На неодамна завршеното издание на „Санденс“, најзначајниот фестивал на независни филмови во светот, оформен и воден од легендарниот Роберт Редфорд, според написите во медиумите, се случија многу работи вредни за забележување. Оваа година „Санденс“ урна неколку рекорди, од разновидноста на понудената програма до продажбата на филмските остварувања, но она што најмногу ги радува организаторите е дека од година во година квалитетот на понудените остварувања е над квантитетот на аплицирани филмови (годинава над 15 илјади наслови). Меѓу нив предничат квалитетните документарни филмови, новите гласови со своја, автентична филмска естетика, но и новите остварувања од веќе докажани автори кои своите први чекори ги направиле токму тука, на фестивалот во Јута.
И сето ова го пишувам со една цел – како потсетување дека успешната приказна на „Медена земја“ која се’ уште трае тргна токму лани во ова време и токму од „Санденс“, каде документарниот филм на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов беше награден со дури три награди, а потоа, само небото стана лимит. Затоа треба да се следи секое наредно издание на „Санденс“, како оддавање на почит кон фестивалот кој го препозна квалитетот на нашите филмски автори и ја вивна нашата држава во фокусот на светското внимание во позитивна смисла, барем одредено време.
А кога сме веќе кај домашната кинематографија, тогаш на почетокот да споменеме дека токму успешната презентација на остварувањата од нашите автори на „Санденс“ широко ги отвори фестивалските врати и за другите автори, па така трета година по ред имавме наш претставник во Парк сити. Краткиот филм „Налепница“ на Георги Унковски не освои награда за продолжување на убавиот континуитет, но филмот беше избран во официјалната селекција со многу други остварувања од целиот свет, и тоа претставува големо искуство за авторот и екипата на филмот во понатамошното освојување на фестивалските простори до крајот од календарската година.
Враќајќи се на главните случувања на „Санденс 2020“, еве неколку настани вредни за споменување, барем според колегите кои ревносно, ден по ден, го следеа фестивалот. Покрај безбројните журки, огномети, свирки… филмските новинари го истакнуваат доаѓањето на Хилари Клинтон на фестивалот, на премиерата на документарниот филм за неа режиран од Нанет Берштајн. Градот го посетиле и Сиена Милер и Диего Луна промовирајќи го заедничкиот филм „Wander darkly“, како и Елизабет Мос со нејзината психодрама „Shirley“ и Џад Ло со улогата во новото остварување „The Nest“. Интерес предизвика и документарниот филм за убиството на новинарот Џалам Кашоги, „The Dissident“, како и драмата „The Father“ во која главните ролји ги толкуваат Ентони Хопкинс и Флоријан Целер. Од познатите режисерски имиња, во ревијалниот дел, премиери на своите нови остварувања имаа Џули Тејмур со „The Glorias“ и Мајкл Алмереида, чиј „Тесла“ со Итан Хоук во улогата на генијалниот научник предизвикаа огромно внимание меѓу љубителите на филмот на фестивалот.
И на крајот, секако, неизбежните наградени остварувања, бидејќи по нив се памети секое издание на фестивалот. Овој пат немаше исклучително остварување како „Медена земја“ да ги собере сите награди, па тие рамноправно беа поделени на поединечни автори во различни категории. По 10 прикажувачки денови и 128 прикажани филмови во официјалните селекции, наградите ги понесоа следниве остварувања:
„Minari“ на Ли Ајзак Чунг ја доби „Големата награда на жирито“ за најдобра американска драма. Во оваа полуавтобиографска семејна приказна, режисерот на експериментален начин го адаптира еден од најпознатите романи на Фленери О’Конор во кој се испреплетуваат политиката, асимилацијата и (не)прилагодувањето на животот во новите општествени околности.
„Boys State“ на Џеси Мос и Аманда МекБејн ја доби „Големата награда на жирито“ за најдобар американски документарен филм, во кој низ призмата на едно 17-годишно момче, авторскиот пар ја следи приказната за политичката коректност низ која поминуваат младите, имајќи можност да нурнат во дворот на двете американски политички партии – Републиканците и Демократите.
„Yalda, A Night for Forgiveness“ на Иранецот Масуд Бакши ја доби „Големата награда на жирито“ за најдобра драма од остатокот од светот. Овој филм копродуциран од Франција, Германија, Швајцарија и Луксембург повторно ја покажува моќта на иранската кинематографија да раскаже приказни од секојдневието во кои простувањето е еден од најсилните мотиви за себеослободување.
Збор-два и за „Epicentro“ на Хуберт Саупер, кој беше прогласен за најдобар документарен филм од остатокот од светот од страна на Санденс жирито. Во ова остварување во фокусот на авторот е Куба како дестинација која претставува временска капсула – таа истовремено се’ уште е релативно негибната, но и’ се заканува финансиски колапс, така што, како што смета авторот, таа истовремено претставува и недопрена утопија, но и огледало во кое во иднина може да се препознаат сегашните земји кои го уживаат капиталистичкиот рај.
До следното издание на „Санденс“, на кое се надевам дека повторно ќе има некое македонско остварување во трка за наградите, ни останува во текот на годината да ги „уловиме“ овие остварувања и да уживаме во нивните пораки, бидејќи филмовите од „Санденс“ секогаш носеле нешто ново со себе, како што, впрочем, покажа и докажа и „Медена земја“.
(Текстот е објавен и на kinoteka.mk)