По тринаесет години чекање, на повидок е снимање на биографски филм за животот и делото на Курт Кобеин, лидерот на легендарниот гранџ-бенд Нирвана
По одличниот прием кај публиката на книгата „Потежок од рајот“ (Heavier than heaven) на Чарлс Крос, токму ова биографско дело ќе биде основата и на филмскиот продукт. Дотука речиси се’ звучи идеално, но фактите, и пред се’ имињата инволвирани во овој проект укажуваат и на некои други работи.
Имено, зад филмот на продуцентските куќи „Working title“, „Universal“ и „Reveille motion pictures“ како извршен продуцент стои името на вдовицата на Кобеин, Кортни Лав, која ги поседува авторските права врз се’ што е поврзано со групата Нирвана. Во новата авантура таа има голема поддршка од адвокатот Хауард Вајцман, задолжен да ги брка работите околу оставината на прерано починатиот музичар, кој, бај де веј, е поранешен вицепретседател токму на споменатата „Јуниверзал“.
Ваквата поставеност на работите веќе наидува на бурни реакции кај фановите на Кобеин и неговиот бенд, бидејќи уште при појавувањето на книгата тие жестоко реагираа, прашувајќи зошто приказната за гуруто на гранџот е прикажана еднострано. На големот најавувана и рекламирана како официјална биографија за Курт, на книгата „Потежок од рајот“ и’ забележуваа поради недоследноста во обелоденувањето на фактите. Имено, во дневничките записи, застанувајќи на страната на Лав, Крос направил отстапки во кои се изоставени моментите кои содржеле „мрсни“ факти за нивната бурна љубовна врска. Изоставени се и интервјуата со мајката на Кобеин и со тапанарот Дејв Грол, во кои се споменуваат не баш пријатни детали за една од најпознатите рокенрол врски во последниве декади.
Како и да е, филм веројатно ќе има, а колку ќе биде веродостоен останува да чуеме и видиме од реакциите на оние кои најдобро знаат што навистина се случувало на почетокот од 90-те години на минатиот век. Извесно е дека потписник на сценариото на се’ уште неименуваниот филм за Курт Кобеин ќе биде Дејвид Бениоф („Троја“, „25 час“), а дали и Лав ќе се појави на големото платно, исто така се’ уште е нејасно. Инаку, досегашни најуспешни остварувања поврзани со големиот рокенрол поет се документарецот „Курт Кобеин: за синот“ и „Последните денови“ на Гас ван Сент.
@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 6 ноември 2007 година.