Во последниве години јавна тајна во круговите на холивудската високобуџетна продукција е дека одамна не се појавило некое добро сценарио кое ќе ја воодушеви широката публика, дури и онаа со порафиниран вкус. Затоа, по линија на помал отпор, се’ поголем е бројот на филмови кои се или римејк на некој славен наслов од минатото, или, според новиот тренд, проекти кои биле успешни телевизиски серии. Токму од тој фолдер е извлечен и „Чарлиевите ангели“, чиј прв целовечерен дел се појави пред три години, за продолжението, по некој логичен след на настаните, да го добие ова лето.
Откако Јан Флеминг во 60-те години на минатиот век го претстави својот литерарен супер-шпион Џејмс Бонд, кој филмската индустрија го претвори во глобален феномен, разни сценаристи почнаа да размислуваат во насока на изнаоѓање на женски пандан на филмското платно. За работата да биде уште повеќе поп, според Ворхоловата традиција, „Чарлиевите ангели“ се три убавици на страна на законот, кои со своите вештини и авантури прилегаат на Бондовата филмска идила. Значи, нешто слично, но не баш исто.
Снимен според успешниот ТВ-продукт емитуван од 1975 до 1981 година, неколку сезони номиниран и за Златен Глобус, продолжението на „Чарлиевите ангели“ не нуди ништо повеќе од она што имавме можност да го видиме во првиот дел. Бидејќи не станува збор за приказна која може да се раскаже, туку за збирштина од ликови кои по принципот „црно-бело“ и’ припаѓаат на позитивната, односно, негативната страна, се’ што треба да напоменеме е инсистирањето на филмската екипа на атрактивните акциони сцени со кои изобилува филмот, на чело со трите атрактивни детективки Дилан (Дру Баримур), Натали (Камерон Дијаз) и Алекс (Луси Лиу), кои се навистина убави, разиграни, динамични, спектакуларни – и крајно поедноставени.
Најзаслужна за воскреснување на серијалот е Баримур, преземајќи ја улогата на продуцент на филмот и ангажирајќи го малку познатиот режисер Мек Џи, кој дотогаш се занимавал исклучиво со снимање на видео спотови, рамо до рамо со мега-успешните имиња Спајк Џоунз и Дејвид Финчер, зад кои денес стои завидна филмска кариера. Режисерот се покажа идеален за ваков проект, бидејќи филмот е снимен во спотовски стил, со вратокршачка поставеност на камерата и динамична акциона монтажа, вклучувајќи ги и многуте поп-интра кои служат за претставување на ликовите и во флешбековите. Ваквата естетика не’ навраќа токму на триковите на телевизискиот медиум, родителот на овој серијал.
За потенцирање во овој втор дел се пародичните елементи, како и неколкуте интересни споредни улоги кои го украсуваат филмот по рабовите. Во ваков спотовски проект исто така и музиката игра голема улога, па така користењето на познати теми во одредени сцени кои се, всушност, посвета на некои големи филмски моменти од минатото, изнудуваат воздишки и позитивни реакции кај кино-публиката.
Меѓу актерите, иако се чувствува отсуството на Бил Мареј кој во првиот дел го играше Чарли, овој пат заменет од неговиот одамна загубен брат (Берни Мек), сепак, вистински бисери се малите, но ефектни ролји на Монтипајтоновецот Џон Клиз, екс-терминаторот Роберт Патрик и Брус Вилис во една симпатична камео-улога. Да не го заборавиме и гласот на Чарли, кој и овој пат го позајмува Џон Форсајт, алијас Блејк Керингтон.
Споредувајќи ги двата дела, новиот изгледа далеку побомбастично и пооткачено од првенецот, што значи дека ќе заработи повеќе пари на благајните, а заклучокот е едноставен: за две-три години повторно ќе не’ бомбардираат трите убавици од платното, со нивните нови случки и симпатични небулозни авантури, така претворајќи уште еден филмски серијал до посакуваната „трилогија“, толку омилена меѓу продуцентите.
@Текстот е објавен во „Дневник“ на 19 август 2003 година.