Ансамбл-комедијата „Пиратско радио“ е новото остварување на режисерот Ричард Кертис, сценаристот на супер-успешните британски филмови „Четири венчавки и погреб“, „Натинг хил“ и „Всушност, љубов“. Филмаџијата во новиот проект на едно место успеал да собере импресивна актерска екипа на чело со Оскаровецот Филип Сејмур Хофман, кој игра рамо до рамо со почитуваните англиски артисти Бил Ниги, Рис Ифанс, Ник Фрост и ветеранот Кенет Брана.
Филмот ја раскажува приказната за еден човек и едно момче, кои во 1966 година му пркоселе на британскиот закон со емитување на пиратска радио-програма од еден брод кој пловел по Северното море. Целта на „Радио рок“ била доближување на рок-музиката до што поширока популација на еден сосема ентузијастички начин. Во време кога на радио Би-Би-Си малку можело да се чуе рокенрол звук, особено не музиката на ултрапопуларните бендови како Стоунси, Ху и Кинкс, токму ваквите ентузијастички излети биле шанса за тогашните диџеи да ја покажат својата моќ, подарувајќи и’ на 25-милионската публика нон-стоп уживанција во актуелната музичка култура.
Читајќи ги интервјуата дадени по премиерата на филмот, заклучокот е дека на ова интересно и забавно остварување кое изобилува со познатиот црн брит хумор, најмногу требало да се прилагодува единствениот американски актер во екипата, Филип Сејмур Хофман. Од друга страна, пак, највоодушевен од снимањето на филмот и поканата и тој да биде дел од него е најмладиот член меѓу волците, Том Стариџ, кој вели дека си го остварил сонот да игра во исто остварување со своите идоли, кои потоа му станале и блиски пријатели.
Во време кога на македонската ФМ-скала не остана речиси ништо вредно за слушање, „Пиратско радио“ не’ потсетува на убавите времиња, на искрените и по малку наивни почетоци, кога моќта на овој медиум била неверојатна, и кога цели генерации растеле возејќи се токму на брановите на радиската музичка култура. А кој тоа го рече: Видеото ги уби радијските ѕвезди?
@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 17 август 2010 година.