Кон „Бунтовник во ‘ржта“ на Дени Стронг

Деновиве се има повеќе време да се прочита и да се погледне сето она што во изминатиот период било на stand by, па така му дојде редот и на „Бунтовник во ‘ржта“, кој веќе подолг период „плачеше“ да биде ѕирнат. Филмот кој својата премеира ја имаше на „Санденс“ фестивалот пред три години одамна сакав да го гледам и анализирам затоа што претставува биографска сторија за мојата книжевна љубов од младешките денови, Џером Д. Селинџер. Животот на иконата на американската литература во 20 век и ден-денес претставува своевидна мистерија за многумина, па затоа предизвикот беше уште поголем, иако филмовите не секогаш длабоко навлегуваат во интимата на личностите со кои се занимаваат. Но, во случајов, за среќа, воопшто не е така, напротив.

Дени Стронг е комплетниот автор на ова остварување, и продуцент и ко-сценарист (заедно со Кенет Славенски, адаптација на неговата книга „J.D. Salinger: A life raised high“) и режисер. Кога ќе се погледне неговата филмографија, сфаќате дека тој е всушност актер, со кариера започната во далечната 1998 година („Пророк 2“), а засега заокружена со настап во Тарантиновиот „Си беше еднаш во Холивуд“ (2019). „Бунтовник во ‘ржта“ е негово дебитантско режисерско остварување (претходно има потпишано и неколку сценарија), но почнувајќи од неговиот прекрасен наслов, кој е комбинација од насловот на единствениот роман на Селинџер, „Ловец во ‘ржта“, и легендарниот „Бунтовник без причина“ со Џејмс Дин, веднаш сфаќате дека најверојатно се работи за животно дело, нешто што Дени Стронг отсекогаш сакал да го сними, нешто за што се подготвувал со години. И на крајот, резултатот е навистина и повеќе од задоволителен, затоа што со овој филм ја пополнив празнината во врска со Селинџер, која, да бидам искрен, и сакав да остане таква, недофатлива, затоа што многу повеќе сакам да уживам читајќи ги делата што зад себе ги оставаат писателите, не занимавајќи се со нивните животни премрежија. Oвој пат направив исклучок!

„Ловец во ‘ржта“ е клучна книга за формативните години на една личност, бидејќи главниот лик, Холден Колфилд, е 16-годишен момак кој отворено зборува за сето она што му се случува во текот на неговите тинејџерски години, почнувајќи од бркањето од училиштата во кои не може да се прилагоди, преку on-the-road патувањето, па се’ до запознавањето на бурниот ноќен живот во Велеградот. Книгата на српски јазик („Ловац у ражи“, БИГЗ, 1987)  ја прочитав во средношколските денови, и потоа посакав да прочитам се’ што напишал Селинџер, но тоа задоволство го имав малку подоцна, кога „Табернакул“ во 1997 година ги издадоа „Девет раскази“, „Френи и Зуи“, „Кренете ја високо кровната греда, мајстори“ и „Симор, еден увод“, што всушност претставува комплетната библиографија на култниот американски автор. Во „Девет раскази“, на крајот од книгата, има еден прекрасен поговор на триесетина страници, вивисекција на делото на Селинџер од страна на професорката Јадранка Владова, како доближување на делото на овој писател и до младата генерација македонски читатели жедни за квалитетна литература. Подоцна, на скопскиот Саем на книга, се појави и македонскиот превод на „Ловец во ‘ржта“, овој пат како „Игра во ‘ржта“ на издавачката куќа „Нова наша книга“, како и оној масакр на издавачката куќа „Феникс“, преводи за кои воопшто нема да коментирам, бидејќи не се вредни за тоа.

Враќајќи се на филмот, „Бунтовник во ‘ржта“ е прекрасно „мало“ остварување кое ги содржи сите елементи кои еден биографски филм треба да ги има. Без помпезни сцени и непотребни спектакли (впрочем, и животот на Селинџер воопшто не бил таков, тој ја „избегнувал“ својата слава), филмската приказна не’ запознава со неколку аспекти од животот на Џером, чија писателска иднина, благодарение на инсистирањето на неговата мајка, успеала да се реализира, инаку би останал „продавач на месо и салами“ во фабриката на неговиот татко. Игран од младиот и перспективен актер Николас Хоулт, ликот на Селинџер е допадлив, допирлив, автентичен. Неговата страст за литературата е посебна љубов која тој ја негува во себе, и не дозволува никој друг да влезе и да ја промени за сопствени цели. Поддржувач на неговото творештво е факултетскиот професор Вит Барнет, улога на Кевин Спејси, кој како уредник на списанието „Story“ го објавува првиот расказ на младиот писател, кој за тоа го добива и првиот хонорар од 25 долари. Односот меѓу Барнет и Селинџер фантастично ја отсликува потребата колку е важно да се има добар читател и уредник, особено за млад писател, некој кој точно ќе знае кога и на кој начин треба да те поттикне и насочи кон тајните на квалитетната литература. Вториот филтер е онаа тенка линија меѓу генијалноста и преминот на патот од другата страна, кон славата. Заслужни за тоа се луѓето од „Њујоркер“, кои како медиум ја имале таа моќ да го диктираат вкусот на читателите. И покрај тоа што инсистирале Селинџер да смени дел од расказите за да ги прилагоди на сензибилитетот на весникот, тој, секако, одбива, но тие се свесни дека пред нив имале ретко надарен автор и објавувајќи ги неговите приказни, го креваат на заслужениот пиедестал.

И на крајот, секако, повторно за „Ловец во ‘ржта“, единствениот роман на Селинџер, по кој американската книжевност сосема се менува и тргнува во нов правец. Сета приказна започнува со неколку кратки раскази, за кои професрот Барнет на младиот автор му вели дека имаат потенцијал да станат роман. Селинџер сметал дека тоа за него е голем залак и дека би се задржал само на кратките форми, но по искуството во Втората светска војна, како учесник во операцијата „Ден-Д“ во Нормандија и илјадниците мртви војници околу себе, Џером психолошки потклекнува, и после многу само-терапии со медитација сепак успеал да застане на нозе, и тогаш, и покрај честите флеш-бекови, успева внатрешниот глас да го претвори во бунтовниот Холден Колфилд, неговото алтер-его, во кое ќе се препознаат илјадници млади луѓе во САД и низ светот. Тој е нивниот глас, гласот на младите, изгубени луѓе кои не можат да артикулираат став, а Колфилд им го дава токму тоа, низ еден младешки пркос кој освојува на прва топка. За жал, оваа книга подоцна доби и негативна конотација кога е пронајдена кај Марк Дејвид Чепмен, убиецот на Џон Ленон, кој изјавил дека таа му го сменила животот.

Потсевсното влијание на ликот на Холден Колфилд врз самиот Селинџер, режисерот Дени Стронг совршено ja инкорпорира и во самиот филм, кога тој, и покрај големата популарност на неговите книги, решава во еден момент да престане да пишува и да се повлече во Њу Хемпшир со сопругата и двете деца, воопшто не давајќи интервјуа, и доживувајќи длабока старост од дури 91 година. Размислувањата за тоа што претставува писателот, книжевноста, и воопшто, животот, се едни од клучните точки во сценариото на овој филм, кои му даваат додатна длабочина, толку потребна за едно дело да го транспортира од просечен филм до одлично и незаборавно остварување.

Гледајте го „Бунтовник во ‘ржта“ и (пре)прочитајте го Селинџер, тоа е најмалку што можете да направите за себе 😉

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *