Блед, Бохињ, Постојна, Пиран – Welcome to sLOVEnia

Основниот впечаток кој ви останува во умот по посетата на Словенија е зелената боја. Во „дежелата“ зеленилото е насекаде околу вас – од фино средените паркови во урбаните средини, преку раззеленетите тунели низ кои поминувате додека ја шетате земјата, па се’ до природните предели кои ве оставаат без здив.

Секако, едни од највпечатливите места за посета се езерата Блед и Бохињ. Сместени на час и половина лесно возење од главниот град Љубљана, Блед и Бохињ се вистински магнет за туристите. Движејќи се низ одлично уредени зелени појаси со питорескни села во кои секој агол е пицнат до детаљ, нашиот план за тој ден беше прво да се посети подалечниот Бохињ, а потоа да се вратиме во идиличниот Блед. Возејќи покрај езерото и поминувајќи низ неколку атрактивни природни предели, крајната дестинација ни понуди простор налик на средно Водно, каде меѓу дрвјата се оставаат автомобилите, и потоа по сопствена желба, се продолжува по планинарските патеки, или пак се качувате на атрактивната жичарница и се кревате таму горе, на небесата, каде Триглав ви е на дланка, а погледот кон езерото едноставно прекрасен. Секако, се одлучивме за втората варијанта.

Иако е лето, жичарницата, која веројатно во зимската сезона работи турбо, и во овој период од годината ги опслужува туристите жедни за висина, чист воздух и одличен преглед на врвовите на словенечките планини. До најблискиот, Вогел, по одлично трасираната патека, се стигнува за 2 часа и 35 минути, а до останатите ви треба малку повеќе време, кондиција и организација.

Меѓутоа, присуството тука, во оваа мала организирана комуна составена од пар продавнички, ресторанче, клупи под големите сенки и неколку викендички во кои во моментот гости се типичните убави крави со големи ѕвонци, е и повеќе од доволно да се помине половина ден во идилична атмосфера.

Со двогледот ги ловиме високите врвови на словенечките Алпи наредени во полукруг, а сончевиот часовник изработен од камен е занимација со која се поврзуваме со жолтиот круг над нас, кој во случајов е поблизок до нашите глави за илјада и кусур метри.

По ручекот се враќаме назад крај езерото Блед, кое е далеку покомерцијално и попосетено од туристи. Крајбрежјето е полно со капачи, тук-таму се гледаат шатори, а локалите работат со полна пареа.

Во речиси кристално чистото езеро посетителите се капат без проблем, но многу поинтересно е да се биде на кајак, да се сурфа ловејќи го ветрот, а многумина се одлучуваат и за тура до малиот остров со големина од само 0,82 хектари, на кој може да се посети прекрасната неоготска црква од 15 век, која во 1999 година е прогласена за споменик од национално значење.

Кулирањето крај мирните води на Блед го заокружуваме со надалеку познатата Кремпита, која иако со солена цена, сепак ни ја зашеќери посетата на двете прекрасни езера.

Следниот ден е резервиран за посета на легендарната Постоинска јама. Крајната точка на екскурзиите во поранешна Југославија, денеска високо туристички експлоатирана, нуди незаборавно доживување на 8 степени целзиусови, додека надворешната температура е над 30 степени. Но драстичната разлика не ја чувствувате лошо поради убавините кои ќе ги доживеете внатре, длабоко во утробата на планината.

Мирното словенечко гратче Постојна ја имало таа среќа крај него да биде пронајдена велелепната јама која уште од Австро-Унгарско време важи за една од најубавите во Европа. Благодарение на неа гратчето на времето добило осветлување далеку пред Љубљана, а нејзиниот туристички потенцијал повеќе од век и половина е максимално искористен и носи неверојатни приходи на општината и на државата.

По купувањето на скапите билети, чекате ред одредено време за влез во јамата поради големиот број на посетители. Откако ќе дојдете до вашето место во вагонетките, следи час и половина тура низ пештерските сали кои изобилуваат со неверојатна убавина.

Сталактитите и сталагмитите се насекаде, вовчето шиба по зацртаната патека, и на крајот стигнувате до најголемата хала, која ја поминувате пеш, движејќи се низ каскадните предели, кој од кој поубав.

На враќање, вагонетките застануваат 15-20 минути крај мини продавницата за да се купат сувенири, меѓу кои, секако, највпечатлива е автохтоната човечка рипка. Истата е дел од поставката и во музејот кој може да се посети откако ќе ги средите впечатоците од подземната тура.

Попладнето е резервирано за, според многумина, најубавиот словенечки град на јадранскиот брег, Пиран.

И навистина, ова мало крајбрежно место со својата поставеност и архитектура ве освојува на прв поглед, и посакувате тука да поминете барем еден десетдневен летен одмор. Плажите се каменести, но на кому му е гајле за тоа. Јадранот е прекрасен и на овој начин.

На централниот плоштад е поставена бина и во тек е пробата за вечерашниот настан. Ја читаме програмата и сфаќаме дека Пиран преку летото е прилично активен на културен план. Откако го свртевме цел град, време е за ручек-вечера во една од локалните кафеани. Наш избор овој пат се морските специјалитети. Па, на море сме, нели 🙂

За заокружување на приказната, договорената средба со наградуваниот словенечки писател Горан Војновиќ („Југославија, моја дежела“, „Смоква“), иако кратка и на нога  поради семејните обврски, ја овековечивме со една драга фотографија.

Се’ на се’, Словенија навистина нуди убавини за посета, и не за бадијала во нивната развиена туристичка понуда во името на својата земја (sLOVEnia) ја нагласуваат љубовта како однос кон она што ќе го видите и доживеете, и потоа нема да го заборавите.

@2017

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *