Читачот – двојно ремек-дело!

Како што обично се случува, еден квалитетен филмски проект, и покрај големата желба да биде снимен, обично го следат и непредвидливи малери. Но моќните филмски могули, браќата Вајнштајн, уште одамна почувствуваа дека популарниот роман „Читачот“ на Бернхард Шлинк е вистинско малечко богатство, и во ниту еден момент не се откажаа од проектот. Првиот пех се случи кога човекот кој првично се нафати да го режира филмот, оскаровецот Ентони Мингела, за жал, прерано замина од овој свет. Вториот клучен момент за застојот беше ненадејната блажена состојба на Никол Кидмен, која требаше да ја толкува главната женска ролја во филмот. За среќа, замените беа бргу пронајдени, кои и приватно се достојни почитувачи и познавачи на делото на германскиот писател.

Стивен Далдри веднаш откри дека уште одамна е љубител на словото на Шлинк и ги има прочитано сите негови книги, и токму затоа со радост ја прифатил поканата да го режира ова безвременско дело. Кејт Винслет, пак, по читањето на книгата и на сценариото, уште веднаш се видела себеси во улогата на Хана Шмиц, и затоа е пресреќна што е дел од ова филмско остварување.

Конечно, 10 декември е датумот на кој е закажана официјалната премиера на „Читачот“, кој по се’ изгледа, во последен момент рамноправно ќе се вклучи во трката за Оскарите со другите кандидати. Други имиња заслужни за финализација на филмот се сценаристот Дејвид Хер, композиторот Нико Мали и монтажерката Клер Симпсон. Како куриозитет, на ова остварување работеа двајца кинематографери – Роџер Дикинс и Крис Мењес, кои со своите различни сензибилитети веродостојно го доловуваат времето пред и по Втората светска војна. По сите овие референци, а и според провокативниот трејлер, веројатно станува збор и за филмско ремек-дело за кое долго ќе се зборува, исто како што беше случај со романот, кој се закити со неколку престижни книжевни награди.

Инаку, ова не е прва адаптација на дело на Шлинк. Оваа година беше снимен и филмот „Другиот“ во режија на Ричард Ајра, според истоимениот расказ од одличната збирка „Бегства од љубовта“, со Лајам Нисон, Антонио Бандерас и Лора Лини во главните ролји. Да се надеваме дека овие два филма се иницијален момент за понатамошна адаптација на делата на германскиот литерат, бидејќи тие, со својот квалитет, го заслужуваат тоа.

@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 9 декември 2008 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *