Еден од најгледаните филмови за време на Новогодишните и Божиќните празници на Островот беше „Момче за никаде“ на Сем Тејлор-Вуд. Во секогаш острата конкуренција на крајот од годината, овој филм неминовно се наметна кај кино-публиката во Британија бидејќи ја раскажува приказната за тинејџерските години на легендарниот Џон Ленон, всушност, за клучниот период од неговиот живот, во кој после неколку пресврти, решава да влезе во прегратките на рокенролот, кој подоцна од него направи незаборавна икона за која и ден-денес се зборува.
Базиран според романот на Џулија Баерд и адаптиран од сценаристот Мет Гринхалг, овој филм не’ враќа во Ливерпул од 50-те, каде младиот Ленон (Алекс Емброуз) е симпатично момче од соседството кое поседува остар јазик. Во тој период тој живее со својата тека Мими (К.С. Томас) и вујкото Џорџ (Дејвид Трелфол). Откако Џорџ ненадејно умира, на погребот Ленон повторно се сретнува со својата мајка (Кристин Скот Томас), која го информира дека од неодамна живее само на неколку улици од него. Тие ја обновуваат врската и токму Џулија, која е поблиска до сензибилитетот на својот син, ќе биде таа која постојано ќе го охрабрува да пишува и да компонира музика, како и да свири на бенџо. А кога рокенролот ќе стане новиот звук на младата генерација во градот, и по средбата со Пол Макартни (Т. Сангстер), се’ понатаму е историја.
Иако фановите на Битлси се колнат дека знаат се’ за животот и делото на славниот Битлс, сепак новиот филм ќе ги пополни дупките во биографијата за младоста на Ленон, пред да стане славен. Филмот е деби остварување на Сем Тејлор-Вуд, кој од Јоко Оно ги добил правата за потребите на филмот да ја употреби песната „Мother“, но дури откако Леноновата вдовица ја одгледала завршната верзија на филмот, по што дала зелено светло.
Интересно е што Макартни знаел за проектот, но режисерот не го поканил да дојде на снимањето за да не создаде притисок врз актерите на сетот, бидејќи, како што изјави Тејлор-Вуд на светската премиера на филмот на Лондонскиот филмски фестивал, „ова не е уште еден филм за Битлси, туку приказна за трансформацијата на едно момче во врвна фигура во светската историја на популарната култура“. Или, како што би додале Монтипајтоновците: „Nowhere boy“ is something completely different, од се’ досега видено на тема „Битлси“. Затоа и заслужува да се погледне и притоа да се ужива во него.
@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 5 јануари 2010 година.