Стари концертни билети (4 дел)

Релативно бргу, еве го и четвртиот дел од серијалот со зачуваните стари концертни билети, со тоа што овој пат има и бонус завршница, нешто за што одамна сакав да пишувам, и еве, конечно му дојде редот: мојата „неостварена љубов“ со „Леб и сол“. Затоа треба да се биде трпелив и да се стигне до крајот на текстот. А сега, време е за новите 10!!!

Архангел

Долго време во кулоарите се зборуваше за повратнички концерт на Архангел, па дури можеби и за издавање на нов материјал кој одамна бил готов и само чекал на реализација, но тоа, за жал, не се случи. Сепак, во 2011 година добивме концерт на групата во полн состав, со Гино, Мите и Јанков одреден дел од концертот на бас, спакувано во слоганот „Македонски подобро звучи“. Токму тоа и ме привлече за последен пат да одам да ги гледам Архангел и на глас да ги испеам сите нивни песни заедно со публиката. Бендот направи сосема коректен концерт шетајќи се низ сите фази од нивната кариера, иако гласот на Вртев на моменти трокираше.  Но, и тоа си носи одреден шарм, зашто сепак се работи за рокенрол.

Анастасија

Во средината на 90-те многу егзотично ни изгледаше да се тркне до Куманово на возобновениот џез фестивал. Неколкудневната програма нудеше шаренило на музики од домашната и балканската сцена, но ние сакавме да слушнеме како звучи во живо новиот албум на Анастасија, „Ноктурнал“, и тоа во тамошното кино „Козјак“, за кое немавме претстава како изгледа и што може да ни понуди.

Во втората фестивалска вечер, прво настапија Теодосиј Спасов и Синтезис, кои со драго срце ги скокнавме, и потоа, некаде пред полноќ, на сцената излегоа „Анастасија“. Нивниот актуелен албум во техно манир беше изненадување за сите, но со него успеаја да направат одлична турнеја низ светот благодарение на претходниот успех со саундтракот за „Пред дождот“. Концертот беше студен, впрочем, исто како и самиот албум. Столчињата за публиката не дозволуваа да се стане и барем да се ѕенѕа, па моравме седечки да го проследиме концертот на кој електрониката не’ удираше в глава, Горан беше стандардно некаде горе вo ѕвездите, Златко со жичаните инструменти во живо се обидуваше да внесе „не знам што“ во матрицата, а живите тапани само го следеа лудилото до крајот. Не помогнаа ниту светлосните ефекти за поправање на впечатокот. Тогаш сфатив дека таа приказна нема уште долго да трае. И така и се случи.

Ха-ха-ха

Според мене, овој бенд беше најдобрата музичка инкарнација на Васко во неговата долга музичка кариера. Овој бенд беше сето она што тој и момците сакаа да го свират со полно срце, но за жал, не траеше долго. Токму овој концерт беше нивната лебедова песна, и затоа вистински се потрудија истиот да остане незаборавен. Жестоко се прошетаа низ материјалот од нивните три албуми издадени во само неколку години, и тука ставија точка на една убава музичка приказна. Нивниот епитаф гласи: „Не постои смрт, само промена на светови“.

Боје

Новосадскиот женски бенд „Боје“ во 90-те години не’ посети во Скопје, по издавањето на нивните сега веќе култни албуми „Доста, доста, доста“ и „78“, продуцирани од Која (Дисциплина кичме).

За жал, билетот од Денсинг салата во МКЦ го немам, но ја имам сет листата со песни, како и стапот кој тапанарката Биља, сестрата на Кебра (Обојени програм), го фрли во публиката по завршувањето на одличниот концерт. Убави сувенири.

Дисциплин А Кичме

Откако замина во Лондон, претходно споменатиот Која ја оформи групата која го носи името на неговиот култен бенд од СФРЈ, но во англиска варијанта. Најпрво не’ посети со една огромна Афро-американка како вокалистка, која неверојатно енергично на англиски ни пееше „да не ги фрламе бетонските табли од врвот на зградите“, надополнети со еден енергичен Австралијанец на тапани, кој на сцената изведуваше акробации. Овој билет, сепак, е од концертот на кој Која повторно беше вратен во матичниот Белград, и таму си собра локална екипа за поддршка, а во кој сепак тој беше главен и вокално ги изведуваше сите теми. Басот повторно беше на ниво, а енергијата не’ плескаше де горе, де долу. Како во најдобрите денови.

Ману Чао

Можеби најенергичниот, највеселиот, најразиграниот, најпозитивниот концерт кој некогаш му се случил на Скопје е оној на Манууууууу на скопското лизгалиште во 2002 година. Со Суперхикс како предгрупа за загревање на атмосферата, Ману и неговите „Радио бемба саунд систем“ излегоа на сцената и таа јунска топла скопска вечер сите нас не’ направија подобри луѓе, барем за момент. И сето тоа траеше, и траеше, и траеше, енергија и насмеани лица на сите страни, и никој, најмалку музичарите на сцената, не сакаше журката да заврши. Го гледав Ману и шест години подоцна на „Егзит“, но за тоа, во следниот, последен, петти дел од серијалов.

Ејжн даб фаундејшн

На истото место се случи уште еден енергичен и незаборавен концерт благодарение на супер групата која во својот израз микса многу стилови, од даб, преку реге, електроника, па се’ до панкот. Неверојатно разиграните музичари на сцената едноставно не не’ оставија да здивнеме ниту за момент, така што сето тоа на крајот заврши во заедничка победа доцна во ноќта. Одличен старт на долгото топло лето.

Пласибо

Повторно скопско лизгалиште, но неколку години подоцна. За разлика од претходните два концерта, каде за бројната публика беше искористен целиот партер-простор, овој пат бината беше свртена кон една од трибините, веројатно поради помалиот број на продадени билети, но таа перспектива оддаваше впечаток како да не си во сопствениот град, туку некаде во странство. За тој ефект секако придонесе и свирката на бендот, кој никогаш нешто особено не сум го слушал, но сакав да ги видам во живо. Брајан Молко и пајташите не разочараа, туку направија одлична свирка достојна за рок-ѕвезди од нивниот ранг. Светски!

Резидентс

Со помпезна најава дека во градот пристигнува една од музичките мистерии во последните пар децении, концертот на Резидентс за мене беше комплетно разочарување. Нивните добри познавачи подоцна ме уверуваа дека дошле со тоа шоу со зајакот на сцената како нивен актуелен проект со кој во моментот го пропатуваат светот, но воопшто не ме убедија во нивната маестралност ниту на музички, ниту на театрален, ниту на изведувачки план. Можеби беше до моите очекувања, кои беа големи. Или подобро, до моите предрасуди, кои секогаш постојат кога некој бенд фукнкционира зад велот на мистеријата. Или, едноставно, јас не сум човек кој се обиде да ги сфати Резидентс сиве овие децении? Nevermind!

Џон Спенсер Блуз експлоужн

На почетокот на новиот милениум, кога беа во полна сила, другарите отидоа да ја гледаат оваа њујоршка рок-ен-блуз атракција во соседен Белград, и се вратија воодушевени. Во меѓувреме, мистер Џон успеа колку-толку да се одржи на сцената со пар побледи изданија, и ете го повторно на пат низ светот, овој пат и во, за него, егзотичното Скопје. Човекот сигурно не знаел што да очекува, и влезе претпазливо во свирката. Потоа малку се подослободи, и тогаш кон него залетаа пар лименки во воздухот. Не го погодија, но Џони сфати колку е саат, и до крајот на концертот отсвире во грч. Секако, даде се’ од себе, најпрофесионално, но не беше ниту бледа сенка на оној Џони од почетокот на векот. Човекот жива-вода се прости од нас и замина зад завесат зад сцената, веројатно подослабнат неколку килца поради нас, немногубројните присутни во Денсинг салата на МКЦ таа вечер. Јбг, се дешава 😉

И на крајот, како што најавив, би сакал да се осврнам на мојата „неостварена врска“ со „Леб и сол“, очигледно нашиот најуспешен бенд од секој аспект. Не знам зошто, но никогаш не се вљубив во нивната музика, иако го почитувам сето она што го сториле во тогашната жестока конкуренција на екс-ЈУ сцената. Меѓутоа, очигледно возраста си го направи своето, а непишаното правило вели штом паралелно со растењето на бендот не растеш и самиот ти како личност, тогаш подоцна е потешко да се создаде релацијата бенд-фан. А не дека немаше обиди. Еве неколку на кои се сеќавам.

На почетокот од 90-те, новоотворените радија и телевизии во плурализмот не’ бомбардираа со материјалот од „Лајв ин Њујорк“, од кој главна тема беше „Учи ме мајко, карај ме“. На мене како доцен тинејџер кој штотуку влегуваше на голема врата во светот на музиката, откривајќи цел еден нов свет од можности, воопшто не ми беше јасно како може еден славен рок-бенд „да не’ мавта“ со таков рок-фолклор. По распаѓањето на групата, Влатко Стефановски го издаде солото „Каубојци и индијанци“. Ја купив касетата да му дадам шанса, но не ми се веруваше дека пораките што ги праќа преку текстовите се далеку зад она што во моментот ни го даваа актуелните Архангел, Санс, Ласт експедишн… Се прашував каде се изгуби поетиката на „Чувам ноќ од будних“, „Femme fatale“…

Потоа, во новиот милениум, кога се случи нивниот камбек, по наговор на една пријателка заминавме во Битола да ги гледаме во Хераклеја. За жал, тој ден се истури од врнење. По дремењето во шминкерскиот „Џез-ин“, добивме инфо дека концертот се одложува за утревечерта. Едноставно, не ми било судено да ги гледам „Леб и сол“ во живо, а очигледно тоа ми беше и последна шанса. И на крајот, уште еден пример.

Лани во „Југотон“ гледам компилација  на „Кроација рекордс“ со најдобрите песни на „Леб и сол“, двојно ЦД каде дисковите се дизајнирани како ЛП-ја. Го купив „Бест оф“-от и го слушав во автомобил, дома, на работа, и едноставно, идејата дека како постар и позрел ќе се „фатам“ на музиката на „Леб и сол“ повторно не помина. Затоа компилацијата и’ ја подарив на драгата Сплиќанка која ми беше домаќинка на една писателска резиденција. Таа многу се израдува, и ми беше ќеиф што це-де-ата отидоа во вистински раце.

Заклучок? Паааа… секоја чест за она што го направиле, но, „Леб и сол“ – не, благодарам. А Миљенко Јерговиќ се уби да ми докаже дека се супер, и дека за нивната генерација во 80-те биле богови. Јасно ми е сето тоа, и сигурно било така, но откако муабетот отиде по друга линија, кога споменавме бендови како „Падот на Византија“ и уште неколку имиња од тоа време, тој на крајот само се насмевна и ми намигна. Така ми остана синглицата од „Наш свет“ на која на А-страната е песната „Среќна нова година“, а на Б-страната инструменталот на „Чукни во дрво“, како моја единствена колекционерска врска со „Леб и сол“. Можеби така требит!?

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *