Оваа недела од печат излезе новата книга од работилницата на ИЛИ-ИЛИ во едицијата „Поеза“. По одличната стихозбирка „Средни години“ од Алеш Мустар, ова е вториот превод во нашата поетска едиција, овој пат од француски јазик, благодарение на студентките од четврта година по француски јазик и книжевност, Ивана Ѓуреска и Рина Јанкуловска, кои под менторство на проф. д-р Ирина Бабамова ги преведоа песните од познатиот патописец и поет Никола Бувје, во двојазичната збирка насловена „Однадвор и однатре (Le Dehors et le Dedans)“.
Со поддршка на Францускиот институт во Скопје во рамките на проектот „Франкофонија 2020“, стихозбирката ни го доближува внатрешниот свет на Никола Бувје, човекот кој го пропатувал Ориентот, Цејлон, Балканскиот полуостров, Јапонија и Ирска, и кој зад себе има оставено безброј незаборавни книги. Како книжевен номад, Бувје спознал безброј „мигови на неподносливи празнини“, кои на читателите им ги пренесува преку своите прекрасни песни. Во предговорот на изданието, советникот за соработка и културна дејност, директорот на Францускиот институт во Скопје, г-нот Емануел Рембер, напиша:
„Однадвор и однатре. Четириесетина текстови. Збирка што се состои од два дела, Однадвор (песни од патувањата, „песни од еден сопатник“) и Однатре (мигот на творењето е со позатемнет тоналитет, сличен на оној на медитирањето за љубовта, за искусеното време). Неизбежно помислуваме на Анри Мишо: „Си заминуваш без мене, животе. Се тркалаш. А јас сè уште го чекам својот прв чекор.“
Однадвор и однатре е единствена збирка поезија од Никола Бувје, објавена за првпат во 1982 година, шест години пред неговото заминување од овој свет. Поезијата е, поточно кажано, прашање на повлекување и на запирање… Чувствување спокојна среќа. Поезија, за да се биде среќен и да не се брза никаде“.
Ирина БАБАМОВА, пак, професорка по „Теорија и практика на преведувањето“ на Катедрата за романски јазици и книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“во Скопје, потенцираше:
„А колкава радост се чувствува и кога со овие преводи може да им се вдахне нов живот на поетската мисла и на единствениот поглед на Никола Бувје, кој не е веќе со нас. Да им се обезбеди опстанокот во местата што го инспирирале поетот во едно време, и тоа заминато… Не е ли тоа некаков бунт против апсолутниот заборав, некаков триумф над смртта на човекот што во своите книжевни записи ги смести звуците и боите од Македонија меѓу оние од други земји од светот? Тој ја претстави нивната единственост. Ги овековечи, нели?
Преведувањето на поезијата на Бувје, значи…
… пренесување на поривот за патување и на длабоките размисли што навираат притоа…
… пренесување на далечни звуци за сетилата на говорители на друг јазик…
… предочување на боите од единствените пристани од патувањата на поетот…
… чувствување на културниот набој на зборовите…
Задачата на студентките, преведувачки на овие стихови, се покажа слична на виртуелно патување, на единствено културно искуство“.
Никола Бувје (март 1929 – февруари 1998) е француско-швајцарски писател, фотограф и патописец, кој во период од педесет години го истражувал светот. Денес е репер за сите писатели патoписци и вљубеници во авантурата и културната размена со другиот.
Во 1953 година Бувје ја напушта Женева и тргнува на своето прво патување, кое ќе трае четири години. Тој патува во Југославија, Турција, Иран, Авганистан, Пакистан, Индија, Јапонија… За таткото на патoписната книжевност патувањето претставува мешавина на храброст и хедонизам како и презир кон удобноста и сопственото здравје.
Најпознатите дела на Никола Бувје се: „Употребата на светот“ (1963), „Риба-Скорпија“ (1982) и збирката поезија „Однадвор и однатре“.
Општествена побуда
Во нашето урнисување
Во едно необјасниво заталкување
Во уништувањето на нашите животи
Ние сме во служба на клиентелата
Ние уште поправаме керамика
Ние ѝ оддаваме чест на општествената побуда
Не носете ништо покревко од кревкоста
кон која води сѐ
Raison sociale
Dans nos décombres,
Dans un égarement inexplicable
Dans la destruction de nos vies
Nous sommes au service de la clientèle
Nous reparons encore la céramique
Nous honorons notre raison sociale
N’apportez rien de plus fragile que la fragilité
à laquelle tout conduit