Црквата „Frauenkirche“ во Дрезден

Дрезден, глaвниот град на покраината Саксонија, е еден од туристички најпосетените германски градови. Тоа се должи на неговата богата историја, меѓутоа и на неговото повторно застанување на нозе по Втората светска војна, кога речиси беше срамнет со земја. Најфреквентно место, нормално, е срцето на градот, онаму каде што се наоѓа светиот храм посветен на Богородица. Скромната црква која никнала во 11 век со текот на времето станала заштитен знак на градот и зад себе има неверојатна историја. Имав можност автентично да ја чујам целата приказна, а потоа и да подистражам нешто за неа, и истата, вклучувајќи и фотки, ќе се обидам што поверодостојно да ја доловам до крајот од текстот.

Како што веќе споменав, во малото село во Саксонија во 11 век, каде сите биле Лутеранци, дошле првите Христијани и направиле мала црква како свое светилиште. Дури 5 века подоцна, откако Христијанството земало замав, врз истите темели е издградена поголема црква од дрво и камен.

Во 18 век, кога умрел полскиот крал, актуелниот локален владетел Августус претендирал на тронот, и поради тоа ја сменил верата станувајќи католик. Секако, за време на неговото владеење оставил простор секој религиски да се чувствува како што сака, без поголеми притисоци, бидејќи него го интересирала само власта. Познато звучи, нели!?

Но, интересно, на тој начин биле создадени услови народот да врши притисок врз него за да се изгради нов храм кој ќе ги собере и ќе им служи на сите. Главниот градски архитект го прашал новиот крал за пари, но тој рекол дека сега е католик и не може да даде пари за лутеранска црква, и фокусот го пренасочил кон народот. Собраните средства биле недоволни, па затоа најпрво биле изградени мали соби на првиот кат кои биле затоплени и кои ги рентале за престој. По одредено време се собрале доволно пари и бил изграден новиот храм кој имал уште неколку ката нагоре.

На првиот, оној со затворени прозорци, се собирале локалните богаташи, кои си правеле муабет не морајќи да ја слушаат мисата. Само кога сакале да ги види плебсот, тие ќе го отвореле прозорецот, и ете ти тема на муабет за целата наредна седмица. На погорните катови се сместувал обичниот народ, а најгоре оние на кои не им заѕвонил алармот, за да не им пречат на овие подолу кои дошле на време. И така, во светиот храм, меѓу луѓето, според местата на седење, си се создала вертикална хиерархија. Всушност, собирањето во црквата за време на викендите бил единствениот социјален момент за населението, кое во тоа време броело околу 2500 жители.

Легендата вели дека црквата до нејзиниот финален грандиозен изглед, со 92 метри во височина била градена вкупно 17 години. Градскиот архитект имал желба да биде погребан во неа, но поради политички заврзлами, завршил на градските гробишта. Сепак, неговите наследници десетици години потоа ги пренеле неговите мошти во дворот на црквата. Со текот на децениите, црквата во Дрезден станувал се’ поважна, и била посетувана од многу луѓе од различни краишта на Европа.

Веројатно најинтригантен дел од историјата на дрезденската „Frauenkirche“ е мрачната 1945 година, кога сојузниците врз центарот на Дрезден фрлиле илјадници тони експлозивни направи. Секако, во ниту еден момент нивна цел не бил храмот, но поради огромниот пожар кој на 13 и 14 февруари беснеел низ градот, на 15 била зафатена и црквата, во која свое засолниште нашле неколку стотини граѓани. Кога огнот ја зафатил градбата, за неколку часа се проширил и на крајот кровот, кој бил тежок 12 тони, се урнал и комплетно ја уништил црквата. За среќа, сите жители навреме избегале од внатрешноста, иако надвор се’ уште траело бомбардирањето.

По Втората светска војна знаеме дека Источна Германија била под влијание на Советскиот сојуз, се’ до 1963 година, кога и официјално бил поставен ѕидот. Црквата била руина за која политичарите не биле многу заинтересирани за реставрација. Кога насетиле дека се размислува за чистење на урнатините од локацијата во центарот, граѓаните на Дрезден одиграле клучна улога советувајќи го градоначалникот дека не треба да гради нов споменик посветен на жртвите на војната, трошејќи многу пари, туку да ја остави црквата таква каква што е, и токму рушевините да бидат автентичен потсетник на времето кое никогаш не посакувале да се повтори. Речено-сторено – и волкот сит, и овците на број.

Во следните години верниците малку по малку земале од оригиналниот материјал и го чувале дома, за да не потклекне под забот на времето, а и во случај да не се премислат градските власти па се’ да однеста во дрезденската „Дрисла“. По унификацијата на Германија во 1990 година, конечно на тема дошла реставрацијата на црквата, која се случила во периодот од 1995 до 2004 година. Чинела 180 милиони евра, од кои 120 милиони се донирани од луѓето. Ѕидините содржат дури 45%  оригинален материјал од 18 век. Олтарот е 80% оној стариот (можат да се забележат потемните делови вградени во него).

Крстот кој стоел на врвот од црквата е пронајден под рушевините во 1993 година, и сега гордо е изложен внатре како еден од најатрактивните артефакти поврзани со овој храм. Пари за негова реставрација дал синот на еден од англиските пилоти кои во 1945 година го бомбардирале градот, со што барем малку го намалил чувството на вина за неговото семејство што ја носел уште од мал (негова изјава).

Од куриозитетите, да споменам дека на централниот мотив на олтарот не е претставено распнувањето на Исус, како во многу други храмови, туку неговата последна вечер, каде што сосема добро знаел што ќе се случи, според Евангелијата во Библијата. Четирите Евангелисти се сосема горе, на атрактивниот кров каде царува „Божјото око“, а цреша на шлагот од тортата претставуваат огромните атрактивни оргули чиј звук, за жал, немав можност да го чујам за време на едночасовната посета.  

Се’ на се’, црквата „Frauenkirche“ во Дрезден е убаво да се види доколку патот ве води во овој привлечен јужногермански град. Околу црквата е полно со мали тезгички за храна (највеќе традиционалните вурст и пиво, секако), додека од близина ве набљудува прекрасната скулптура на Мартин Лутер (секако, не Кинг!) 🙂

Оваа слика има празен alt атрибут; Името на датотеката е 34-1024x1024.jpg

На пет минути одење зад црквата, кон реката Елба, е феноменалниот Музеј на современа уметност со сјајна колекција која ги содржи делата на Дега, Роден, ван Гог, Пикасо, Мане, Реноар, Кле, Дикс, Кокошка, Базелиц, Рихтер… но за тие убавини, во друга прилика, во други текстови 😉

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *