Паралелен свет преполн со бои, емоции и возбуда

Неколку пати во сто и кусур годишната историја на подвижните слики се случувало одредени филмски наслови да ги поместат границите на медиумот, поставувајќи нови начела од кои следните генерации треба да учат, трудејќи се истите и да ги надградат. Во овие модерни времиња кога наративноста и уметничкиот набој се сведени на минимум, а поголемиот дел од филмаџиите тажно се придржуваат до развојот на новите технологии, небаре истите ќе ги извадат од кал нивните здодевни филмови, секогаш постоеле и чесни исклучоци. Џејмс Камерон, секако, е еден од нив.

Филмаџијата кој го создаде „Терминатор“ како машина од иднината која се враќа во сегашноста за да не’ потсети на нашите грешки, режисерот кој во потрага по вонземна интелигенција не’ нурна во амбисот на океанот, а на крајот повторно, филмски, го потопи „Титаник“ на величествен начин, по десетгодишна пауза повторно се враќа на големото платно за да ги реализира своите големи филмски идеи. Веројатно Оскарот во 1997 година си го направи своето, па Камерон реши малку да олабави, снимајќи документарни филмови во кои се занимава со вистинска наука. Сепак, неминовно беше да (му) се случи „Аватар“, бидејќи идејата за овој филм во него тлеела подолг период.

Паралелно со светската премиера на последното остварување на фантастичниот американски режисер, филмот имаме можност да го гледаме и во нашите кина („Рамстор), и тоа во преполни сали. Веројатно и очекуван момент, бидејќи фамата која се крена околу филмот со промотивното прикажување на двеминутниот трејлер ги надмина рекордите на гледаност на виртуелната мрежа, претставувајќи маркетиншки потег кој навестуваше вистински ураган. Снимен во 3-Д технологија (за жал, се’ уште недостапна во кината кај нас), филмот на Камерон претставува вистински визуелен спектакл. Едноставно, Холивуд во спрега со новите технолошки текови мораше да работи против пиратеријата, нудејќи им нови задоволства на гледачите, кои истите не можат да ги доживеат во домашен амбиент.

Приказната горе-долу е веќе видена, но тоа воопшто не пречи. Голема корпорација на една далечна планета открива енергетска руда важна за опстанокот на планетата Земја, и со сите сили се обидува да го исели домородното население за да продолжи со максималната експлоатација. Ликовите се типизирани, почнувајќи од воинствениот маринец, преку стерилниот шеф, па се’ до њу-ејџ научничката. Во црно-белата поставеност на нештата, на едната страна се човекот и машините, а на другата – човекот и природата. Така, „Аватар“ на моменти наликува и на бајка за моралноста. Идеите на Камерон за зачувување на мајката-природа и почитувањето на различниот од себе се строго „политички коректни“, но сепак шоуменот кој стои зад реализацијата на филмот цело време ги држи конците во свои раце, на крајот создавајќи возбудлив паралелен свет преполн со бои, возбуда и емоции, на кој лесно ќе се навлечете и од кој одредено време нема да може да излезете, бидејќи е крајно сугестивен и ќе ве натера постојано да мислите на него.

Токму затоа, „Аватар“ претставува нова страница во кариерата на Џејмс Камерон, кој по неколкугодишна перфекционистичка посветеност на овој проект се надмина себеси, поставувајќи ново квалитативно ниво во компјутерски генерираната филмска уметност, и со тоа, конечно, по три ипол децении и шесте делови на „Војна на ѕвездите“, можеме слободно да кажеме: „Ви благодариме и довидување, г-не Џорџ Лукас, но вашето време одмина!“

Едноставно, новото „суштество“ од работилницата на Камерон е многу помоќно од вселенската лимонада која неколку децении ја „тероризираше“ нашата планета со својата плитка филозофија. Затоа, ако се’ уште не е јасно, доколку сакате да бидете транспортирани на нова, неоткриена филмска планета, на која ве чека сосема ново визуелно искуство, јавнете го синиот змеј и полетајте. Чувствата се споделуваат по излегувањето од кино-храмот.

@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 19 јануари 2010 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *