„Dirty“ на Соник јут денес слави 30-ти роденден!

Фан страната на мојот омилен њујоршки бенд сабајлево објави дека денес се навршуваат точно три децении од излегувањето на антологискиот албум „Dirty“. Кога добро размислив, сфатив дека ова дефинитивно е мојот најомилен и најслушан нивен лбум. Иако многумина најчесто се одлучуваат за „Daydream nation“ или „Goo“, сепак, љубовта на прв поглед, или подобро, „љубовта на прво слушање“ никогаш не ме напуштила.

Можеби еден од клучните моменти за фаталната привлечност е фотографијата на нивната обвивка. Тоа плетено портокалово насмеано човече просто ме повикуваше од полиците на музичките продавници во Скопје да го купам, и на крајот испадна дека го скршив од слушање. Секако, пред 30 години – на касета! Баталете ја плочата, неа ја набавив многу подоцна, и денес ја краси автограмот од Ли Раналдо кога свиреше на „Здраво млади“ пред неколку години. Трстон Мур ми кидна кога беше во МКЦ. Буљаш! 😊

„Dirty“ е дури седмото студиско остварување на Соничните, но дотогаш некако не се „фатив“ на нивната музика. Додуша, можеби и не ги слушав многу-многу, но затоа „Валканиот“ ми отвори еден сосема нов прозорец кон музиката. Различно наштиманите гитари за секоја песна беа вистински слушателски предизвик, но во овој албум насетив дека работата ќе се движи кон нешто помелодичен саунд на следните албуми, и не погрешив. Всушност, од албум во албум бендот горе-долу ја повторуваше формулата на создавање песни, но токму таа на „Dirty“ е донесена до перфекција.

На почетокот на 90-те конечно можевме без пречки да ја следиме музичката телевизија „MTV“. Еден од најзабележителните спотови беше оној за „100%“, темата која го отвора албумот. Едноставно, но ефектно. Журка во предградието, бенд што пичи во живо, скејтери, момак во карирана кошула, млади моми љубов водат… има се’ што може да посака еден млад човек, а песната испокршена, во соникјутовски стил, со дисторзирани, но елегични гитари, и ве тера да скокате, и скокате, и скокате… што неретко и го правевме на журките во градските дискотеки, оние на „Стотројка“.

I stick a knife in my head thinking ’bout your eyes

But now that you been shot dead, I got a new surprise…

Журката продолжува и во следната тема, „Swimsuit issue“, додека заводливата Ким Гордон вреска: Don’t touch my breasts! Но зошто, Ким? А да, тука е Трстон и гледа под окце 😊

Топката ја спушта маестро Ли Раналдо со „Тheresa’s sound world“. Човеков навистина знае да направи добри песни. Мелодија, текст, крешендо… се’ си е на место.

За да докаже дека и таа знае да љуби, Ким го возвраќа ударот со една „пеперутка“ во стомакот. „Drunken butterfly“ ве носи чекор напред, до клучното прашање:

I love you, I love you, I love you, what’s your name?

Барајќи пари без да знаеш зошто, Ким во „Shoot“ се обидува да биде нежна и умна, како прекрасен вовед до мојата омилена тема на албумот, „Wish fulfilment“, со која Ли повторно е во елемент. Небесна поезија во рок милје!

I see your wishes on the wall and that’s all right with me

I see you run to make a call, hoping that there’s someone free

Your life and my life they don’t touch at all and that’s no way to be

We’ve never seemed so far

Следи бисерот на албумот и вториот сингл „Sugar cane“. Со неа љубовта кон Соник јут се зацврстува, бидејќи после овој петминутен мастерпис знаете дека има нешто, дека има нешто повеќе од очекуваното, таму долу, меѓу „шеќерните трски“…

And I know

There’s something down there sugar soul

Back to the cross, a twisted lane

There’s something down there Sugar Kane

Откако сте расчистиле дека љубовта кон бендот е вечна, се препуштате на останатиот дел од „возењето“. Скокате заедно со нервозната Ким во „Orange rolls, angel’s spit“, и доколку не сте ги исфрлиле сиот гнев од себе, кажувате јасно и гласно дека младоста е против секаков облик на фашизам! Затоа Соник јут се важни, бидејќи низ пароли знаат да влијаат врз светогледот на младите на вистински начин, како да велат „размислувајте со своја, а не со туѓа глава“.

You got a stupid man, you got a Ku Klux Klan

Your funky battleplan, it’s the song I hate, it’s the song I hate

A sieg heil-in’ squirt, you’re an impotent jerk

Yeah, a fascist twerp, it’s the song I hate, it’s the song I hate

Конечно исфрлате се’ од себе по темата „Nic Fit“. Потоа повторно следи малку љубов, тука е Ким да ви шепне два-три збора. Не, не, не се стегај, опушти се, се’ е ОК 😉

Every time you look my way, you shine a light in what you say

Every time you look my way, you talk around going purple haze

Следи големото оптимистичко гитарско интро на Трстон Мур во „Chapell hill“. Убаво е да се чуе дека Трстон се’ уште пее на албумот. Неговиот глас е мек и пријателски… Расштиманите мелодични гитари продолжуваат да го екстензивираат звукот и на следната тема едноставно насловена „J.C.“, пред да ве разбуди крикот на почетокот од „Purr“.

И на крајот… па крајот го краси делото. Темата “Creme brulee” е сума сумарум на целиот албум. Започнува со чиста психоделија, но завршува, па, да речам, нормално. Ким Гордон не’ повикува да го поминеме летото заедно, да изгориме на сонцето, зашто веќе ништо не е важно.

You and me are burning in the summertime…

Заврши албумот? Толку бргу? Ајде, одиме од почеток. Цел ден, цела ноќ… и така 30 години – стопроцентна сонична љубов! Море, да не е жал за младоста!?

1 thought on “„Dirty“ на Соник јут денес слави 30-ти роденден!

  1. Bojana

    Ја не сум толку голем фан на Sonic Youth, иако концертот во Белград ми е еден од најдобрите концерти на кои сум била. Некако го исполнија просторот со нивниот звук, иако бевме на отворено.
    Моментално ја читам книгата на Ким, во неа има по малку како настанале и од што се инспирирани некои од овие песни, интересно е да се прочита.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *