Деновиве ми пристигна едно ЛП кое зазема посебно место во мојата домашна колекција поради неговата исклучителност. Периодот имав повеќе време за слушање на музика, и највеќе на увце ми легнаа маестралните Кен (Can), експерименталниот рок бенд кој ги одбележа крајот на 60-те и почетокот на 70-те со своите антологиски албуми. Во колекцијата ги имам легендарните „Tago mago“ (1971) и „Ege Bamyasi“ (1972), како и двојното ЛП со колекцијата на синглови од целата нивна кариера издадено неодамна, меѓутоа, љубопитноста отиде чекор понатаму, и ме интересираше што во моментов прави ненадминатиот вокал на бендот од Келн, мистер Дамо Сузуки. Сурфајќи на нет наидов на снимки од еден куп негови свирки низ светов, што значи дека човекот, и покрај дијагностициран канцер, како и годините кои веќе го навјасале, и понатаму е неверојатно активен на сцената. Една од неговите последни свирки е со групата Mugstar, од чиј настап на 28 април 2018 година во Ливерпул и настана носачот на звук кој периодов е мој секојдневен саундтрак.
Во напуштена фабрика, адаптирана за несекојдневна свирка со некогашниот пејач на Краутрок легендите, овој настап на Mugstar со Дамо Сузуки е еден од редицата вакви фристајл настани од кои Сузуки е дел сиве овие децении наназад. По напуштањето на Кен, тој влегува во фазон на патник без дом, односно, како што изјавува во многу интервјуа, неговиот дом е онаму кадешто во моментот настапува на сцената. Неговата филозофија е да влезе во размена на енергија со музичарите од локалната сцена, без ниту една проба претходно, и на тој начин да создаде уметничко дело кое постои само во тој момент, и никогаш повторно. Тоа е приказната и со свирката со Mugstar која, за среќа, е снимена и на крајот издадена како ЛП, што не е баш честа појава во случајот со Сузуки.
Кога ја нарачував плочата, беше нагласено дека таа е отпечатена во мал тираж со винил во различни бои, така што дистрибутерот не знае однапред каква боја на ЛП ќе ви достави, со што автоматски возбудата станува поголема. Во стилот на филозофијата на Сузуки, изданието е испечатено на рециклирана хартија, и делува прилично скромно, со еден внатрешен лист на кој се претставени имињата на музичарите кои биле дел од свирката и другите генералии, а од другата страна фигурира фотографијата која претставува поглед во далечина токму од фабриката во која се случил концертот. Секако, издавачката куќа Weird beard уфрлила и едно флаерче за нејзиното следно ЛП издание, како мала реклама за нивната работа.
И сето ова досега воопшто не е случајно! По краткото истражување и потсетување, веднаш ми стана јасно зошто периодов „ми се случува“ токму оваа музика. Имено, неодамна се навршија 15 години од настапот на Дамо Сузуки во нашиот град. Да, да, доколку не сте биле дел од тој настан, тогаш сте го пропуштиле можеби највеличествениот концерт кој воопшто се одржал во Скопје во новиот (па и во стариот) милениум! Сликите од таа вечер постојано се враќаат во мојата глава кога и да ги слушам Кен, или, во случајов, новото ЛП на Mugstar и Damo Suzuki, од едноставна причина што таа вечер Мала станица толку многу беше набиена со енергија, што објектот како да лебдеше во воздухот.
Откако најпрво ја посетил Хрватска и имал пар настапи со музичарите од тамошната сцена, хрватскиот дистрибутер ја контактирал Нора (Елеонора Стојановиќ) за организација на негова свирка и кај нас. И така, преку „Глува соба“ и со сопствени средства (а влезот беше бесплатен), човекот кој Холгер Шукај сосема случајно го видел на улиза во Келн додека пиеле пивце со Џеки Лајбцајт и го повикал да пее во Кен уште вечерта, по што се случила неверојатна хемија меѓу сите присутни, гостуваше и во нашиот град за прв пат, како подарок за сите луѓе на овдешната сцена, притоа оставајќи неверојатен впечаток. 06.06.2006, блесав датум кој треба и мора да се запамети!
Тоа попладне бев на смена во ИЛИ-ИЛИ, која тогаш беше дел од Мала станица, и имав можност да ги проследам и подготовките за настанот, како и самиот концерт вечерта. Дамо беше речиси незабележлив меѓу луѓето, воопшто не истакнувајќи се, освен кога застана зад штандот за да продаде некое од своите изданија. Тој се стопи со луѓето од локалната сцена, кои таа вечер го наполнија објектот и дадоа се’ од себе таа вечер да остане во сеќавањата како една од скопските ноќи на кои уште долго ќе се сеќаваме.
На сцената во холот на Мала станица, која всушност и не беше сцена, туку музичарите едноставно „скокнаа“ во дупката зад бикот и почнаа да емитираат неверојатни вибрации, се сменија многу музичари на различни инструменти, а „стариот волк“ Сузуки сето тоа го следеше и сублимираше со свое видување преку вокалната интерпретација, како пред вас да се наоѓа млад момак од дваесетина години. Лудило, лудило!!!
Присутните беа вовлечени во еден ураган од емоции кои се создаваа само во тој момент, на најдобар начин докажувајќи дека процесот низ кој поминуваат изведувачите, создавајќи уметност на мигот, е она што останува засекогаш во срцата. Доброто расположение кај присутните е вистински показател за моќта на сегашниот миг. Еве само мал дел од фотките кои Нора ми ги прати од таа магична вечер, за што сум и’ бескрајно благодарен, ѕирнете ги, можеби ќе се видите себеси помлади за 15 години 😉
Гостувањето на Дамо Сузуки во Скопје имало и второ полувреме, за жал, без мое присуство како би можел поверно да ги пренесам впечатоците. Втората свирка се случила во студиото на бендот ДНО, каде според кажувањата Дамо исто така брилјирал, настапувајќи пред среќниците кои таа вечер уште еднаш (или за прв пат) го проследиле неговиот настап.
Јас сум сигурен дека Дамо си отишол супер задоволен од Македонија и од претставниците на овдешната сцена. Затоа, еве ја легендата по 11 години повторно во Македонија. И овој пат во јуни, но сега во 2017-та, во Куманово. Тие години во градот одлично функционираше клубот Wire, каде настапуваа многу домашни и странски бендови. Токму на покана на Влатко од Wire, маестро Сузуки повторно се качува на сцената со наши музичари, овој пат со СИЗ, Готра, Новоградска и уште еден локален бенд. За среќа, благодарение на Ивица Димитријевиќ, има и видео запис од овој настан. Бујрумлари 😉
И Ивица го потврди она што се случи 11 години претходно во Мала станица: тој вели дека тие два ипол часа додека рокале, имал чувство дека од неверојатната синергија на сцената, Центарот за култура во Куманово како да лебдел 30 сантиметри во воздухот.
И на крајот, секако, во рилакс атмосфера, една фотка за спомен и долго сеќавање.
Во 1985 година, уште едно легендарно име на инди сцената, Mark E. Smith од британскиот бенд The Fall, на албумот The Nation’s Saving Grace ја издаде темата едностано насловена I’m Damo Suzuki, и на најдобар можен начин ја направи можеби најкомплетната посвета на еден кон друг музичар, како изразување на голема взаемна љубов. Успевајќи низ сите овие години и декади наназад да го работи она што го сака на сопствен, автентичен начин, Дамо Сузуки навистина остана еден и единствен во музичкиот свет, икона чија енергија и глад за перформанс никогаш не згаснува. Затоа, и јас (сакам да) сум Дамо Сузуки!!!
P.S. И на самиот крај, како јаготка на шлагот од тортата, враќањето на Дамо во подземјето на Келн, и неговиот настап со локалните C.A.R. во подземната железничка, на радост на случајните минувачи. Да, да, светот е една голема сцена во која треба да се делува и ужива 😉