Синоќа во кинотечниот кино храм членовите на интернационалното жири на седмото издание на „КинеНова“ ги соопштија добитниците на годинашните фестивалски награди.
Составено од врвни имиња како Илдико Ењеди, унгарската режисерка која во 2017 ја доби „Златната мечка“ на Берлиналето за филмот „За душата и телото“; босанската режисерка Аида Бегиќ, која зад себе има неколку кански награди; македонската режисерка Елеонора Венинова, која набргу ќе дебитира со својот прв долгометражен филм „Преекспонирано“; хрватскиот филмаџија и уметнички директор на Пулскиот филмски фестивал, Паво Маринковиќ; и уште еден уметнички директор, но на римскиот „Фанта фестивал“, Симоне Стараче; откако претходниот ден ги претставивме на конференција за новинарите, на кино-сцената синоќа рекоа дека имале одличен избор на филмови кои требало да ги оценат, на крајот донесувајќи ги следните одлуки:
За најдобар филм на КинеНова#7 беше прогласено турското остварување „Анадолскиот леопард“ на режисерот Емре Кајиш, кој, според жирито, „прикажува еден поинаков свет, свет на пропуштени можности“.
Наградата за најголемо уметничко достигнување жирито ја додели на филмот „Чичко“ на хрватскиот режисерски двоец Давид Капац и Андрија Мардешиќ, „заради навистина исклучителното уметничко достигнување во еден уникатен и конзистентен аудио-визуелен свет“.
Наградата за најдобар режисер ја доби романската филмаџика Моника Стан за еден од моите фаворити во селекцијата, филмот „Безгрешно“, која, според жирито, „на симпатичен начин ја доловила силната емоција во филмот“.
Жирито оваа година одлучи рамноправно да награди два филма како најдобри во категоријата со краткометражни остварувања. Тоа се „Нов Вавилон“ на режисерот Гидеон Ван Дер Стелт, „за одлично креираната магична тема на отуѓување“, и „Три зрна сол“ на режисерката Ингрид Чикуи, „за прекрасното нурнување во детскиот свет“.
Во конкуренцијата на кратки филмови, специјалната награда на жирито, пак, ја доби македонскиот филм „Обичната Ели“ на режисерката Лавинија Софрониевска, „за нежниот и симпатичен портрет на извонредната протагонистка“.
Фестивалот продолжува во Кинотека до петок, кога и официјално ќе го заокружи прикажувањето на годинашната програма.
фотографии: Вики Огненовска