Конечно, по долгогодишното режирање на филмови со сериозни, ангажирани и политички коректни теми, Спилберг си даде оддишка и сними релаксирачки и забавен филм. Во „Фати ме ако можеш“ нема ајкули, вонземјани, афро-американски робови, диносауруси, ниту пак луди типови, туку нормални луѓе, чија животна приказна е одлична подлога за еден интересен и гледлив филм. По СФ-експериментите во последниве две години, „Вештачка интелигенција“ и „Малцински извештај“, комерцијално најуспешниот холивудски режисер ни сервира американска мејнстрим „филгуд“ приказна базирана според вистинит настан, која филмските аналитичари ја поврзуваат со неговата вистинска животна приказна од детството, кога Спилберг, длабоко разочаран од разводот на неговите родители, задоволството го пронаоѓа во темните кино-сали, кадешто ги голта филмовите на Џон Форд.
Филмот почнува со спектакуларна анимирана шпица, сета во сино-црни нијанси, со која се навестува главната тема во филмот, бркотницата меѓу мачката (ФБИ агентот Карл Ханрати – Том Хенкс) и глушецот (тинејџерот Френк Абигејл – Лео ди Каприо). Дополнета со прекрасната музика на Џон Вилијамс во стилот на Бернард Хермановата тема од Хичкоковиот филм „Север-северозапад“, шпицата прилега на шпионска серија од 60-те, кога и се случува дејството на филмот. Откако ќе го прогласат за човек на годината, Френк Абигејл Сениор (Кристофер Вокен) запаѓа во финансиска криза, а бргу потоа го напушта и саканата сопруга (натали Беј) со најдобриот пријател. Неговиот син, Френк јуниор, разочаран од таквиот развој на семејната ситуација, ги зема работите во свои раце, и во период од три години работи како лажен копилот, доктор и адвокат, проневерувајќи 2,5 милиони долари со помош на лажни Пан-Ам чекови. За тоа време живее како шеик, барајќи ја вистинската љубена, постојано за влакно избегнувајќи ги федералците на чело со Ханрати.
Одличнот кастинг во кој, покрај енергичниот ди Каприо, брилјираат и старите волци Крис Вокен и Мартин Шин, му овозможува на Спилберг да го направи она што најдобро го умее, нудејќи ни лепеза од одлично изградени ликови без недоречености и недоследности. Како во најдобрите „Индијана Џонс“ денови, главниот адут на режисерот е играта на авантуристичката карта, со еден дополнителен и препознатлив драмски елемент од неговите претходни дела, обидот за враќање на растуреното семејство во нормална состојба. Покрај ваквите мотиви, секако, вклучувајќи ја во сето тоа и забавата, го тераат Френк јуниор да живее живот од соништата, што го направи најмладиот криминалец во историјата на САД. Сепак, главниот момент во филмот е градењето на татковски однос на агентот Ханрати кон неговиот немезис, кого го лови насекаде. Таквиот момент го прават Френк премногу ранлив, но не и осамен во играта, што го прави многу допадлив лик за публиката. На крајот од краиштата, во ваков тип на филмови мотивот е сосема очекуван, моментот кога човек сфаќа дека му треба некој, или дека припаѓа некому.
Покрај одличната режија, би ги споменал интелигентната хронолошка монтажа на Мајкл Кан и играта со осветлувањето во текот на целиот филм, отсликувајќи ни една декада во која се случија многу контрадикторни и револуционерни нешта. Снимен на 140 локации во и околу Л.А, Њујорк, Монтреал и Квебек, овој филм ве опушта и ве вози, но некаде до средина од приказната, за потоа несфатливо да падне во темпото, што малку го расипува впечатокот. Сепак, „Фати ме ако можеш“ не претерува со својата амбициозност поради фактот што останува на првичното начело – да биде забавно филмско четиво, не навлегувајќи премногу длабоко во тортурираната психа на карактерите, туку само суптилно и онолку колку што треба. Токму затоа филмот доби позитивна оценка кај поголемиот дел од публиката, дел поради својата интелигентност и шармантност, дел поради споменатиот бекграунд на авторот на ова остварување.
@Текстот е објавен во „Дневник“ на 14 мај 2003 година.