој прекрасен рокументарец се тројца музичари – предводници на своите генерации, на кои гитарата им е во крвта. Славниот член на култните „Лед цепелин“, Џими Пејџ, потоа креаторот на звукот на глобално популарните „Ју-ту“, Ди Еџ, и лидерот на „Вајт страјпс“ и „Рикаунтерс“, Џек Вајт, со своите искрени приказни раскажани пред камерата се доволна провокација за сите музички фанови овој еден и полчасовен документарец да им стане вистинска библија. За зближување на трите харизматични ликови, авторот Гугенхајм организирал неколку неформални средби, на кои музичарите многу бргу сфатиле дека го зборуваат истиот јазик. Меѓу другите ексклузивни нешта што ќе ги видите во овој рокументарец се студиото „Hadley grunge“, кадешто се создала легендарната „Stairways to Heaven“ на „Цепелин“, како и посетата на средното училиште во Даблин, во коешто „Ју-ту“ ја имале првата свирка како тинејџери. Незаборавно!

„ПЕТИ СМИТ: СОН ЗА ЖИВОТОТ“ на Стивен Себринг

Овој нетипичен рокументарец се издвојува од сите претходни наслови, бидејќи авторот Стивен Себринг успеал филозофијата на животот што го живее легендарната рок-хероина сите овие години да го преточи во една примамлива поетична визија за светот, што тотално соодветствува со светогледот на поетесата. Филмот содржи буквално сè што е значајно и поврзано со Пети Смит: од автентични снимки од нејзината младост, преку
делови од интимниот живот со нејзиното семејство, па сè до снимки од нејзините настапи на сцената, онаму кадешто таа се чувствува најдобро. Себринг не го заборавил и активизмот на Смит, со кој таа и понатаму останува една од најревносните гласноговорнички и критичари на новиот светски поредок, неретко застанувајќи во првите редови на протестните маршови. Затоа, „Сон за животот“ е вистинска лектира за оние што сè уште не навлегле подлабоко во поимањето на рок-историјата, во која Пети
Смит е една и единствена.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *