Нек си го терат колајо

Кон претставата „Деца на светот“ од Стефан Цанев, во режија на Васил Михаил

пишува: д-р Тони Ќосев

„Каде што ми е добро – таму ми е татковината“. Аристофан

„Смеа со солзи“, рекол Пушкин за Гогољ. Во времето на стереотипи, клишеа и излитени фрази, Стефан Цанев направил црнохуморна драма, толку искрена и горчлива. Моќна сатира за продолжената општествена криза. Налик на фадо мелодија – плач, полн со меланхолија и безнадежност. Темата е општобалканска – иселувањето на младата популација во современиот Елдорадо – развиените земји на Западот и Северот.

Како и драмите на нашиот Горан Стефановски, изобилува со остроумни изреки и шеговити реплики , кои се паметат и прераскажуваат:

  • Дај  Боже секому , не ме заборавај и мене
  • И да не тепаат, нема да признаеме – дефиниција за патриотизам
  • Ќебапчиња без мелено месо
  • Кукавици банални
  • Извоз на најубава пченица , увоз на фуражна пченица за леб за луѓе наместо за прасиња
  • Скратена филхармонија
  • Пострашно и од војна – кога децата бегаат во странство
  • Не истекува само крвта истекуваат и мозоците ,па нацијата станува глупава
  • Закон за компензација – на слепите им се зајакнува видот , на глувите видот

1987г. во амбулантата во с. Дражево стара бабичка ми носи на преглед бебе цицалче од 1 месец. Ја прашувам кај е мајката, ми вели – на печалба.

2018г. во комбе за превоз на патници – млади тинејџери, деца на наши гастербајтери,  гласно зборуваат на германски.

2021г. Ковид пандемијата коси човечки животи, затворени граници… Bаба и дедо, децата во странство, тешко болни, сами се влечат по амбуланти и болници. Тие се жилави – се извлекоа . Други ја немаа таа среќа.

2025г. комшиката носи болна старица на преглед . Каде ти се децата и внуците, ја прашувам. Имам три деца и осум внуци во странство, нек си го терат колајо – ми одговара.

Време на транзиција и бескрупулозна првобитна акумулација на капиталот. Сиромаштија – ниски плати и пензии, замрена култура. Живеење во минатото и митовите. Болна преосетливост кон оправданите критики. Очекување на Божиќ, Велигден и Илинден за да ги видиме нашите луѓе – откорнатици, барем на кратко. Ако првата генерација иселеници изградија куќи и полека како пензионери се враќаат во родната земја, втората купуваат станови во родината од оние кои ги истераа во странство, третата се асимилира и прилагодува на животот во нивната нова татковина. Таму се раѓаат, учат, студираат, одат во војска, работат…

Новата претстава на Струмичкиот театар почнува со самото влегување – на  големата сцена е поставена сценографија на раскошен ресторан од фантазијата (fancy restaurant – Принц). Малата сцена е во силен контраст со големата сцена – расфрлени столови, расклатени маси, соцреалистички декор… Но, едно големо „Но“, се случи една голема претстава! Блескавите актерски креации на Коста Ангов, Оливера Аризанова Манзбарт и Анкица Бенинова со таква уверливост и сигурност имаа бројни трансформации на ликовите во однос на возраста и гардеробата, без остри резови, туку течно и меко претопување на ликовите .

Васил Михаил повторно направил одлична претстава, давајќи им целосна слобода на актерите. Исто така и одличен избор на музиката, која ненаметливо го нагласува драмското дејство. Сценографијата на Никола Пијанманов, пак, ја направи претставата продлабочена и изразена продуховеност, типична за неговите слики, скулптури и есеи.