За сите љубители на пишаниот збор, информација дека периодов во ИЛИ-ИЛИ бевме прилично активни на издавачки план, и во краток период на читателите им „подаривме“ дури четири нови возбудливи книги. Две од нив се дебитантски дела од домашни автори, а две се преводна литература. Одиме по ред со нивното претставување 😉
Капка Касабова е повеќежанровска писателка. Нејзини најпознати прозни книги се: „Улица без име“ (2008), „Дванаесет минути љубов“ (2013) и двете книги од балканската трилогија „Граница“ (2017) и „Кон езерото“ (2020). Третата книга „Еликсир“ ќе биде објавена во 2023 година. „Граница“ е објавена на 20 јазици и има освоено бројни меѓународни награди. „Кон езерото“ е преведена на повеќе европски јазици и добитник е на наградата за најдобра преводна книга во Франција во 2021 година. Капка Касабова е родена во Софија во 1973 година, а на 18-годишна возраст емигрирала со семејството во Нов Зеланд, каде што студирала и ги објавила првите поетски книги на наглиски јазик. Од 2005 година живее во Шкотска. Бабата на Капка, Анастасија Бахчеванџиева, потекнува од стари охридски семејства и таа е основата на книжевното патување кон езерото.
„Прозата на Касабова подеднакво е магична и предизвикувачка и остра. Како што ги раскажува приказните на своите претци, низ историјата на земјата, која ги формирала, таа го претвора конкретното во универзално канејќи ги сите читатели да размислат врз значењето на „паметувањето“, идентичноста и местото во поширок контекст на човечкото постоење“. Irish Times
„Касабова ја постигнува идеалната рамнотежа, откривајќи како тркалото на историјата го гнети огромниот човечки потенцијал, но не секогаш успева и да го уништи“. Миша Глени, The Times Literary Supplement
„Во овие човечки приказни со сета сила е покажан случајниот и бесмислен антагонизам на национало-државните граници. Оваа прекрасна книга е лекција за фанатичните националисти, кои ја присвоија националната тема. Доволна е една глобална пандемија, за да се види бесмислата на вештачките граници“. Чарли Коноли, The New European
Максим Ристески напишал одличен деби роман, длабок и мистичен, топла препорака 😉
Максим Ристески (Скопје, 1973) со пишување се занимава повеќе од 30 години, како новинар, копирајтер, текстописец, сценарист … Бил музичар, а продолжува да се занимава и со ликовна уметност. „Пештера“ му е прв роман, чиј зародок долго се формирал, но кога дошло вистинското време, го напишал во еден здив.
„Под Владимир закрцка кожната фотелја. Царот на светот откако со тикот го спушти гардот – како што, впрочем, и му приличи, односно, може да си дозволи само вистински суверен – иташе да го освои, да го придобие. Тоа што му ласкаше наметливо, а сепак со достоинствен, како исповеднички тон – заклучи Владимир – не може да биде ништо друго освен израз на потребата од него во организацијата. Но, наеднаш го преплави немир. Не знаеше зошто, ама силно го растрепери стравување старчето да не згреши, да не каже нешто што ќе го остави без алтернатива. В срце го жегна кога низ глава му помина и сосем неприкладната мисла дека треба да разгледа опција и за безглаво бегство …“
Доколку ги сакате Кроненберг, Кафка и Велс, тогаш Фауна е роман за вас, бидејќи го прикажува хипнотичкиот дарвинов кошмар до кој ќе не доведат нашата негрижа и негирање во годините што претстојат. Еве што вели критиката за романот на канадската авторка Кристијан Вадне:
„Сместен некаде на студениот Север, овој елегантен и изненадувачки роман сочинет од поврзани приказни ги следи ликовите околу изолираното, чудовишно село на студените, Шиверинг Хајтс, каде што комуницираат чудни и футуристички биолошки форми на живот. Меѓу најчудните од овие форми на живот се луѓето, иако читателите ќе откријат и други. Писмото на Вадне е сурово, еротично и наликува на сон. Таа ќе ве одведе длабоко во магливата, опседната шума и ќе ве привлече до срж“. Chicago Review of Books
„Раскошните слики и бистрата атмосфера создаваат вртоглава слика за светот по човековото постоењето. Овој мрачен, сензуален роман го повикува читателот да ја замисли природата како напредува во токсичните последици од доминацијата на човекот и претставува суштински додаток во новата серија на книжевната еко-фикција“. Publishers Weekly
„Авторката од Квебек, Кристијан Вадне, умешно се надоврзува на делата на авторите на еко-хорор/научната фантастика за да создаде надреален, но научно издржан пост-апокалиптичен свет на постојан биолошки тек и еволуција“. The Star
„Со посветеност на јазикот, на ритамот, на сликите, Вадне внесува митски, дури и библиски квалитет во реалноста на глобалното затоплување“. Locus
„Продуховена визија за последните времиња што нè потсетува дека од старото ќе се роди ново време, подеднакво диво и живо како и примитивните почетоци на претходното“. La Presse
Стефан Алијевиќ (1991, Гевгелија) дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на катедрите за Општа и компаративна книжевност и Англиски јазик и книжевност. Во 2020 година бил финалист на конкурсот „Новите!“ за најдобар прозен дебитантски расказ. „Вечерен автобус“ е негова прва збирка раскази.
„Војдан седна на клупата и го крена погледот угоре кон ѕвезденото небо. Седењето беше неудобно и поради тоа гледањето кон небото беше испрекинато. На клупата фалеа штици, а на едниот крај беше шлапната една леплива розова мастика.
Порано тој ги познаваше сите соѕвездија што ја красеа северната хемисфера. Се обидуваше да се присети на тоа заборавено знаење, бидејќи сакаше да ги покаже соѕвездијата и да раскаже некоја прикаска за нив на човечката силуета што се туткаше веднаш до него на клупата.
„Сигурен сум дека постоеше соѕвездие по име Квачка, група ѕвезди набиени една до друга како во кош… беа некаде на онаа половина од небото“, рече Војдан и покажа нагоре со прстот, иако не можеше баш точно да го пронајде соѕвездието. Обидот да раскажува за ѕвездите не му беше баш успешен.
Околу три часот наутро, кога свежиот летен ветрец сосем го излади градот и околното ридје, некаде кон југ или исток силно се озари некое небесно тело. Точката ја разбиваше мастиловата боја на небото и изгледаше како новогодишна ѕвезда; како да беше вешто пресликана од некоја стара честитка што пристигнала во поштенското сандаче, таму над нив; можеби на задната страна од картончето пишуваше „Среќна Нова 1990!“. Барем за миг, тоа е ѕвезда што трепери врз вистинското ноќно небо, одземена од нејзиниот симулакрум осипан со сребрени светки што ги имаше на повеќето празнични разгледници.
„Најверојатно тоа е исток“, вели Војдан, а потоа размислува колку е залудно да се тврди дека тоа е која било страна на светот. Колку е излишно постојано да се бара одредница за сите нешта. Копнеж по систем“.