По четврт век од легендарниот настап во салата на тогашен МНТ, Александар Баланеску се врати во градот кој му оставил незаборавни сеќавања, прогласувајќи го скопскиот концерт во 90-те за еден од најдрагите во неговата блескава кариера. Тоа беа времиња кога неговиот квартет беше актуелен со албумот „Possesed“, на кој на А-страната се сместени петте антологиски преработки на темите на Крафтверк плус една од Дејвид Б’рн, а на Б-страната романскиот музичар го покажува својот раскошен талент за компонирање на современа музика. Плочата купена во Будимпешта пред концертот на Ник Кејв (тогаш актуелен со албумот „Let love in“) и ден-денес е една од моите омилени во домашната колекција. Но, и скопскиот концерт во петокот, на 11 март, ќе остане во нашите срца поради еден куп работи, а пред се’ поради величенствената изведба на квартетот на авторските композиции, на крајот зачинета со темата „Das Model“.
„Сме се одвикнале од нормалноста. Самата подготовка, самото доаѓање наваму му беше доживување, а камоли самиот концерт“, беше констатацијата на една пријателка, која не е далеку од вистината. Концертот на „Баланеску квартет“ бил одамна во план на Филхармонијата, но поради пандемијата бил одложуван, за конечно, како што кажа и самиот музичар на конференцијата за новинарите, истиот да се случи овој месец, на голема радост на сите. Човекот со чија музика Скопје мирисаше на убавина во средината на 90-те, кога на брановите на „Стотројка“ се емитуваа музиките од албумите „Possesed“ и „Luminitza“, секако дека беше дочекан со нетрпение , а неговото гостување претставуваше настан од највисок степен во нашиот град, бидејќи не сме толку често во можност да гледаме и слушаме музичари од ваков калибар.
„Александар Баланеску е оригинален романски виолинист кој се движи лесно како пеперутка од класичната музика во џез и источноевропска фолклорна музика, давајќи и’ виртуозен призвук“, пишува „The Times“ за него. Токму така, Баланеску и пријателите од неговиот квартет го синтетизираат романското наследство и современата музика, создавајќи сопствен моќен израз, препознатлив меѓу љубителите на авангардната музика. Сето ова на најдобар можен начин беше видливо и на концертниот настап во петокот, кога пред (полу)полната филхармониска сала Александар Баланеску и Јури Калнитс на виолина, Хелен Каминга на виола и Николас Холанд на виолончело ги исполнија срцата на присутните со поинакви звуци, одвреме-навреме толку потребни за прочистување на затруените емоции. Импонираше нивната едноставност на сцената, а она што имаа да го кажат, го кажаа преку страсните звуци на нивните инструменти.
Квартетот настапот го започна со суитата од албумот „Maria T“ (2005), составена од долгосвиречките композиции „Mountain call“, „Aria“, „Interlude“ и „The young conscript and the Moon“. Преслушувајќи го албумот во деновите пред концертот, како мало загревање, всушност, сфатив дека тоа се најсугестивните песни на це-де-то. Овој омаж на легендарната романска пејачка Марија Танасе е она што за Баланеску претставува „дом“, односно, овие песни, како што вели, го изразуваат есенцијалниот дух на романската поезија и филозофија. Не заборавајќи на актуелниот момент, Баланеску при најавата нагласи дека последната тема од овој блок е со антивоена порака. Следеше половина час музицирање низ елегија и занес, кој потврди дека оваа концертна вечер е навистина специјална.
Следеше изведбата на композицијата „SolEtude“, која Александар ја најави како „тема во која го пронашол сопствениот мир. Ова е дело кое зборува за егзилот, и низ него се движат спомените од детството до младоста, не само како географско, туку повеќе како литерарно и спиритуално патување низ животот“. Знаејќи дека семејството Баланеску ја напуштило Романија кон крајот на 60-те и во родната земја се вратиле дури по Револуцијата, логично беше музичарот да изведе една од темите која зборува заминувањето, но и за повторно враќање, како неодминлив циклус во животот на многумина.
Финалето од планираниот репертоар квартетот го заокружи со изведба на композиции од прекрасниот албум „Luminitza“ (1994), создаден токму во периодот по враќањето во Романија. Значењето на зборот е „мало светло“, би додал „на крајот од тунелот“, и неговиот дух на добрина како еден вид повик за подобра иднина. „За мене тоа беше многу емоционално искуство. Не’ поканија на концерт од Романскиот сојуз на композитори, и иако престојот траеше пет дена, тој беше многу емотивен за мене. Се сретнав со многу роднини и драги луѓе и се потсетив на моето културно наследство“. Човекот кој во својата кариера има соработувано со авангардни композитори како Мајкл Најман (музиката за филмовите на Питер Гринавеј) и Гејвин Брајерс, сепак својата инспирација ја бара во своите корени, онаму од каде што доаѓа, но не изведувајќи го романскиот фолклор со директен цитат, туку со пропуштање низ сопствениот филтер Баланеску создава нов, автентичен звук, кој ја обележа неговата кариера.
Секако, скопската публика сака да аплаудира, особено кога е задоволна од виденото и чуеното. Александар се заблагодари на „прекрасната публика“ и спомените кои ќе ги понесе од „овој прекрасен град“. Првиот бис квартетот го пополни со композиција од „Maria T“, која, ни објасни виртуозот на виолина, „пеела за страдањето во животот, кој е толку краток и минлив“. За впечатокот да добие една фина вертикала, музичарот додаде дека „секогаш кога чувствуваме среќа во животот, треба да бидеме свесни дека во истиот момент, на друго место во светот, некој друг умира“. Во текот на изведбата петтиот член на екипата, аудиопродуцентот Дејвид Кент го пртона гласот на фолклорната певица како елемент во финалниот впечаток за делото, а Баланеску емоцијата ја засилуваше со страсно и гласно минување со гудалото низ жиците на виолината, предизвикувајќи волшебен звучен ефект.
И, крајот делото го краси. Зарем можеше оваа прекрасна вечер да помине без изведба барем на една песна од Крафтверк? Александар Баланеску го знаеше тоа, и не’ почести со „Модел“, така создавајќи мост кон концертот пред четврт век, но и посакувајќи набргу повторно да се видиме тука, на ова место, со насмевки на лицата. Искрено се надевам дека тоа ќе се случи набргу. Мојата желба е да го слушнеме албумот „The Island“ во живо, заедно со Ада Милеа. Приказната за Робинзон Крусо со „Баланеску шмек“ може да звучи одлично во Филхармонија 😉