Како топката и сликичките да се спасат од Баже, расказ

СЛИКИЧКИ

Кога се вселија во новиот стан, Дамјан воопшто не сакаше да излегува. Постојано велеше дека надвор му е здодевно, па мама шеташе само со Марко. Дамјан доаѓаше единствено кога ќе му ветеа дека ќе му купат сликички за Светското првенство 2014 во Бразил.

Внимателно ги лепеше во албумот и му се лутеше на Марко кога тој малку подискривено ќе залепеше некоја сликичка. Си ги собираше дупликатите, си ги редеше по редослед. Откако ќе одлепеше нова сликичка од пакетчето, остануваше бело хартивче со бројката каде што треба да се залепи во албумот и некои ситни буквички на задната страна, а Дамјан ги собираше дури и тие празни ливчиња што ја претставуваа задната страна на сликичките. Мама и Марко сакаа да ги фрлат овие бели ливчиња, но Дамјан не им дозволуваше – за нив имаше направено специјално место на својата полица.

Еден ден се согласи да излезе за да се менува со сликички. Откако се смени со неколку деца, слушна како некој вика: „Кој ќе игра со мене фудбал?“ Тоа беше Илина. Децата од старата зграда знаеја дека Дамјан не игра фудбал толку добро, па не сакаа да играат со него. Но, овде никој не го познаваше.

„Што не одиш да играш фудбал?“ го праша мајка му Маја откако го слушна девојчето што бараше фудбалери доброволци.

„Никого не познавам“, одговори Дамјан.

„Па, тоа може да биде и добро. Нели викаше дека тие што те познаваат не сакаат да играат фудбал со тебе?“ – рече мајка му.

За тоа време, Марко веќе отрча да игра фудбал со Илина, која го прашуваше како се вика. Се собраа и други деца, а Илина лесно му ја одземаше топката на Марко, кого го стави во спротивниот тим.

Дамјан тргна накај игралиштето.

„Ајде, ќе играш и ти?“ му викна Илина кога го виде. „Тие се четворица, а ние тројца, па ни треба уште еден.“

„Па, може, зошто да не“, рече Дамјан.

„Тие се четворица, ама овој малиов тешко дека добро игра, не знам дали да се важи“, зборуваше Илина додека трчаше.

„А, тоа е брат ми“, Дамјан ги крена рамената.

ФУДБАЛ

„Ајде, доаѓај“, му викна Илина и Дамјан почна да игра. На почетокот лесно му ја одземаа топката, но набргу виде како може да ги избегне нозете на децата од спротивниот тим, па трчаше меѓу нив и шутираше. Најпрво шутираше без да види каде ќе отиде топката, но и тоа набргу го подобри: прво ќе погледнеше, а потоа ќе му додадеше на некое дете од својот тим. Еднаш дури и успеа да даде гол. Не му се веруваше, тоа никогаш не се случило досега!

„Ме гледаш?“ ја прашуваше мајка си радосно додека трчаше.

„Те гледам. Ти реков дека со вежбање ќе станеш подобар“, возвраќаше мајка му.

За тоа време, на Марко веќе му здодеа да игра со големите деца, па трчаше низ тревата сам и замислуваше дека се бори со некого.

Следните денови Дамјан едвај чекаше да дојде шест часот попладне за да не биде прежешко и да излезат.

„Нели од шест гледаме фудбал?“ го праша мама бидејќи тогаш почнуваа натпреварите меѓу репрезентациите на Светското првенство, а претходните денови Дамјан не пропушти ниту еден натпревар.

„Па, ајде утре ќе гледаме“, одговараше Дамјан секој ден и секој ден излегуваше во шест часот за да игра фудбал.

Еднаш Илина го праша:

„Ти кое одделение си и каде учиш?“

„Па, сега ќе бидам четврто и од септември ќе учам во ова училиште овде.“

„Еј, јас сум таму, а и јас ќе бидам четврто. Сигурно со мене ќе учиш“, се израдува Илина.

Арно ама, еден ден, додека играа фудбал, се приближија неколку поголеми деца.

„Баже, еве ја таа фудбалската топка што ти ја кажував“, му рече едното дете на другото. „Оригинал како од светско првенство.“

„Од кај ти е топкава?“ тој што се викаше Баже ја праша Илина.

„Братучед ми ми ја купи, не знам од каде“, одговори Илина додека се подготвуваше да брани пенал.

БАЖЕ

„Чекај малце“, му викна Баже на детето што се подготвуваше да шутира пенал. Детето застана, чудејќи се што е работата, а Баже се доближи до топката, ја зеде и ја шутна високо во воздухот со сета сила. Сите деца стоеја и гледаа каде ќе падне топката. Илина му викна на Баже: „Еј, што правиш? Врати ми ја топката!“

„Како да не, ќе ти ја вратам“, одговори Баже со смеење. „Кој прв стигне до неа, негова си е.“

Што мислиш за постапката на Баже? А што мислиш, кој прв ќе стигне до топката? 

Дамјан се сврте кон мајка си и рече: „Тоа не е фер, не треба да се тркаат, тоа си е нејзина топка, нема врска кој ќе стигне прв.“

Но Илина не се потпираше на правдата. Уште пред Баже да заврши со реченицата, таа трчаше како стрела накај својата топка. Баже не можеше никако да ја стигне. Овој пат, топката беше спасена. Арно ама, Баже живееше во една од околните згради и постојано беше во близина. Иако сите ги задеваше, никој не можеше да се пожали од него на мајка му или на татко му зашто Баже веќе беше доволно голем и излегуваше сам.

Еден ден, додека Дамјан играше фудбал, Марко се менуваше со едно дете со сликички од албумот Бразил 2014. Баже застана меѓу нив и рече:

„Ај, видете дали ги имате кецот, 176, 202, 204, 289, 355 и 611 – уште тие ми фалат.“

„Да завршам со ова дете и ќе видам. Мислам дека ја имам 611“, рече детето што се менуваше со Марко.

„Нема да ве чекам пет саати“, се налути Баже и на двајцата им ги грабна сликичките од раце заминувајќи со своите другари. Марко беше шокиран. Другото дете веќе знаеше каков е Баже. Марко вресна толку силно што сите престанаа со игрите и се свртеа кон него. Тој плачеше ли плачеше, не можејќи да ѝ објасни на мајка си (која мислеше дека се удрил) што се случило, а таа исплашено се приближуваше кон него.

„Оној Баже ни ги зеде сликичките“, објасни другото дете, на кое исто така му се слеваа солзи од очите.

„Кој е тој Баже?“ праша Маја.

„Ене го, таму“, покажа со прст детето, но Баже веќе беше далеку преку улицата.

„Ќе го стигнеме. Не грижи се, ќе си ги земеме сликичките назад“, мама се обидуваше да го утеши Марко.

„Ние ќе го стигнеме, ајде“, му рече Илина на Дамјан и тие почнаа да трчаат по Баже.

Но Баже се изгуби од вид. Марко, Дамјан, Илина и Маја го бараа наоколу. Тогаш некој викна: „Илина, врати се, топката!“

Илина и Дамјан се стрчаа назад на игралиштето, а таму беше Баже со неговите другари, кои ја земаа топката и бегаа со неа. Сега и Илина плачеше.

Кога слушна што се случило, татко ѝ на Илина многу се налути и се распрашуваше каде живее Баже. Кога најпосле дозна, отиде таму и се врати со топката. Но, следните денови Илина веќе не сакаше да ја носи својата фудбалска топка надвор. „Е, ќе види тој убаво“, повторуваше Илина, но не знаеше како да му се спротивстави на Баже. „Да, ќе види тој убаво“, повторуваше и Марко, „ќе му ги дадам празните ливчиња останати од сликичките на Дамјан да мисли дека се вистински сликички.“ И Дамјан додаваше: „А наместо топка, ќе ставиме некој камен што личи на топка, па нека го краде него.“ Марко и Дамјан беа многу налутени, но не знаеја како да ги остварат овие идеи.

Арно ама, на Илина многу ѝ се допаднаа идеите и планираше да ги оствари. „Ми текна нешто. Утре донесете ги тие празните ливчиња што ги спомна, што личат на сликички, а јас ќе донесам нешто друго.“

Дали можеш да претпоставиш како Илина ќе ги искористи идеите на Дамјан и на Марко? 

БАЖЕ, ФУДБАЛ, СЛИКИЧКИ

Следното попладне, Илина во раце ја носеше својата фудбалска топка, но никому не му дозволуваше да игра со неа. Кога Баже ја виде, ѝ рече: „Џабе ти е сè, пак ќе ти ја земам, да знаеш.“

„Ако успееш да ми дадеш гол, самата ќе ти ја дадам и нема да му кажам на татко ми да ти ја земе“, го предизвика Илина.

„Што, ти ќе браниш?“ праша Баже со смеење, а и неговите другари се смееја со него.

„Да, бе, јас. Ама ако не ми дадеш гол, веќе никогаш да не пробуваш да ми ја земеш топката“, му возврати Илина и ја зеде топката што беше потполно иста, со истите оние линии какви што имаа топките што ги користеа на Светското првенство 2014. Ја стави на белата точка од која сите деца шутираа пенали. Потоа застана пред голот и го набљудуваше Баже.

„Ич нема ни да ти ја пипнам ако не дадам гол. Ама тоа нема шанси да се случи. Еј, каков гол ќе ти дадам“, викна Баже подготвувајќи се да шутне од далеку. Потоа се затрча со сета сила и со десната нога удри во топката право кон голот. Сите веднаш се свртеа кон голот, но топката не се движеше натаму. Таа си стоеше во воздухот, по малку си леташе напред-назад, но никако да се спушти на земја. По неколку секунди, отиде бавно сè погоре и погоре. Баже, неговите другари, а и сите други деца гледаа во чудо и не можеа да поверуваат што гледаат – не им беше јасно како е ова можно.

Што се случило со топката? 

Илина се смееше гласно и повторуваше: „Не ми даде гол, не ми даде гол!“

„Што се случува?“ прашуваа Дамјан и Марко.

„Ете, тоа е твојата идеја, само место камен, братучед ми ми најде балон ист како фудбалската топка“, им шепна Илина на Дамјан и на Марко, „а сега, дајте ми ги тие ливчињата што се од одлепените сликички.“ Дамјан ѝ ги подаде.

Баже налутено дојде да се кара.

„Еј, не лути се. Ти го најдов кецот“, му рече Илина држејќи ги ливчињата свртени нагоре со задната страна на која беа испишани броевите. Баже налутено ѝ ги грабна сите од раце и, знаејќи дека направил нешто неубаво, со трчање се оддалечи заедно со другарите. Потоа сите го слушнаа како вика: „Еј, а, бе, ова се празни ливчиња!“.

„Ама, мамо, ама пак не ги вративме сликичките што ми ги зема“, се нервираше Марко, „треба и тие да ми ги врати.“

„Сигурно веќе си ги залепил или се сменил со нив. Нема врска, сме останале без неколку сликички – ништо страшно“, одговори мајка му.

Сега знаеш нешто повеќе за Дамјан, Марко и за Илина, а го запозна и Баже. Како би ги опишал/а овие ликови?

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *