Со лепењето на последната сликичка, деновиве финиширавме со полнењето на десеттиот, јубилеен албум од европските и светските фудбалски првенства, секако, во издание на Панини. Последниве неколку години имам голема помош од Ведран, кој оваа година веќе сам можеше да ги одлепи сликичките и да ги залепи на предвиденото место, без да ги оштети на ќошот при одлепувањето или да ги залепи малку накриво, како во претходните албуми. Така, и покрај дизајнерските недостатоци на кои многумина се пожалија, со најавата дека правата за следното светско фудбалско првенство кое во 2026 година ќе се одржи во Канада, САД и Мексико ќе му бидат одземени на легендарниот италијански издавач на албуми со самолепливи сликички, го прави актуелниот албум „Катар 2022“ драгоцен колекционерски примерок.
Освен јубилејот и веќе 18-годишната традиција, оваа година постоеше и мотив плус за колекционирање на албумот. Имено, во осумдесеттите години на минатиот век, кога се „навлеков“ на оваа прекрасна приказна, вообичаено со собирањето на кесичките од албумите и испраќањето на соодветната адреса до приредувачот од Горњи Милановац на територијата на СФРЈ, следеа три подароци: маичка за 100 кесички, фудбалска топка за 200 кесички и ранец со амблемот од првенството за собрани 300 кесички. Иако се собираа со помалку купени кесички бидејќи албумите содржеа далеку помал број сликички од денешниве, сепак, мотивирани од наградната игра купувавме и до 300 кесички од заштедениот џепарац, или од пензијата на бабите и дедовците. На крајот подарокот кој ти го носи поштарот беше бесценет и автоматски стануваш главен фраер во маало.
По долги децении, конечно, со колекционирање на еден актуелен албум на Панини добивме можност да добиеме и нешто плус, а тоа овој пат беше паметен часовник, кој со собирање на 22 букви од задните страници на сликичките, кои ја сочинуваат реченицата „Fifa world cup Qatar 2022“ плус знакчето „тм“, стануваш учесник во петте кола каде организаторот доделува по 100 паметни часовници. Откако промашивме во првите две кола, бидејќи поради голем интерес апликацијата за учество се кочеше и не можеше да се испратат податоците, успеавме од трет пат. Трета мајка, што би се рекло 🙂
Со препознатливото лого на Панини. Баш е штосен 🙂
Бидејќи веќе ја споменав страста за колекционирање во претходниот статус, на спецификите на актуелниот албум ќе се навратам на крајот од текстот. Сега повторно ќе се префрлиме на 80-те години од минатиот век, кога собирањето сликички беше вистински хит, но и практична работа, затоа што при играњето на џамлии сликичките беа единствената вредна валута за размена и полни раце ќар, особено доколку си добар играч и стрелец со стакленото магично топче во прстите, т.н. коњак. Освен тоа, можноста да се видат различните физиономии на актуелните раси на земјината топка, во недостаток на телевизиска програма како денешната, беше полн погодок. А имињата на фудбалерите, пак, неретко се ставаа или на некој талентиран играч на маалското игралиште (иако причините беа различни: на пример, поради фризурата, едно дете го завикаа Валдерама), или пак на домашните миленичиња (кучето стана Маканаки, а мачето Шумахер, славниот германски голман, не Ф1 возачот).
Моите први три комплетирани албуми на Панини во 80-те беа двете светски првенста (Шпанија ’82 и Мексико ’86) и европското првенство во фудбал во Франција 84-тата. За жал, при реновирањето на домот многу години подоцна на сите три албуми, кои беа грижливо чувани и складирани, им се изгуби трагата, и веројатно завршија на градската депонија. Штета!
Но се’ уште се свежи сеќавањата на одредени моменти од нивната содржина, како и на случувањата на самите првенства, па со позајмени фотки од албумите кои ги најдов на интернет ќе се обидам малку да евоцирам сеќавања од претпубертетските години, кога секоја добиена сликичка и секој пополнет албум во текот на летниот распуст значеше остварување на детскиот сон.
Светското првенство во Шпанија 1982 година го дочекав како седум-ипол-годишник. Албумот ми беше прв, а секоја прва работа наидува на восхит и љубов. Научив многу работи за пиринејската земја со која само седум години пред тоа владееше Генералот Франко. Сликичките од шпанските градови беа фасцинантни, а приказната кон крајот на летото ја надополни тетка ми која со колешките беше на променада низ земјата, и оттаму ми ја донесе официјалната маичка од првенството кој ја носев и следното, и летото потоа.
На првенството кроце-кроце, со неколку нерешени резултати, на крајот славеше Италија, лансирајќи го играчот на Јувентус, голгетерот Паоло Роси во ѕвездите. Меѓу стативите секако, беше вечниот Дино Ѕоф.
Во албумот се наоѓаа и репрезентации кои се ретки учеснички на Мундијалите, па така ги паметам земјите како (Ел) Салвадор и Кувајт, кои беа вистински колекционерски куриозитет.
На првенството беше и генерацијата на Југославија со лудиот Пантелиќ на голот, Заец и Стојковиќ како столбови во одбраната, Пижон и Сушиќ во средниот ред, и во нападот перјаниците на Хајдук, Шурјак и Златко Вујовиќ.
Се сеќавам на натпреварот со Шпанија како судиите тенденциозно го водеа натпреварот навивајќи за домаќинот, па дури го повторија и промашениот пенал кој потоа го реализираа од втора. Вујко ми тогаш нервозно мавна по фрижидерот одозгора и за малку истиот ќе се преполовеше. Но затоа ги начекавме кутрите фудбалери од Хондурас, и ги победивме со минимални 1-0 благодарение на пеналот кој го реализираше Пижон, и така им ги урнавме надежите за пласман понатаму. Нема да заборавам колку долго голамнот Арзу лежеше на тревата пред својот гол не можејќи да ги задржи солзите.
Две години постар и поискусен го дочекав европското првенство во Франција 84-тата. Петлето како симбол и официјална маскота на настанот, секако, со Ајфеловата кула во позадина, засекогаш се врежаа во мозокот на еден млад реципиент, колекционер и љубител на фудбалската игра.
И на ова првенство домаќините-Французи имаа протекции од судиите, и на крајот стигнаа до евроспкиот трон. Не дека беше незаслужено, но генерацијата на Платини можеше многу повеќе и многу подобро. Играчи и сликички во сеќавање: Жан Тигана и Доминик Рошето.
Југославија дојде на ова првенство благодарение на антологиската победа над Бугарија со голот на Радановиќ во последните моменти на Пољуд во Сплит. Уште ме лазат морници додека го пишувам ова, присеќавајќи се на телевизискиот пренос во кој Младен Делиќ го изговори она: „Људи, јели то могуќе? Лудница, шта је ово!?“
Приказната се повтори и на ова првенство, Југославија беше во група со домаќинот и на стадионот во Сент Етјен загубивме со 3-2 (Платини даде фантастичен гол од слободен удар, за кој потоа испадна муабет дека голманот Симовиќ можел да го фати, но во последен момент ги повлекол рацете, што мирисаше на намештаљка :-). А да, загубивме и од Белгија и Данска. Инаку ова беше еден од ретките албуми каде на сликичка фигурираше и селекторот.
Најдраг албум и првенство ми се Мексико ’86. Панини исфрли фантастично албумско издание кое со драго срце го пополнив. Пике со сомбрерото беше препознатливата маскота на првенството, кое донесе прекрасен фудбал и легендарни случки.
Диего Армандо Марадона, според мене, најдобриот фудбалер на сите времиња, благодарение на голот со „Божјата рака“ ја победи Англија, со која Аргентина само пред четири години се ‘рчна за Фолкландските острови. На ова првенство тој го постигна и најубавиот гол, кога од своја половина ги предрибла сите, и на крајот елегантно ја смести топката под голманот. Секако, заслужен за втората титула на Аргентина не беше само тој, туку и Пасарела, Буручага, Валдано и останатите топ аргентински фудбалери.
На ова првенство репрезентација која беше реткост на Мундијалите беше Ирак, чии фудбалери беа стиснати на една страница, за разлика од помоќните репрезентации, кои имаа две или три страници, во зависност од дизајнот на албумот.
Финалисти на ова првенство беа Западна Германија на чело со Румениге, а Советскиот сојуз беше едно од пријатните изненадувања благодарение на ветеранот Ринат Дасаев, кој ги спушти ролетните на својот гол, да се изразам во спортски жаргон. И БРД и СССР и СФРЈ за последен пат под овие имиња ќе настапат на следното светско првенство, во Италија, каде Западна Германија на Лотар Матеус ќе стане светски првак со голот на Бреме од пенал.
Океј, доста беа сеќавања, одиме со претставување на десетте албуми во нашата домашна колекција. Веројатно претпоставувате – по првенството во Мехико следеше период на растење и ладење во однос на собирањето сликички, но речиси две децении потоа, љубовта кон колекционерството повторно изби на површина. Првиот собран албум по долги години беше оној од Европското првенство во Португалија 2004-та.
Убаво дизајниран и прегледен, тој, како и претходните на кои се сеќавав, овозможуваше запишување на резултатите од целото првенство.
А тие, резултатите, беа прилично изненадувачки, особено победникот. Грција минимално со 1-0 ги поминуваше сите, и на крајот го доби и домаќинот во финалето, со голот со глава на Харистеас. Потоа, бункер, и тоа е тоа, шампиони за прв пат во историјата.
Но… за овој албум, како прв после долги години, ме врзува приказна која вели дека не го собрав целиот, туку на крајот ми останаа дваесетина незалепени. Дури десет години подоцна, откако во меѓувреме собрав уште неколку албуми на Панини, ги нарачав сликичките од ЕУРО 2004 што ми недостасуваа директно од седиштето Панини во Италија, и многу бев среќен кога пристигнаа на домашната адреса. Еве доказ, го чувам пликото со писмото 😉
На ова првенство на голема врата се промовираше новата фудбалска ѕвезда Кристијано Роналдо, кој денес е се’ уште активна легенда на светскиот фудбал со најмногу постигнати голови во историјата. Токму ликот на сликичката од Роналдо ја земам во фокус и во следните албуми, за да видиме како човекот се менувал, какви нови фризури имал, итн. Ќе биде интересно 😉 На првата јасно се гледа неговата младост, недоделканост и неискуство.
Светското првенство во Германија беше супер организирано. Албумот е со раскошен дизајн и беше мерак да се собира.
Резултатите беа уредно испишани на четвртата страница, а интересно, и после толку години, албумот се’ уште содржеше дуплерици за помалку атрактивните репрезентации. „Жртви“ овој пат беа репрезентации како Ангола, Гана… и Саудиска Арабија на последната страница.
Како куриозитет, на првенството за последен пат настапи репрезентацијата на Србија и Црна Гора, пред двете земји самостојно да го продолжат историскиот пат. Имаа три порази и не се прославија. Аргентина им брцна 6 комада.
По 24 години, Италија повторно стана светски првак, а пехарот заслужено го крена капитенот Фабио Канаваро. Финалето ќе остане запаметено по инцидентот на Зидан, испровоциран од Марко Матераци кој, наводно, во пцовката ја спомнал сестра му. Така, до ден-денес ударот со глава в гради се нарекува „Зиданка“.
А Роналдо? И овде имаше споредна улога, но веќе стануваше ѕвезда во Манчестер јунајтед и времето работеше за него. На сликичката наликува како да игра во некој клуб од втора македонска лига. А да, не се гледа, но позади имаше кратки опавчиња, т.н. „џигерици“, типична ол-тајм мода за фудбалерите.
Европското првенство во 2008 година по втор пат се одржа во две земји, откако Белгија и Холандија во 2000-та ги угостија најдобрите европски репрезентации. Овој пат домаќини беа Австрија и Швајцарија, и тоа беше убава можност дизајнерите на Панини да создадат уште еден квалитетен колекционерски албум.
Амблемите на уредените централноеропски градови беа милина да се лепат, а стадионите содржеа дуплекс сликички.
На првенството доминираше Шпанија, која ја најави својата надмоќ и на следните првенства, благодарение на Чави и Иниеста, кои со тика-така која ја практикуваа и во Барселона ги полудуваа противниците. Оди и земи им ја топката – нема шанси!
Роналдо од ова првенство почна да ја диктира модата појавувајќи се на сликичката со две обетки и со секси фризура која потоа ја копираа клинците ширум светот.
Во 2010 година конечно за прв пат светското првенство во фудбал се одржа на црниот континент. Јужноафриканската република беше добар домаќин, но не можеше ништо против вувузелите, кои и ден-денес ни ѕвонат во главите. Се сеќаваме и на химната на првенството „It’s time for Africa“ испеана од секси-Колумбијката Шакира, која потоа се венчаше со Шпанецот Пике. Ех, Шакира…
Убаво беше првенството во Јужна Африка, на кое од балканските простори учествуваа и Србија (прв пат самостојно), и по втор пат на едно светско и Словенија под водство на Матјаж Кек. Претходно во 2002 во Јапонија и Јужна Кореја за прв пат ги однесе Среќко Катанец, кој ги однесе и на Еуро две години пред тоа. Потоа доби отказ, ја презема македонската репрезентација за хонорар од 10 илјади евра месечно, не’ качи највисоко на ранг-листата на ФИФА, но си доби отказ и од ФФМ. Да, игравме неатрактивно и на резултат, но можеби со него ќе фатевме некој Мундијал? Којзнае!?
И на ова првенство доминираа Шпанците, а најубав фудбал играа поранешните колонијалисти, Холанѓаните. Сепак, изгубија минимално во финалето со голот на Иниеста во екстра-времето.
Роналдо веќе е во кралскиот клуб Реал Мадрид, без обетки, но со иста фризура како и пред две години.
По успешната формула од претходното ЕУРО, и овој пат две држави го организираа првенството во 2012 година – Полска и Украина. Оттогаш и двете репрезентации имаат голем фудбалски напредок на репрезентативен план. Кој би рекол тогаш дека само по десет години во Украина ќе има војна во која ќе гинат невини жртви!?
И овој албум на Панини ги задоволи естетските потреби на колекционерите бидејќи во двојната игра при претставувањето на обете држави-домаќини има широко поле за дејствување во создавањето на заедничка спортска историја.
Шпанската армада веќе стана здодевна, и ги испраши сите со по неколку гола во мрежите. Особено беше срамно финалето, во кое Италијаните примија четири комада. Со тоа заврши нивната доминација во светскиот фудбал, барем засега.
Роналдо е повторно во сенка на случувањата и замислено гледа во далечината. Сепак, фраерски кренатата крагна барем малку го вади од амбисот.
Конечно, светското првенство во фудбал се врати во најфудбалската земја на светот. Бразил беше одличен домаќин, и иако натпреварите ги гледавме во бош време овде во Европа, сепак видовме фантастичен фудбал.
На албумот на Панини доминираат сината и жолтата боја, стадионите се’ уште се собираа како двојни сликички, а топката на Адидас со која се играше, се сеќавам, многу неправилно леташе, и голманите се жалеа дека на теренот излегувале со крајна несигурност и со задолжителен „Оче наш“ 🙂
Гермаците на чело со Бастијан Швајнштајгер и Мирослав Клозе доминираа на целиот Мундијал, а во полуфиналето ги добија Бразилците со неверојатни 7-1. Антологиски срамен пораз на Кариоките! 7 UP!
Иако се чувствуваа како на свој терен (во Бразил се зборува португалски, нели), Роналдо и компанија не ја ни поминаа групата и не се квалификуваа ниту во шеснаесетфиналето. Иако Роналдо на сликичката се смешка веројатно поради згодните Бразилки на трибините, сепак, срамен настап на зелениот тепих.
По двојните домаќини на двете претходни европски првенства, Франција ги презема работите во свои раце, надевајќи се дека конечно, по 16 години, ќе ја врати титулата на свое тло. Но…
Албумот на Панини е на ниво, добар ривајвл на ЕУРО 1984, но драстично се зголеми квотата на сликички, што автоматски значеше и поголеми трошоци за собирање на албумот. Секоја од репрезентациите, освен регуларно, беше претставена и со играчите во акција, што бројот на сликичките го зголеми за 150-200 сликички плус. Среќа што сликичките на крајот од албумот за историјатот на шампионаттот беа претставени со готови фотографии. Јбг, чивијата одамна е влезена, трошиш ко луд и одиш понатаму 🙂 Но, почнува да се воспоставува практиката на фонтана во парк секој викенд да се собираат еден куп колекционери, па со размена полесно стигнуваш до целта.
Беспрекорна организација, одлични натпревари, и се чини дека Французите, како и секогаш кога играат на свој терен (1984 и 1998) повторно ќе се радуваат на титулата. Но, во финалето се сретнуваат со веќе искусната генерација Португалци, кои конечно делуваат мудро на теренот. Со голот на Едер во продолженијата, конечно, репрезентацијата на Роналдо станува европски владетел.
А Роналдо? Иако се повреди на стартот од финалето и ги бодреше соиграчите покрај теренот, на крај му се оствари желбата освен безбројните клупски трофеи, да го освои и престижното првенство на Стариот континент. Секако, насмевката во случајов е задолжителна!
Путин конечно го донесе светското првенство на руско тло, што истовремено значеше и зајакнување на неговата политичка и општествена моќ. Албумот на Панини е раскошен и ја продолжува традицијата на зголемен број на сликички кои достигнуваат над 600, што е претставува рекорд во колекционерството.
За прв пат на втората страница е отстапен простор и за лепење на сопствена сликичка, која ја правиш преку апликацијата достапна на интернет. Но, кај мене остана празна. Исто така, крајот од албумот е раскошен со податоци за последните натпревари на репрезентациите и начинот на кој станале учесници на мундијалот, потоа, со податоци за светските фудбалски легенди и нивниот придонес за популаризација на играта, како и рекордите постигнати на првенствата.
Она што не им успеа на претходното ЕУРО, им успеа во Русија. Генерацијата на Бензема навистина беше најдобра, и во финалето ги победи Хрватите со 4-2, кои беа најпријатното изненадување на првенството, надмашувајќи го и третото место на генерацијата на Бобан и Шукер од 1998 година на мундијалот во Франција. Втори во свет, јбт!!!
Роналдо со Португалија како актуелни европски прваци од пред две години испаднаа во осминафиналето од Уругвај. Пораз од 2-1. Се’ уште е играч на Реал Мадрид, но се гледа крајот на љубовта, затоа ја смени и фризурата на кец. „Добро је променити се, али најбоље је променити се заувек“ (Дечко који обеќава)
Европското првенство од 2020 година, поради пандемијата, се одржа следната, 2021 година, односно, лани од 11 јуни до 11 јули. За прв пат во десет различни европски градови како експеримент кој не беше баш успешен. И „Градски“ беше во опција, но на крајот испадна од конкуренција. Но најважно од се’, за прв пат на едно големо натпреварување учествуваше и македонската репрезентација. Јееееееееееееееееееееееее!!! Македонија-Македонија-Македонија-Македонија!!!
Новина во албумот е воведното претставување на репрезентациите во групата, секому е отстапена по половина страница. Секако, најубави страници за нас се оние на кои претставени македонските репрезентативци, предовдени од селекторот Игор Ангеловски, кој една скопска фирма го испечати како сликичка гратис, за која морав да возам дури до долно Лисиче за да ја земам 🙂
Уште една новина на крајот од овој албум на Панини сеи сликичките на последните две страници кои се наоѓаа под етикетите на полалитарските шишиња од Кока Кола. Се утепав од пиење за да ги добијам, а не сум нешто особено голем љубител на карамелизираната течност, која на почетокот од минатиот век содржела и малку кокаин. Сиц!
Роналдо се’ уште се држи на кец, но веќе е три години во Јувентус каде не се прослави, а по првенствово ќе се врати во старата љубов Манчестер јунајтед каде продолжи да ги тресе мрежите, но доживува и неславен крај на кариерата, неретко греејќи ја клупата.
И конечно, се враќаме на актуелниот албум од претстојното светско првенство во Катар, кој штотуку го собравме. Овој пат шеиците од оваа блискоисточна држава се во мода, иако првенството го следеа контраверзи откако беше обелоденето дека поранешниот директор на ФИФА, Сеп Блатер, примил поткуп за да им ја додели организацијата.
Како и да е, очекуваме интересно првенство особено поради тоа што за прв пат се игра во ноември, во сред сезона, а не како вообичаено, во јуни, кога завршуваат првенствата. Башка, мундијалско пензионирање најавија двете најголеми фудбалски ѕвезди во новиот милениум, Роналдо и Меси, така што може да се случи фешта на нивните натпревари. Сликичката од Роналдо овој пат ја пропуштаме, бидејќи неговата репрезентација ни го уништи мундијалскиот сон, откако во полуфиналето ја совладавме Италија, но во финалето од баражот не’ совладаа токму Португалците. Знам дека не е фер, но и животот не е фер, јбг.
Сепак, најважно од се’, ние го имаме пополнето драгоцениот албум во колекцијата, детето во себе (и до мене) си доби уште една бесцената сатисфакција, и со нетрпение очекуваме да го полниме и со резултати од натпреварите на мундијалот во Катар. Се’ до следното првенство и новиот предизвик – ЕУРО 2024 во Германија.