„Црвените очи“ од Миријам Леруа

Деновиве од печат излезе нова ИЛИ-ИЛИ книга. Се работи за романот „Црвените очи“ од белгиската писателка Миријам Леруа, во превод од француски на македонски јазик на Светлана Јовановска.

Во романот авторката ни пренесува дел од нејзиното искуство од разговорите на социјалните мрежи со човекот кој во книгата го носи името Денис. Таа одговара на неговата покана за пријателство, охрабрена што имаат неколку заеднички пријатели на Фејбук. На почетокот, епистоларното пријателство се сведува на речиси симпатична размена на животните приказни. Но, стапицата полека се затвора над жртвата.

Леруа со книгата успева да ја истакне актуелноста и итноста на овој проблем во денешниот свет. Да го отвори прашањето на неспособноста и немањето политичка волја на институциите, неподносливата затвореност на општеството. Виртуелното насилство не е само проблем на жртвата, туку заеднички општествен проблем што го живеат над 70 отсто жени и што понекогаш ги води во трагедија.

Миријам Леруа (1982) е белгиска новинарка и писателка, живее и работи во Брисел. Таа се смета за писателка што ги вкрстува уметноста и новинарството и многу често го користи сопствениот живот како примарен материјал за обработка. Леруа отвора деликатни прашања со брутална искреност, ги постила пред јавноста табуата на нашето општество, особено сексистичките, тие што сакаат да ја замолчат жената. Леруа е автор и на документарниот филм „#Валканакурва“ со сведочења на жени од повеќе земји, меѓу кои и од Македонија, за алармантниот онлајн говор на омраза и мизогинијата.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *