Вевчани, Калишта, Радожда – грст од југозападни убавини!

Патувањето во југозападна Македонија е само мал дел од волшепствата кои ги нуди нашата земја. Вевчани одамна беше на листата за посета, а струшките Калишта и Радожда со своите вековни пештерски цркви – вистински предизвик. Овој предел е навистина преубав, бидејќи природата не штедела и го дала најдоброто од себе.

Славното Вевчани треба да се посети барем еднаш во животот. Селото/држава со сопствен пасош и валута, кое во јануари, за време на Василица, го организира далеку прочуениот карневал чија старост датира со векови наназад, интересно е да се посети и во летниот период, бидејќи нуди неколкудневна анимација за љубителите на природата и добрата храна. За прв пат го возам патот крај брегот на Дебарското езеро, и возбудата е голема. По преминувањето на еден прекрасен мост над вештачкото езеро Глобочица, во чија околина има мали викенд населби кои наликуваат како да си некаде во Швајцарија, се упатуваме кон крајната дестинација – Вевчани.

Сместувањето во приватна куќа, неодамна реновирана, е сосема пристојно, температурата за летен период е идеална, а погледот кон Охридското е неверојатен.

При првото запознавање со местото низ лесна прошетка низ Горна и Долна маала, старите куќи оддаваат впечаток на стара градителска традиција, а попатните детали го збогатуваат искуството. Тука се и старите типови на автомобили кои веќе ретко ги гледаме на улиците низ Скопје.

    

Во духот на интригите и зимскиот бал под маски се и имињата на безбројните локали со кои изобилува местото: Gossip (Озборување), Јазз (на кирилица), и секако, славниот берберски салон КГБ.

    

И додека гајбите со пиво фино се ладат во потоците на Вевчанската река, патот води кон атракцијата на Вевчанските извори, кои се одлично средени и претставуваат вистинско место за одмор на душата.

 

На враќање се купуваат драгоцени сувенири, пасошот и банкнотите, со кои Вевчанци се гордеат, од дуќанот со име „Самовила“ пред чиј влез, пак, гордо се вее анархистичко знаме на својот влез, додека сопственикот до даска го одвртел системот од кој се слуша музика од 60-те и 70-те (Цепелин, Парпл…).

И додека дел од Вевчанци трудољубиво работат на своите градинарски култури во полето, почнува да паѓа ноќта. Пред стемнување уште успеваме да ги видиме и централната црква во селото, свети Никола (мојата куќна слава), како и малата сцена крај плоштадот, која ја красат неколку археолошки столбови.

 

Следниот ден е резервиран за искачување на планинарската патека над селото, која е лесна и која попатно нуди диви јагоди и убава, чиста вода од малата река Есејнца.

Има неколку крајни точки кон кои води убаво уредената патека, како манастирот Свети Спас и местото Црвен кладенец, но ние се одлучуваме за блискиот видиковец, кој нуди длабока ладовина и ветренце кое постојано пирка. Овој пат го скокнавме искачувањето до крстот на врвот поради заситеноста од овој нашиот, на Водно.

По обилниот ручек во локалниот ресторан, попладнето е резервирано за уште една туристичка атракција, Пупиновата куќа со интернационален шмек. Љубезниот домаќин, новинар во пензија, накратко ни раскажа за историјатот на поставката, а за животот и делото на еден од најзначајните научници во (пред)минатиот век, со потекло токму од Вевчани, се информиравме од самата изложба.

На крајот, сјајот на месечината таа вечер дава знак дека е време да се одмори и да се заокружат впечатоците од овие два дена во Вевчани, кои понудија фин одмор  и релаксација од секојдневието. Планот за утредента е правец – Калишта и Радожда.

Следното утро патуваме кон Струга, но решаваме да не застанеме во градот и ја одминуваме. Нашата цел се селата Калишта и Радожда. Го паркирам автомобилот крај брегот и половина час уживаме во слободата на езерската шир.

Тргнуваме пеш кон црквата свети Атанасиј од 14 век, сместена во карпата, на работ од селото Калишта. Информациите на Википедија велат дека оваа пештерна црква е посветена на Александрискиот архиепископ Атанасија.

„Во внатрешноста е сочуван најголемиот ансамбл на средновековното сликарство во Струшко. Иако не се зачувани пишувани извори, стилските белези на овие фрески недвосмислено упатуваат на нивното датирање во седумдесетите години од 14. век. Гледајќи го сликарството во целост, зачуваните ликови на светителите и неколкуте композиции од Големите Празници, со помош на ликовните карактеристики на овој живопис, ни откриваат рака на вешт зограф, кој одлично го познавал својот занает, а со голема љубов ги сликал познатите ликови што го илустрираат Светото Евангелие. Дел од живописот бил насликан и во XIX век“.

Следува посета на уште една, постара пештерна црква, овој пат во соседното село Радожда. За да се стигне до неа следува поголем предизвик, искачување на стотина скалила, но погледот кон Охридско езеро ве остава без здив.

Црквата Свети Архангел Михаил е адаптирана како храм во природна пештера во карпите над селото Радожда. Веројатно била осветена пред или во 13 век, а нејзин светитлески патрон е св. Архангел Михаил, војсководителот на Небесните Сили.

Постариот дел од сочуваниот фрескоживопис датира од 13 век, но кон крајот на 14 век се случило повторно живописување на овој пештерски храм. Во првата зона на западниот ѕид од нартексот фигурира и портретот на свети Климент Охридски, насликан покрај оние на св. Герасим, св. Антониј и св. Никола Чудотворецот.

На симнување надолу друштво ни прави една желка, а во езерото веќе може да се ужива и со широко раширени едра и весла.

Финалето, секако, е резервирано за рибните специјалитети во рестораните крај брегот. На заминување, го поздравуваме партизанот со високо крената тупаница на локалниот споменик, разладувајќи се со сладолед од локалната продавница, и седејќи крај кајчето кое мудро ужива под сенката. Посетете го југозападот на Македонија и поддржете го локалниот туризам, нема да зажалите 😉

@2018

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *