Кон филмот „Нора“ на Пет Марфи

Првиот наслов од новата филмска компанија на младите актери Јуен МекГрегор, Џони Ли Милер и Џад Ло, Natural Nylon, е филмот „Нора“. Базиран врз истоимената биографија на Бренда Медокс од 1988 година, за првите десет бурни години од животот на ексцентричниот ирски писател и неговата животна сопатничка Нора Барнакл, ова дело претставува еден краток исечок од 35-годишната романса меѓу двајцата страсни љубовници, нивното бегство од Даблин во Трст, нивните две деца и почетните потенцијали кои писателот треба понатаму да ги развие. Како и во случајот со Нил Џордан, кој долго време посакуваше да ја сними приказната за ирскиот херој Мајкл Колинс, така и режисерот Пет Марфи, по долго чекање, успеа да ја екранизира книгата којашто, според него, му ги отворила очите во врска со животот на неговиот омилен литерарен херој.

Долго време одбиван и непризнаен од неговите сонародници, а денес бесмртно овековечен на една од нивните банкноти, Џејмс Џојс претставува култна литерарна фигура во светската литература. Меѓутоа, неговиот живот по повеќе од еден век постоење на филмската уметност како да не го привлече вниманието на филмаџиите, па така „Нора“ е еден од ретките обиди, на индиректен начин, преку очите на неговата љубена, барем малку да се ѕирне како функционирал Џојсовиот генијален ум. На сите уметници од највисок ков им е потребна муза, нели, а таа за Џојс била токму Нора, не онаа Ибзеновата, туку силната, емотивна, елоквентна и креативна Нора Барнакл.

Како што наведува и самиот наслов, „Нора“ слободно можеме да го сметае за филмско остварување во кое се прикажува животот на една жена во типично машки свет, но во време кога тие двајца (Нора и Џејмс) се на исто рамниште, бидејќи Џојс во тој период се’ уште нема стекнато светска слава. И покрај обидот да се портретираат г-ѓата Џојс и нејзината улога во по малку недефинираната и хаотична врска, сепак, филмскиот јазик на режисерот Марфи пука по рабовите и ја открива неговата несомнена желба поголемиот дел од филмот да му го посвети на писателот. Но, сета таа обземеност од субјектот завршува со привиден компромис во кој сме сведоци на борбата меѓу Џојсовата љубомора и уметничка компулзивност и Норината желба за детерминираност и независност. Во филмот изостануваат очекуваните дружби и пијанчења на генерациските сопатници од книжевната фела, па приказната исклучиво се задржува на врската меѓу Нора и Џојс. Рака на срце, младиот уметник во неколку сцени успева добро да се залие, притоа викајќи „Јас сум несфатен гениј!“ како вистински ирски бард, но сето останато главно се базира врз неговата (и Норината) перверзна сексуалност во сцените полни со див и анимален секс, во делот кога и двајцата мастурбираат врз сопствените еротски писма, или во посесивните сцени, како онаа во која тој намерно ја остава сопствената жена во друштво на лудиот по неа Италијанец, само за да може подоцна да црпи инспирација од фиктивното неверство. Или, како што во филмот во еден момент вели неговиот брат Станислав: „Џим наоѓа инспирација во конфликтот, а ако го нема, тој го создава“.

„Нора“ е филм кој ги разоткрива писателот и неговата сакана во едно поинакво светло, но малку невкусно е при нивното портретирање приказната да се задржува само на полето на сексот, изостанувајќи ги периодите на лиричните, вибрантни и анархични пишувања и на објацата. Сепак, филмот, од друга страна, нуди доста занаетски квалитети. Изборот на актерите, на пример, е одличен (Јуан МекГрегор, Сузан Линч, Питер МекДоналд, Роберто Цитран), потоа, дизајнот на филмот е на високо ниво, како и камерата, костимите и целата постигната атмосфера, која одлично го доловува почетокот на 20 век во двата сосема различни града на спротивните страни од европскиот континент, Даблин и Трст. Затоа, се’ ми се чини дека „Нора“ и покрај амбициите, е филм за мала, но одбрана публика, но му фали само малку, доколку приказната се задржела на заедничката сила на Џојс и Нора како современа двојка во турбулентно време, тој да стане автобиографска лектира од која ќе црпат инспирација и останатите филмаџии во иднина.

@Текстот е објавен во февруарскиот број на „Урбан магазин“ 2002 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *