Деновиве се забавував читајќи еден роман од Булат Окуџава кој долго време е дел од домашната библиотека, но спаѓаше во оние книги за кои постојано велиш „аха, да, дефинитивно ти си следен на ред“. И така минуваа години и години, и „Мерси…“ конечно дојде на ред! Си велам, можеби така и требало, бидејќи којзнае на кој начин ќе го доживеев романот ако го прочитав пред десет или петнаесет години. Овој руски автор сепак бара одредена зрелост, и драго ми е што се сретнавме токму тогаш кога треба.

Оригинално објавен во 1971 година со наслов „Мерси, или авантурите на тајниот агент Шипов“, романот на српскохрватски јазик во поранешна Југославија го објави „Народна книга“ од Белград во 1983 година, во превод на Билјана Пауновиќ-Чудомировиќ. Тоа беше декада кога на овие простори имињата на Владимир Висоцки и Булат Окуџава беа многу ценети поради нивните шансониерски височини, и слушањето плочи со нивната безвременска поезија претставуваше врв на интелектуалното задоволство. Паралелно со концертите, Окуџава страсно пишуваше проза, доследно посветувајќи се на историските романи, кои исто така беа многу популарни меѓу читателите. „Мерси…“ е еден од нив.
Со поднаслов „Старински водвиљ, вистински настан“, дејствието на романот се одвива на три нивоа кои течат паралелно. Првата линија е посветена на вистинскиот живот на Лав Толстој во првата половина од 1862 година, создадена на основа на неговите автентични преписки со разни личности од тоа време. Во второто ниво писателот ја разголува царската администрација која фрла сомнеж врз дејноста на Толстој во Јасна полјана, потајно обвинувајќи го дека подготвува револуција. Затоа тие го праќаат обичниот полицаец Шипов како таен агент да ја испита целата ситуација, како трето дејствие во приказната.

По урнек на незаборавниот лик на Хлестаков од „Ревизор“ на Гогољ, несудениот таен агент трезвено гледа на светот околу него и добро знае што ги придвижува човековите емоции. Тој на свој начин ја дели правдата и се’ што сака е топол дом кој постојано му се лизга низ прстите. Шипов е еден вид „народен филозоф на животот“ уверен дека во руската стварност владее законот на „мачка“ и „глушец“, каде човекот, вака или онака, ќе најде начин „да дојде до своето“. Напишан маестрално, романот на Окуџава е своевидна вртоглавица која силно ве вовлекува внатре, во вртлогот на настаните, од кои не може лесно да се излезе. Затоа се препорачува делото и неговите 235 страници да се голтнат за ден или два, за доживувањето да биде што поинтензивно.
Инаку, ова е втор од серијалот историски романи на Окуџава, во кои нурнува длабоко во минатото, обидувајќи се да ги „разголи“ репресивните механизми на владеењето и нивните етички аспекти. Приказната започна со романот „Јадниот Евросимов“ во 1969 година, за после „Мерси…“ (1971) да продолжи со „Патувањето на дилетантите“ (1978) и „Состанок со Бонапарта“ (1984).

Како потсетување, Окуџава е втор интернационален лауреат на „Струшките вечери на поезијата“ во 1967 година, веднаш по неговиот сонародник Роберт Рождественски. Неговите песни се фин микс на рускиот фолклор и популарната француска шансона, и затоа неговата уметност доживува интернационална препознатливост. По потекло Грузиец, роден е во Москва во 1924 година, а умира 1997 година во Париз.

Кога станува збор за неговата поезија, една од оние, незаборавните песни секако дека е „Молитвата на Франсоа Вијон“, која Окуџава неретко ја изведувал на своите настапи. Инспириран од животот на францускиот поет, зачетникот на модерната француска поезија, осуденикот за убиство и кражби чии стихови станале популарни дури по неговата смрт, кога бил реоткриен од страна на Клеман Маро, Вијон во песната на Окуџава е претставен низ човечка призма, во разговор со зеленоокиот Бог, со надеж дека откако ќе им подели она што им треба на сиромавите, тој ќе се сети и на него. Еве ја песната во слободен препев:
Молитвата на Франсоа Вијон
Додека Земјата се’ уште се врти,
додека светлото се’ уште е сјајно,
Господе, дај му секому
она што го нема:
На мудрецот дај му глава,
на плашливецот коњ,
на среќниот дај му пари…
И не заборавај на мене.
Додека Земјата се’ уште се врти,
Господе – власта е твоја! –
Дај му на амбициозниот
да се наужива во власта,
Дај му одмор на дарежливиот
до крајот од денот,
На Каин дај му покајание…
И не заборавај на мене.
Јас знам дека Ти можеш се’
и верувам во твојата мудрост,
како што верува мртов војник
дека во војна ќе живее,
како што верува секое уво
на твоите тивки зборови,
како што веруваме и ние самите
без разлика што правиме!
Господе, Боже мој,
зеленоок мој,
Додека Земјата се’ уште се врти,
а тоа и на неа и’ е чудно,
додека се’ уште има
време и оган,
дај му секому по малку…
И не заборавај на мене.
Животот и смртта на Франсоа Вијон со векови наназад се инспирација за многу креативци во разни правци од уметноста, а една од најсилните интерпретации на песната на Окуџава е дел од завршната сцена во забранетиот филм од „црниот југословенски бран“, „W.R. Misterije organizma“ на Душан Макавеев од 1971 година, каде актерот Ивица Видовиќ, кој го толкува ликот на Владимир Илич, високо емотивно ја изведува песната додека талка низ субурбаниот апокалиптичен пејзаж. Антологиски!
