Кон концертите на RADIAN и SVETLOST + ODRON RITUAL ORCHESTRA на 39. СЏФ

И покрај ритамот со кој пандемиската состојба постојано не’ меле, Скопскиот џез фестивал и годинава најде успешна формула за реализација на надалеку ценетиот музички настан, задржувајќи го традиционалниот термин – третата седмица од октомври. Од четиридневната понуда јас се одлучив да ги проследам концертите во живо на третата фестивалска вечер, а останатите ги гледав (и секако, слушав) на МРТ3, каде одеше директен пренос од НОБ, што беше одлична одлука на организаторите.

Вечерта за која бев сигурен дека нуди нешто поразлично од останатите традиционално ја отвори директорот на СЏФ, Оливер Белопета, кој направи одличен вовед во она што следеше. Тој нагласи дека никогаш не сакал да им робува на стилските карактеристики, туку дека неговиот критериум вели оти има само добра и лоша музика. Затоа се одлучил да има и една ваква вечер на импровизации, нагласувајќи дека некои угледни џез фестивали во Европа во меѓувреме дури и го смениле името во фестивали на импровизирана музика, нудејќи во програмата изведувачи токму со ваков сензибилитет.

Всушност, ова и не е новина, бидејќи Скопскиот џез фестивал во последниот период негуваше ваква нишка во својата програма, дури и одделувајќи ја од официјалната и сместувајќи ја во (по)полноќна понуда која низ годините наназад можевме да ја проследиме во екс „Хард рок“ или во МКЦ. Се надевам се сеќавате на концертот на Трстон Мур во „Денсинг салата“, каде низ експеримент ја покажа својата умешност со неговата љубов, гитарата. Еве потсетување низ текст на тој настан.

Поздрав до следната можна средба, you fu.kin genius

Први на фестивалското мени на 16 октомври беа гостите од Австрија, RADIAN. Триото во кое членуваат Мартин Брандeлмаер (тапани и електроника), Џон Норман (бас) и Мартин Сиверт (гитари и електроника) веќе изгради меѓународна кариера и се познати и отаде големата бара. Фестивалскиот каталог за нив вели: „Виена е денес ширум отворен креативен дом за голем број нови музички композитори и иноватори. Членовите на RADIAN се, без сомнение, столбови на оваа заедница. Во раните 2000-ти беа под влијание и ја обликуваа извонредно моќната и витална електронска сцена во градот. Нивната музика се опишува како поле на тензичност меѓу екстремните динамики, слободните импровизации и прецизните конструкции, како иманентен контраст меѓу меките и острите ноти“.

На трагата на џезот, алтернативниот рок, ноизот, или ако сакате, гличот, RADIAN на  концертот покажаа високо ниво на експеримент, импровизирајќи секогаш кога тоа беше можно и дозволено, иако на моменти нивната формула за создавање на звучна слика беше предвидлива, и течеше по следниот редослед: почеток со одредена матрица, на која набргу се надоврзува ритам секцијата (бас и тапани), за на крајот создадената атмосфера со свој удел да ја надополни и гитаристот со минималистички пасажи. И така во loop, во круг. Интересно, почетоците на дел од темите за момент ме потсетуваа на култниот експериментален албум „Ummagumma“ на Пинк Флојд, но британскиот бенд своите песни ги развива во мелодична насока, додека RADIAN се задржуваа исклучиво во зоната на експериментот, каде доминираше прекршениот ритам.

Највпечатлив настап за мене имаше тапанарот Мартин Бранделмаер, кој беше носител на звукот на бендот, за разлика од неговите колеги, кои иако имаа инструменти во рацете, сепак повеќе беа фасцинирани од можноста да си играат со електронските ефекти. Поради звучната слика која ја создадоа во 55-минутниот настап (+ 5 минути бис), се’ ми се чини дека RADIAN подобро би функционирале во некој зачаден ноќен клуб, каде можеби и воопшто нема да ги видиме на сцената поради публиката пред нив, а тие, чучнати над своите кутии за ефекти, ќе ја обликуваа ноќта со звуци кои како да не се од овој свет.

По малата пауза за цигара, следеше настапот на нашите момци зад името SVETLOST + ODRON RITUAL ORCHESTRA. Откако Белопета фрли епитет дека она што ќе го чуеме можеби ќе не’ потести на славните Fire Orchestra, деветчлениот бенд излезе на сцената и – РАСТУРИ!!!

„Svetlost + Odron Ritual Orchestra е голем ансамбл оформен како продолжение на успешната авторска соработка на Кристијан Новковски, Дени Омерагиќ и Нинослав Спировски во триото Светлост. Замисленa како отворена платформа за соработка со музичари од различни профили, музиката на овој состав се менува во зависност од луѓето вклучени во конкретен проект – најчесто е информирана од стилски правци како слободен џез, пост-рок, електро-акустична музика, минимализам и амбиентална музика“, нагласува авторот на текстот во фестивалскиот каталог за дружината која постојано го менува својот облик, но крајниот резултат е секогаш истиот – квалитетна музика.

За разлика од нивниот настап на фестивалот „Крајвардарот џез“ пред некој месец, кога „Светлост“ звучеа пожестоко, овој пат без Владан Дробицки и Бисера Базер, но засилени со нови музичари, момците покажаа дека се прилагодуваат на секоја можност и ситуација. На овој концерт повеќе во фокус беше четиричлената дувачка секција (Нинослав Спировски – кларинет, тенор и сопран сасофон, Иван Трајаноски – алт и баритон саксофон, Благојче Томевски – кларинет и Петар Христов – сопран и алт саксофон) која го имаше главниот збор, за разлика од споменатиот концерт во паркот зад МКЦ, кога останатиот дел од екипата (Дени Омерагиќ – контрабас, Мартин Георгиевски – електроника и гитара и Кристијан Новковски и Драган Теодосиев на тапани и перкусии) беа повпечатливи во настапот и носители на звучната слика.

Како и да е, „Светлост + Одрон ритуал оркестар“ на нивниот деби настап на СЏФ ни подарија комбинација од стандарди и импровизации речиси во сите теми, како доказ дека знаат да се трансформираат, секогаш нудејќи нешто различно и иновативно во аранжманскиот пристап на темите. Само напред, во нови предизвици!

Се’ на се’, ова беше пријатна вечер исполнета со музички импровизации, како доказ дека таа, музиката, мора да се движи напред , барајќи нови територии за изразување. За жал, додека со велосипедот стигнав до дома, преносот во живо од Осло (уште една ексклузива годинава на СЏФ) на концертот на TRYGVE SEIM LARGE ENSMBLE беше пред својот крај. Се надевам дека ќе ги видам и слушнам во живо на некое од следните фестивалски изданија.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *