Белите луѓе не знаат да скокаат

Црниот филм: Blaxploitation cinematography

Во почетокот, црниот независен филм зазел опозициски став кон ексклузивниот Холивуд, но во 90-те Афроамериканците увидоа дека таквата позиција е лузерска и успеаја да снимат десетици наслови со кои го воспоставија црниот мејнстрим во филмската индустрија. Во следниот текст збор-два за историјата на „црниот филм“ и неговата актуелна позиција

Денес терминот „црн независен филм“ е веќе излитен, зашто се’ повеќе се поврзува со културните и идеолошките движења од крајот на 60-те и почетокот на 70-те години на минатиот век. А терминот настанал токму во тоа време кога црните луѓе од „Нигери“ станаа „Афроамериканци“, стекнувајќи посебен културен и социјален идентитет, при што терминот се наметнал како логична последица на освестувањето на црната група луѓе на американскиот континент. Но подоцна, по првиот, ентузијастички и неконципиран бран на емоции, дошло и времето за негова редефиниција. Уште од појавивањето на подвижните слики, а со тоа и на комерцијалното кино, црната популација била стабилна публика која гарантирала преполни кино сали доколку филмскиот производ им бил наменет исклучиво ним. Тоа значело развиен маркетиншки пазар, без разлика на турбулентниот и нерамномерен развој на продукциските стандарди на „црниот независен филм“.

Во последниве две декади, со појавувањето на неколку интересни црни автори, се појави и таканаречениот „Нов црн филмски бран“, со серија успешни наслови: од „Boyz N the Hood“ (1991) на Џон Синглтон, „Do the right thing“ (1992) на Спајк Ли и „Friday“ (1995) на Гери Ф. Греј, до „Waiting to Exhale“ (1995) na Forest Viteker, „Eve’s Bayou“ (1997) на Кејси Лемос и „The Best man“ (1999) на Малколм Д. Ли. Овој успех им ги отвори вратите и на редица актери во индустријата, како Дензел Вашингтон, Хали Бери, Весли Снајпс, Семјуел Л. Џексон и Анџела Басет. Благодарение на нивните влијанија во формирањето на цела една нова, црна, консументска култура, преполна со нови идеи, стилови и културна експресија, за Америка, конечно, може да се каже дека стана мултикултурна заедница.

Но параметрите на црната публика со текот на времето мутираат. Тие веќе не се гледаат себеси како едни од останатите, туку како нова светска социјална структура, со сопствен идентитет, боја, класа… Сепак, и во случајов неизбежна е стратегијата на современиот маркетинг, кадешто и црните луѓе, иако директно учествуваат во создавањето, истовремено се и консументи на сопствената култура. Односно, локалната шега „Be black and die“, полека но сигурно, како и кај „супериорните“ белци, се претвора во „Be black and buy“.

Она што ги поврзува сите црни обиди на филмското платно – уште од првиот наслов на Вилијам Фостер, „The Railroad porter“ (1912), преку „The Blood of Jesus“ (1941) на Спенсер Вилијамс, па се’ до новите остварувања – е желбата искрено да се портретира црниот човек, наспроти холивудските клишеа и стереотипи. Покрај тоа, неизбежен е и нивниот реален поглед на политичката состојба и естетика на официјалната култура, од првичниот обид во „A Black Sherlock Holmes“ (1918), па се’ до насловот на Мајкл Мартин, „I Got the Hook-up“ (1998), претставувајќи го афроамериканското искуство како едно од значајните осовини во придвижувањето на американското општество во целина.

На почетокот од 70-те, црните студенти во Филмската школа во Л.А. решиле да направат движење што ќе се бори против дискриминаторскиот режим на Холивуд при прикажувањето на животот на црниот човек во нивните филмови. Малку иронично е што токму тогаш се појавија филмови како „Shaft“ (1971) на Гордон Паркс и „Sweetback’s Baad Asss Song“ (1971) на Мелвин ван Пиблс, снимени за големи студија, кои зборувале токму на оваа тема против која се наостриле бунтовниците. Но студентите го возвратиле ударот кога малку повеќе созреале, со филмовите „Blush Mama“ (1975) на Хаиле Џерима, и „Bless their little hearts“ (1983) на Били Вудбери, кои имале италијанска неоралистичка нота во комбинација со бразилската cinema-verite естетика при прикажувањето на животот на црните луѓе во срцата на жешките американски градови. Со ова започнало трасирањето на идеите за оформување на црна филмска продукција, независно движење и освестена црна публика.

Хаиле Џерима, Џули Деш, Чарлс Барнет и Лери Кларк се имињата од Л.А. што успеаја да му го отворат патот на „Новиот црн филмски бран“ во американскиот филм во средината на 80-те. Новиот пристап при снимањето на кадрите со камерата, иноватината наративна линија на приказната и различниот пристап во работата со актерите, најчесто натуршчици, се елементите кои го сочинуваа новиот сензибилитет на црниот филм. Единствената слабост на ваквиот концепт била некоординираноста на движењето со филмските студија, кои идеите на филмаџиите ги сфаќале пред се’ како едукативни, па доаѓало до раскол меѓу желбата за комерцијалност и волјата за промена на веќе постојните вредности на црната популација. Претераната револуционерност како да ги спречила да снимат повеќе наслови затоа што често наидувале на затворени врати кај продуцентите, но и оние неколку филма што успеале да ги снимат и ден-денес се академска лектира на филмските универзитети во САД. Меѓу нив се вбројуваат „To sleep with anger“ (1990) на Чарлс Барнет, „Daughters of the dust“ (1991) на Џули Деш и „Sankofa“ (1993) на Хаиле Џерима, кои конечно добија добри критики и освоија фестивалски награди ширум светот.

Работите дефинитивно се сменија кога дојдоа новите имиња на црното филмско небо. Спајк Ли, Кејси Лемонс, Ајс Кјуб, Дарнел Мартин, Расти Кандиф, Роберт Таунзенд, Хип Вилијамс, браќата Хјуз, Џон Синглтон… беа режисерите што се дистанцираа од Л.А. движењето, насочувајќи ги своите сили кон филмскиот мејнстрим, но истовремено не губејќи ја својата мисија на веќе поставениот терен со оформената црна публика. Значи, слична цел, но различни тенденции што се однесува до сфаќањето на филмската индустрија. Со други зборови, овие го собраа кајмакот, односно, се’ што новите имиња посакуваа е да снимаат многу филмови, по можност по еден на година, и за тоа да бидат добро платени „like white boys do“ (Спајк Ли).

Така црната забавна индустрија во орбитата исфрли и свои ѕвезди како Тај Дигс, Кјуба Гудинг Џуниор, Нина Лонг, Квинси Џоунс, Квин латифа, Ајс Ти, Ајс Кјуб, Ванеса Вилијамс, Тупак Шакур… кои снимаа музика и филмови, развивајќи го новиот концепт на сеприсутност на црната култура. Или, повторно цитирајќи го Спајк Ли: „Ова е време кога треба да си среќен што си режисер Афроамериканец, ова е време кога треба да се впуштиш во бизнис, да продуцираш, а делото нека зборува само за себе, правејќи врска не само со црната, туку и со публиката низ целиот свет“.

Со комерцијализацијата, црниот филм воопшто не загуби од своите вредности и не стана статичен и неповторлив во темите. Напротив, тој постојано се преструктуира и ја преиспитува својата улога во историска, политичка и економска смисла. Денес, како никогаш порано, црната филмска индустрија е преполна со можности, со надеж дека и во иднина ќе гледаме уште многу интересни филмови од црни автори кои раскажуваат универзални теми од животот.

@Teкстот е објавен во јануарскиот број на „Урбан магазин“ 2002 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *