„Боите на разделбата“ од Бернхард Шлинк

Најновото издание од ИЛИ-ИЛИ е нешто што најмногу не’ радува: новиот ракопис од германскиот плетач на приказни, Бернхард Шлинк, повторно во превод на Ксенија Чочкова.

„Боите на разделбата“ е збирка од девет раскази за разделбите што тешко нѐ погодуваат, за разделбите што нѐ ослободуваат, за успешните и за разочарувачките љубови, за довербата и предавството. Ова се приказни за луѓе во различни фази од животот, за нивните стравови и надежи.

Девет раскази, девет извонредни камерни игри во кои Шлинк ни прикажува како луѓето се повредуваат, со или без намера, приказни што изненадуваат, вознемируваат, но и приказни што носат радост. Приказни напишани со јасен и смирен јазик, во коишто се спакувани цели животи.

Бернхард Шлинк (1944г. Билефелд, Германија) е правник, професор и еден од најзначајните писатели од поновата германска литература.

Тој ја започнува својата писателска кариера со крими-романи, за кои добива повеќе награди. Во еден од неформалната крими трилогија, Гордиевата врвка, можат да уживаат и македонските читатели.

За својот прв роман со некриминална тематика, Читачот, кој е преведен на повеќе од 50 јазици, Шлинк ги добива наградите Hans-Fallada-Preis, италијанската награда за литература Grinzane Cavour, како и наградата на Франција за преводна литература Prix Laure Bataillon. Како круна на успехот, романот стигнува до првото место на листата на најпродавани книги на Њујорк Тајмс.

ИЛИ-ИЛИ ги објави и прозните остварувања на Шлинк кои следеа: романите Враќање дома, Викенд, Жената на скалите, Олга, како и збирките раскази Бегства од љубовта и Летни лаги.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *