Лауреати на „КинеНова“ 5

Со доделувањето на наградите на најдобрите остварувања се заокружува официјалното издание на годинашниот „КинеНова“ фестивал од 08 до 18 октомври, кој во неверојатни услови сепак го реализираше своето најинтересно издание досега. Многу сум задоволен што во година кога беше тешко воопшто и да се помисли да се организира филмски фестивал, знаејќи дека, меѓу другите, се одложи и еден Кански фестивал, а нашиот најстар фестивал „Браќа Манаки“ имаше само една симболична вечер, ние сепак успеавме да направиме одлична програма, во која во фокус секогаш е главната, натпреварувачка програма. Ценетото жири на чело со легендарниот полски режисер Кшиштоф Зануси нагласи дека изборот на филмовите бил интересен и богат, и дека се дискутирало буквално за сите наслови, на што сум особено горд. Годинашните лауреати уште еднаш ја покажаа разноликоста во пристапот при селекцијата на филмовите, давајќи увид во најдобрите деби остварувања кои доаѓаат од различни светски кинематографии. Затоа,  продолжуваме и понатаму со „ловење“ на новите креативни сили во седмата уметност.

Тричленото меѓународно жири во кое покрај Зануси членуваа и Керем Ајан (директор на Истанбулскиот филмски фестивал) и Драгомир Шолев (режисер) имаа жестока и креативна онлајн дискусија на која ги соочија своите аргументи за сите осум филмови во главната селекција, меѓу кои на крајот издвоија три лауреати.

„Сметаме дека селекцијата на филмови беше интересна и богата. Исто така разноликоста на филмските стилови беше доволно голема, поради што сме особено задоволни и имавме доволно силна причина да дискутираме за филмовите кои треба да бидат наградени. Филмовите кои не влегоа во тесниот круг за награди исто така беа добри и дискутиравме и за нив“.

Полскиот филм „СУПЕРНОВА“ на режисерот Бартош Крулик е филмот на кој жирито му ја додели наградата за најдобро сценарио на годинашниот фестивал. „Ова е филм каде еден случаен смртен случај во сообраќајна несреќа со автомобил е прикажан како космичка катастрофа со што овој филм има една висока спиритуална димензија, но и импресивна стилска воедначеност“.

https://www.youtube.com/watch?v=SADUQ1xaLBE&feature=emb_title

Наградата за најдобар режисер и’ припадна на Шарипа Уразбаева за казахстанскиот филм „МАРЈАМ“. „Филмот има многу доследен стил, одбегнувајќи ги сите стапици на патетика и сентиментализам, сликајќи ја многу опасната и сурова човечка природа и на тој начин вовлекувајќи ги гледачите во приказната, што е навистина восхитувачки“.

Наградата за најдобар филм на фестивалот ја доби грчиот филм „ВЕТЕРАН“ на режисерот Захаријас Мавридис, кој жирито го карактеризираше на следниот начин: „тој е суптилен,  сликајќи го на филигрански начин деликатниот однос помеѓу генерациите, помеѓу минатото и современието“.

По повод добивањето на главната награда за најдобар дебитантски филм на „Киненова“ 5, грчкиот режисер изјави: „Премногу сум возбуден што ја добивам главната награда во меѓународната конкуренција на фестивалот. Сакам да се заблагодарам на селекторите кои го најдоа и одбраа мојот филм да биде дел од главната натпреварувачка програма на Киненова оваа година. Се заблагодарувам и на жирито за оваа награда која е всушност првата меѓународна награда за мојот филм. Посакувам да имав можност да присуствувам лично на фестивалот и да се сретнам со публиката, бидејќи за мене тоа е најважната работа при правењето на филм: запознавање со нови луѓе, комуникација со нив, да се разменуваат идеи и да се дебатира. Но, како и да е, оваа година сите знаеме дека тоа не беше возможно, но вистински се надевам дека ќе имаме таква шанса многу наскоро“.

Честитки за лауреатите и поздрав до следното, 6 издание на „КинеНова“, кое и покрај позитивното искуство со телевизијата, сепак се надеваме дека ќе се одржи во нормални услови, во кино храмовите, онаму кадешто на филмовите и им е местото 😉

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *