Со години наназад љубопитните „злобници“, но и вистинските фанови на Боб Дилан се прашуваат: Кој е тој? Копија на Вуди Гатри? Нарцисоиден фолк трубадур? Легендарен рокенрол бунтовник? Предавник? Генијалец? И сите ќе го пласираат своето мислење, а всушност, вистината ја знае само еден човек, кој мудро ја чува за себе веќе 40-тина години.
Со секое излегување на нова биографска книга или нов албум на Дилан, музичките новинари повторно почнуваат да ја плетат, или отплеткуваат, приказната за славниот музичар. Првиот обид е забележан во далечната 1967 година, кога режисерот Д. А. Пенебејкер го сними документарниот филм „Don’t look back“ од британската турнеја на Дилан истата година, снимки кои авторот љубезно му ги отстапил на Скорсезе за новиот документарец. Филмот на Лери Дејвид од 2003, пак, „Masked and anonymous“, само навидум ја открива мистеријата, а всушност уште повеќе ја продлабочува и мистифицира.
За разлика од овие автори, побудите на Скорсезе при влегувањето во овој проект се сосема поинакви. Тој длабоко, од срце, ја сака музиката, за која во многу интервјуа истакнува дека, на некој начин, го оформила неговиот поглед кон светот. Њујоршкиот режисер уште кон крајот на 70-те го режираше „Последниот валцер“, прошталниот концерт на The Band, на кој Дилан имаше мал сет како гостин. Уште еден доказ за неговата љубов кон музиката е и блуз серијалот од последниве години, каде тој фигурира како продуцент, но и режисер на еден од седумте делови. Затоа, мудриот Скорсезе во „No direction Home“ не сакал да „мудрува и разоткрива“, туку едноставно решил да ни ја раскаже приказната за Боб Дилан кога го доживувал својот врв, од 1961 до 1966 година, сосема доволно за да не’ увери дека на екранот присуствуваме на едно неповторливо и величествено време кога светот се менувал, а Дилан бил еден од неговите двигатели.
„Без правец кон домот“ е полн со енергија. Сместен на две ДВД-ја, со преку три ипол часа материјал плус дополнителни опции, филмот претставува колекција на прекрасни фотографии, делови од интервјуа (дури 33) и настапи во живо, сето тоа перфектно измонтирано од постојаниот соработник Дејвид Тедески, кој навистина го доловил духот на 60-те години од минатиот век. Оваа турбулентна декада е претставена преку борбата за граѓански права, убиството на Кенеди, војната во Виетнам, Маршот на милионите, говорите на Мартин Лутер Кинг… Во тие времиња, со својата поезија, Дилан е гласногорник на една нова генерација на млади луѓе жедни за промени, иако во интервјуата тој вели дека „песните се такви какви што се, а не пророчки или не знам какви“.
Документарниот филм започнува и завршува со инцидентот што Дилан го имал во 1966 година, паѓајќи од својот мотор, по што осум години не сакал да настапува на сцената. На почетокот го гледаме родниот град на Роберт Цимерман (неговото вистинско име), Хибинг во Минесота, во кој единствените професии се рудар или сопственик на продавница. Дилан уште тогаш, слушајќи радио (ах, моќта на радиото!), се „навлекува“ на фолк музиката, пред се’ на Вуди Гатри, чии песни ќе го одбележат првиот дел од неговата кариера. Следи преселбата во Гринич вилиџ во Големото јаболко и постепеното пронаоѓање на својот стил. Откако ќе ја направи првата студиска снимка, сето останато е историја.
Најинтересен дел од овој проект е прикажувањето на преминот на музичарот од акустична во електрична фаза. Тоа е најочигледно на традиционалниот Њупорт фолк фестивал во 1965 година, кога Дилан со својот бенд е исвиркуван во текот на целиот настап, за на крајот да мора да се врати само со својата акустична гитара, изведувајќи неколку песни за да ги смири страстите на разјарената публика. Исто така, една од поинтересните исповеди за Дилан и’ припаѓа на неговата екс љубовница Џоан Баез, која во текот на целиот филм раскажува колку тој бил контрадикторен и многупати не доаѓал на закажани свирки, за на крајот, искрено, сепак да изјави дека тој, и покрај се’, е нејзиниот „Бог“.
Мартин Скорсезе сними фантастичен документарен филм, докажувајќи ја својата умешност во раскажувањето, за момент демистифицирајќи го Дилан. Тој на фин начин ги комбинира мислењата на радикалниот Дилан со детско лице и веќе 64-годишниот музички камелеон, кој се’ уште достојно егзистира на светската музичка сцена. И да, се’ уште влијае на новите генерации. Тоа го докажува и изјавата на битникот Ален Гинзберг на крајот од филмот: „Кога прв пат ја слушнав „Hard rain“, заплакав. Тогаш сфатив дека мислата на бит генерацијата успешно премина од 50-те во 60-те години, и мутира до ден-денес“.
@Текстот е објавен во третиот број на магазинот “Филтер“ во јануари 2006 година.