По повеќе од 25 години, откако го шокираше светот со улогата во прекрасниот филм „Синиот сомот“ на Дејвид Линч, италијанската актерка Изабела Роселини повторно реши да ги земе нештата во свои раце. По неколкуте филмски проекти во изминатата декада кои поминаа речиси незабележително кај филмофилите, таа сними еден несекојдневен филмски проект, во соработка со ТВ-каналот на фестивалот „Санденс“, кој токму деновиве го живее своето ново издание. Станува збор за серијал од десетина кратки две ипол минутни филмови со наслов „Зелено порно“, во кој актерката (која се јавува и како режисер и продуцент на проектот) се обидува да ни го доближи светот на малите животни и тоа преку нивната сексуална практика во секојдневието.
Супер интересно е да се види се’ уште привлечната филмска дива, облечена во разни костими, која во кратките парчиња, со минималистичка сценографија и со стриповски решени сцени, ни објаснува како би изгледал сексуалниот живот доколку таа би била мува, црв, или пак пајак. Секој од деловите почнува со зборовите: „Доколку бев мува, или кит…“, а потоа следи нејзина трансформација во споменатото животно, чија активност на моменти се прикажува и на експлицитен начин. Според Роселини, во кратките филмови нема ништо ново што веќе не сте го чуле или виделе на „Нејшн џиографик“, но начинот на кои се претставени нештата, од колоритноста специфична за цртаните филмови, па се’ до комичниот англиски јазик со италијански акцент на актерката кој веднаш ќе ве шармира, го прави овој проект многу приемчив за публиката од сите генерации.
Оригинално, проектот требаше да се појави само на Интернет, но поради популарноста на филмчињата тие деновиве доживеаја и ДВД издание проследено со прекрасно отпечатена книга. Затоа, доколку сакате да ја видите „откачената“ Роселини во сосема поинакво светло, конзумирајте по едно „зелено порно“ секој ден, нема да ви штети на здравјето 😉
@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 26 јануари 2010 година.