Кинематичен кадар во темнината

Историја на филмскиот жанр – ТРИЛЕР

Со приказната за најкомплексниот меѓу филмските жанрови, трилерот, го продолжуваме нашето филмско-текстуално патување. Се работи за главните жанровски одредници во филмската историја, чијашто моќ во претходните сто и кусур години регрутираше армија од обожавачи на седмата уметност, според многумина, сè уште најсилниот медиум што постоел досега. Во последната епизода следи – хорор жанрот. Останете вклучени 😉

Според неофицијалната дефиниција, трилер е секој филм што создава возбуда или тензија. Доколку се размислува подлабоко, се работи за голем и сеопфатен жанр, меѓутоа многумина сакаат да го стават во рамките на филмските приказни поврзани со криминалот и со оние поради кои одвреме-навреме ќе потскокнете од столчето. Тоа веројатно се должи на раните гангстерски филмови, како „Мускетарите од Свинскиот премин“ (1912), но и на современите „хипи“ наслови, како „Касапски пци“ (1991).

Низ целиот 20 век, режисерите постојано ги менувале алатките додека снимале филмови со предзнак – трилер. Тоа се должело на вртоглавото менување на времето, а со тоа и на вкусот на публиката, која од филм во филм барала нешто ново и повозбудливо, секако, во зависност и од тоа дали моралните кодекси во општеството сè повеќе исчезнувале или, пак, ја зацврстувале својата позиција во моментот. Затоа што филмовите се секогаш одраз на животот.

Кога во триесеттите години од минатиот век владеела прохибицијата, одеднаш кино-платната биле преплавени со гангстерски филмови, на кои се „палела“ публиката. Тие можеби не се вистински одраз на реалниот живот во целост, но отворено им суделе на моралноста и неморалноста во општеството, во кое „Лицето со лузна“ или „Малиот Цезар“ на брутален начин ја истерувале правдата докрај, газејќи врз вистинските граѓански вредности. Ваквите филмови отсекогаш разработувале слични или заеднички теми. 

 Фаворити од овој тип на трилери се „Убивањето“ (1956) на Кјубрик, потоа „Асфалтната
џунгла“ (1950) и „Измамниците“ (1990) и веќеспоменатите „пци“ на Квентин Тарантино. Многу од овие наслови се занимаваат со криминал од страст, со што честопати наидувале и на цврст став кај цензорите, кои никогаш, или многу ретко (барем не толку очигледно), не дозволувале да се возвишува и на поетичен начин да се раскажува за криминалците, кои во 120-те минути филм оставаат едно чудо крв зад себе. Токму затоа за трилерот се вели дека e најкомплексен меѓу филмските жанрови, бидејќи сето гореспоменато веднаш можеме да го побиеме со наведување на неколку наслови во кои убиството е само еден
од мотивите, покрај другите елементи, како еротиката, литерарноста, уметничката естетика… Станува збор за легендарните трилери „Поштарот секогаш ѕвони два пати“ (1946) и уште пославниот римејк од 1981 година, со Џек Николсон и Џесика Ланг во главните улоги, како и за „Телесна жештина“ (1981), со уште еден неодолив филмски пар во имињата на Вилијам Харт и Кетлин Тарнер.

Со стапувањето на сцена на поствоениот либерален поглед на светот, режисерите ни го подарија филм ноарот. Се работи за поджанр во рамките на трилерот, во кој главните ликови најчесто се антихерои, но за кои публиката од сè срце навива до крајот на проекцијата. Моралните прашања одеднаш станаа замаглени, што на еден Хемфри Богарт, без никакви пречки, му дозволија бестрашно да скрши неколку глави во култниот наслов „Малтешкиот сокол“ (1941). Меѓу легендарните херои во филм ноар естетиката е и Филип Марлоу, приватниот детектив од романите на американскиот писател Рејмонд Чендлер, кој долги години на големото платно го толкуваше токму Богарт, потоа го замени Дик Пауел, а на крајот, во шеесеттите и во седумдесеттите, го заокружи Елиот Гулд. Марлоу беше можеби најмрачниот лик што се појавил некогаш, но дури и тој си имаше свои зацртани стандарди, што, кога ќе беа прегазени, го претвораа во бескомпромисен дивјак.

Во овој жанр не постои црно/бело. Како инаку би го објасниле Валканиот Хари, мешавина од вестерн и урбан херој, не само затоа што го толкуваше Клинт Иствуд. Безмилосниот истерувач на правдата, креиран од револверкултурата со која толку се гордеат САД, го издигна овој филмски антихерој на ниво на божество. Потоа, „Валканиот Хари“ (1971) неминовно нè доведе и до „Полицаец-робот“, Робокап (1987). Со тоа, дури и британските џентлменски херои од едвардијанските романи дефинитивно мораа да им го отстапат местото на посуровите современи клонови на филмското платно. Тука му велиме „утро, добро утро“ на господинот Џемс Бонд!

Иако се вели дека ненадминатиот режисер Алфред Хичкок е жанр сам по себе, сепак, поради жанровската коректност, неговите филмови ќе ги сместиме токму во рамките на трилер-жанрот, каде што реално им е местото. Неговите наслови „39-те скали“ (1935), „Озлогласената“ (1946), „Прозорец кон дворот“ (1954), „Вртоглавица“ (1958) и „Север-северозапад“ (1959) сè уште се недопирливи класици, во кои главната тема се врти околу маж/жена во бегство, идеална основа за возбудливо филмско сиже, низ која Хичкок нè води до пеколот и назад. 

Во последните три декади од 20 век трилер-жанрот целосно се редефинираше благодарение на холивудската филмска братија, во која фигурираат имињата на Скорсезе, Копола, Де Палма… Иако и за нивните дела, што по подолго време го ревитализираа гангстерскиот филм, исто така можеме да кажеме дека се жанр сам по себе, сепак, во меѓувреме, границите на трилерот толку се продлабочија, што овој жанр го направија посилен од кога и да е. Така, во многу енциклопедии еден „Блејдранер“ (1982), да речеме, наместо под графата „научна фантастика“, ќе го најдете спакуван во папката „трилер“. Ист е случајот и со филмот „Шестото сетило“ (1999) на режисерот Нејт Шејмалан. Но, ако сакаме да бидеме доследни и да ги почитуваме вистинските и чисти начела на овој комплексен жанр, два филма што го одбележаа крајот на векот и претставуваа вистинско жанровско освежување се прекрасните „Вообичаено осомничени“ (или „Приведете ги осомничените“ (1995) и „Доверливо од Ел-Еј“ (1995), како неодминлива лектира за почитувачите на возбудата и тензијата.

Во новиот милениум на трилер-сцената владеат неколку стари и неколку нови режисерски имиња. Џонатан Дем се прослави со „Кога јагнињата ќе стивнат“ уште во
1992 година, предизвикувајќи тектонско поместување во жанрот, што го чувствуваме и ден-денес. Тука не зборувам за еден куп ѓубре што секојдневно можете да го видите во кината и на телевизиите, туку за неколку исклучителни филмски автори кои ќе ве извадат од кожа. Прв на таа листа е Дејвид Финчер, кој, доколку не сте ги гледале „Седум“ (1999) или „Боречки клуб“ (2001), тогаш нема што да правиме муабет. Рамо до рамо со него стои и Кристофер Нолан, кој исто така сними неколку исклучителни трилери, како „Мементо“ (2003), „Несоница“ (2005) и „Престиж“ (2007). 

И на крајот, да не го заборавиме и вундеркиндот Дарен Аронофски, чиишто „Пи“ (1999) и „Реквием за еден сон“ (2001) во неофицијална трилогија ги заокружува ремекделото „Изворот“ (2007). По толку споменати наслови и референции, се надевам дека ќе истражувате, а потоа и ќе уживате во многу од нив. 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *