„Облици на моќ во современата книжевност“ од Калина Малеска

Денес од печат излегува новата книга на Калина Малеска насловена „Облици на моќ во современата книжевност“. По збирката раскази “Мојот непријател Итар Пејо“ (2016) и книгата за деца „Арно ама“ (2018), ова е трета книга на Малеска во издание на ИЛИ-ИЛИ, овој пат како дел од истоимената есеистичка едиција.

Низ компаративна анализа на шест дела од современата литература: „Волшебникот“ од Џон Фаулс, „Деца на полноќта“ од Салман Ружди, „Кланица 5“ од Курт Вонегат, „Мојот Скендербеј“ од Драги Михајловски, „Мојата роднина Емилија“ од Влада Урошевиќ и „Она што беше небо“ од Владо Малески, авторката ги коментира облиците на моќ кои ги поседуваат ликовите во книжевноста и нивното влијание врз другите карактери, истовремено отворајќи и безброј други теми и релации поврзани со оваа.

„Наведените книжевни мислители сметаат дека литературата има своја структура независна од општествено-политичката реалност, дека читањето поезија или приватните меѓучовечки односи не се израз на политички став. Зошто ваквите гледишта се толку влијателни и широко распространети? Причината, барем делумно, се должи на тенденцијата за идеализирање на литературата; на неиздржаниот став дека може да постојат трајни вредности што не зависат ниту од времето во кое авторот творел ниту од местото каде што живеел; на стравот дека ако се признае дека книжевноста зависи од општествените околности, тогаш треба да се прифати дека не важат таканаречените „објективни“ критериуми за процена на едно книжевно дело“.

Калина Малеска е македонска писателка. Има објавено три збирки раскази: Недоразбирања (Македонска книга 1998), Именување на инсектот (Слово 2008) и Мојот непријател Итар Пејо (Или-Или 2016); романите Бруно и боите (Слово 2006) и Призраци со срмени нишки (Слово 2014); драмата Случка меѓу настани (Слово 2010) и книгата за деца Арно ама (Или-Или 2018).

Нејзини раскази и книжевни анализи се објавени во повеќе домашни и меѓународни списанија. Малеска предава утописка/дистописка литература и предмети од областа на англофонската книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Се занимава и со книжевен превод, а некои од делата што ги превела се: Она што беше небо на Владо Малески, Тристрам Шенди на Лоренс Стерн, Сестрите Макиока на Џуничиро Танизаки, Собрани раскази од Амброуз Бирс, Волшебникот од Оз од Л. Ф.  Баум.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *