Недоизградени филмски ликови

Вклучувајќи го и последниот филм на режисерот Дејвид Твој, „Под површината“, во последниве три години Холивуд не’ опседна со исто толку, помалку или повеќе, успешни „подводни“ филмови. Се’ започна со раскошната екранизација на класичната приказна на Жил Верн за капетан Немо и неговиот Наутилус во далечната 1954 година, прекрасната Дизни продукција „20 илјади милји под морето“, за да продолжи со „Подморница“ (1981) на Германецот Волфганг Петерсен, во кој се прикажува тешкиот живот на германската посада во Втората светска војна, зачинета со црн хумор и фантастична музика, како и со „Црвениот октомври“ девет години подоцна, првиот од серијата филмови според романите на Том Кленси за херојот Џек Рајан (Алек Болдвин).

Ваквите инспиративни наслови продуцентите на „Под површината“ заедно со режисерот Твој веројатно ги навеле на помислата дека токму сега е моментот кога треба да се сними филм со слична од горенаведените содржини, но сето тоа би било в ред доколку режисерот покажел барем малку повеќе инвентивност и ентузијазам во пристапот кон филмската приказна. А кога на сето тоа ќе се додаде и обидот да се искористи финтата со духовите од „Шестото сетило“ на Нејт Шејмалан, која е застарена и излитена, тогаш конфузијата станува неизбежна.

За време (повторно) на Втората светска војна, американската подморница USS Tiger Shark на Атлантикот наидува на неколку преживеани патници од трговскиот брод кого, наводно, го потопиле Германците. Поради непријателската подморница која веројатно се наоѓа во близина, американската подморница понира длабоко и не излегува на површината. Наскоро подморницата станува место на необични случувања, а стравот и сомнежот почуваат да го нагризуваат екипажот. Низ неколку етапни кревања и потонувања на издржливата машина, приказната конечно не’ носи кон предвидливиот крај, во кој (делумно) лошите момци гинат, а добрите момци остануваат во игра. Толку е едноставно!

Драмата која се одигрува на стотици метри под површината на океанот, доколку ги затвориме очите пред предвидливоста, клишеата и плагијаторството, само во неколку ситуации го задржува вниманието на гледачот. Тоа е така поради неизградените ликови, кои ги има во изобилие. Дејвид Твој, познат холивудски сценарист и режисер на хорор филмови, („Планета на темнината“), дури не обрнал внимание и на лошите визуелни ефекти во постпродукција, кои како да сме ги гледале во 80-те години од минатиот век. Значаен за споменување е директорот на фотографија, Британецот Јан Вилсон, чија работа колку-толку нуди некаква градација во подигнувањето на адреналинот кај гледачот, кој не сака да наседнува на евтини финти. Како и да е, „Под површината“, за жал, е уште еден наслов кој претставува очајнички обиде да биде хит.

@Текстот е објавен во „Дневник“ на 20 октомври 2003 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *