Сурова убавина во темниот Мисури

Кон „Зимска коска“ на Дебра Граник

Иако летото е вообичаено време кога во кината царуваат блокбастерите, сепак, кога зад себе имате признание „Победник на фестивалот Санденс“, надежите се движат во зоната на посакуваниот успех кај пошироката публика. Таков е случајот со „Зимска коска“ кој токму во моментов ја маѓепсува публиката со својата заводлива и сурова убавина.

Приказната која најмногу им се допадна на публиката и критичарите на последното издание на најдобриот филмски фестивал за независни остварувања, раскажува за 17-годишната Ри Доли, која се обидува да ја разреши мистеријата околу исчезнувањето на нејзиниот татко. Истовремено, во потрагата таа го вклучува и семејството, и токму оваа новонастаната ситуација повторно ќе ги обедини одамна скараните членови. Типично за филм кој доаѓа од американската „инди“ провиниенција.

Според кажувањата на протагонистите во филмот, било исклучително тешко тој да се реализира, бидејќи снимањето се одвивало на многу ниска температура во темните шуми на државата Мисури, во регионот Озарк, кадешто, всушност, и се одигрува самото филмско дејствие. Но енергијата на младата актерка Џенифер Лоренс, која ја толкува главната ролја, не дозволувала тимот да падне на испитот и крајниот производ испадна и повеќе од задоволувачки.

Филмот „Зимска коска“ е во режија на Њујорчанката Дебра Граник, која во 2005 го сними исто така наградуваниот „До коска“. Таа после многу маки успеала да присобере пари за да го сними новото остварување кое го подготвувала неколку години. Базиран на истоимениот роман на Даниел Вудрел, филмот претставува нетипична детективска приказна полна со саспенз кој добро ќе ве растресе во овие жешки летни денови.

@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 10 август 2010 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *