По мегаломанскиот дводелен проект „Убиј го Бил“, посветен на шпагети вестернот и филмовите со боречки вештини, Квентин Тарантино реши во неговиот следен проект повторно да соработува со Роберт Родригез, и тоа со свое режисерско деби во хорор жанрот. Во меѓувреме, за да ја подгрее атмосферата, холивудскиот брзозборец застана како извршен продуцент и главен промотор на нискобуџетниот хорор филм „Хостел“. Се работи за второ авторско остварување на сценаристот и режисер Илај Рот, по дебито „Треска во колибата“ од 2002 год.
Интересна е приказната како дошло до реализација на овој проект. Рот изјавува дека не може да поверува оти Тарантино токму него ќе го вовлече во славниот „филмофилски филм“, кој Квентин досега им го приредил на мал милион колеги. Едноставно, една вечер отишол во Квентиновото „гнездо“ и овој со часови му пуштал инсерти од неговите хорор фаворити, се’ со цел да му докаже дека неговата замисла, тогаш само со работен наслов „Хостел“, е нешто најлудо што тој дотогаш го има чуено. Рот, нормално, не ја одбил поддршката, а подоцна и соработката со Тарантино, и од почит кон него, првиот дел од сторијата го сместил во Амстердам, омилениот град на Квентин, каде, по успехот со „Касапски пци“ заминал на одмор и го напишал сценариото за ремек-делото „Евтини приказни“, чмаејќи по грин-кафеата и инспирирајќи се од позитивното лудило во градот.
А што е толку откачено во „Хостел“? Се работи за приказна за двајца пријатели Американци, Џош и Пакстон (Џеј Хернандез и Дерек Ричардсон), кои се на патување низ Европа заедно со нивниот пријател, Исланѓанецот Оли (Ејтор Гудјонсон). По заситувањето од доживувањата низ амстердамските улици со „црвени фенери“, од подземјето излегува човек кој ги советува да го посетата главниот град на Словачка, Братислава, доколку сакаат добра забава со најпрекрасните девојки на светот. Речено – сторено! Хостелот во мкој се сместуваат е пристоен, луѓето се љубезни, а девојките – прекрасни. Наталија и Светлана се водичите низ ноќниот живот на стариот град, преполн со места за забава, каде се’ е дозволено. Но…
Навидум „лесната“ приказна се претвора во вистински пекол во моментите кога Оли мистериозно исчезнува, а Џош и Пакстон почнуваат да навлегуваат во една гротескна игра која, на крајот, од колеџ херои ги претвора во филмски антихерои. Имено, подрумите на еден стар замок се претворени во мачилишта, слични на оние од затворите во Абу граиб, во кои определени моќници можат да ги задоволат своите садистички потреби со измачување на некој странски државјанин, особено вреден ако е Американец. Овој ненадеен пресврт некаде на средината од филмот не е за слаби стомаци, особено што Рот не ги смирува своите режисерски страсти кога сака публиката да ја преплаши до смрт со експлицитните сцени на тортура врз човечкото тело.
„Хостел“ наиде на различни реакции во САД. Многу пуританци однапред го осудија како крајно неморален и вознемирувачки, затворајќи ги очите пред очигледните факти што Рот, намерно или случајно, ги фрла пред нив. Овој филм, без сомнение, е екстремен, но сатирата не би била сатира кога не би била толку блиска со реалноста. Авторот на филмот на најочигледен начин ја коментира актуелната политичка ситуација во светот, во кој Американците, со се’ поголемата растечка ксенофобија, дефинитивно не се омилени гости во другите држави. Успехот на Рот е уште поголем што во така типизиран жанр како хоророт, на суптилен начин, успева да ги вметне темите на сексуалниот идентитет и воајеризмот, кои и во рацете на најдобрите сценаристи и режисери знаеле да се претворат во промашена идеја. Во „Хостел“ овие две „оружја“ јасно ни потенцираат како Америте знаат да уринираат врз остатокот од светот со нивната политичка нетолерантна игнорантност, за потоа последиците да се неминовност.
Што се однесува до авторскиот сензибилитет, самиот Рот сака да се повика на филмовите на јапонскиот режисер на хорори Такаши Мике, иако повеќе би му лежела споредбата со мајсторите на жанрот Тоуб Хупер и Вес Крејвен во нивната фаза од 70-те години. Затоа, во време кога Холивуд упорно сака да го врати хорор жанрот на голема врата меѓу филмофилите, правејчи римејк на наслови како „Тексашки масакр со моторна пила“ и „Прстенот“, кои се ориентирани кон семејната публика со пуканки во рацете, „Хостел“ е вистински, автентичен и свеж здив – кој ќе ве остави без здив. Буквално!
@Текстот е објавен во мартовскиот број на магазинот „Филтер“ 2006 година.