27 години од смртта на Курт Кобеин (1967-1994)

Се сеќавам како да беше вчера. Сестра ми влегуваше во брачните води, и во среде веселба, ми пријде еден роднина и ме праша: „Знаеш што се случило синоќа по америчко време?“ „Врска немам“, се насмевнав. „Курт Кобеин се застрелал во глава!“, ми ја соопшти главната светска вест во моментот со наведната глава. Знаеше дека ги сакам Нирвана и дека направив се’ за да ги гледам во живо. Попусто.

Првата половина од деведесеттите години беше бурна – за некои ослободувачка, за други пеколна. По рушењето на Берлинскиот ѕид на светот му требаше удар во главата и во стомакот преку кој ќе се ослободи насобраната негативна енергија и неизвесноста која ја предизвикуваше стравот од несигурната утрешнина. Музичката индустрија со раширени раце ја пречека новата генерација на бендови од Сиетл и околината, и со огромна кампања преку музичката телевизија MTV му ја „подметна“ (или подари) на светот. Нирвана (Nirvana), Прл џем (Pearl jam), Алис ин чеинс (Alice in chains), Саундгарден (Soundgarden) беа во првите борбени редови, надополнети со California-surfin групата Ред хот чили пеперс (Red hot chilli peppers), и секој на свој начин придонесе за огромното ослободување на младешката енергија на музичките фестивали насекаде низ светот. Таквото трошење на фрустрациите преку музиката предизвика создавање на ново јадро од млади луѓе кои на свој грб ќе го понесат „срањето“ на светот во следните пар декади. Како „последица“ од тоа време ми остана модниот детаљ наречен „карирана кошула“, која и ден-денес е дел од мојата гардероба, со таа разлика што сега ги произведуваат многу поквалитетно, за разлика од тогаш, кога единствената опција ми беа продавниците на „Трготекстил“ и „Центротекстил“ во ГТЦ, од каде изнакупив еден куп карирани кошули во различни бои, кои, менувајќи ги еднаш неделно, ги носев до крајот на декадата.

Се’ уште свежо се сеќавам на моментот кога за прв пат го слушнав албумот Nevermind. Тоа не беше музика од оваа планета. Басот на Крис Новоселиќ (Chris Novoselic) ме разнесе, тоа беше вистински удар во стомакот, кој потоа се претвора во позитивни вибрации. Вокалот и текстовите на Курт Кобеин (Kurt Cobain), пак, беа удар во главата, во мозокот, во свеста, во поимањето на сето она што дотогаш си мислел дека го познаваш. Тоа за еден млад човек кој штотуку ја завршува пубертетската и влегува во адолесцентската фаза беше од големо значење. Темите кои Кобеин ги проследуваше до нас низ совршените триминутни песни со најкласичната можна рокенрол постава, гитара-бас-тапани, беа толку интимни и својствени, што направи многумина да се препознаат во нив. Во тоа лежеше и тајната на успехот на неговиот бенд – идентификацијата. И покрај големата желба да ги гледам во живо, на крајот, за жал, не успеав да се соочам со Нирвана онаму кадешто беа најсилни, на сцената. Веќе читавме во весниците за неговите кризи каде и да се појави, во Рим беше на работ од смртта, а по него следеше настапот во Прага. Тоа беше мојата последна шанса.

Во деведесеттите години постоеше една мала штипска туристичка агенција која организираше концертни тури. Истата во меѓувреме се реактивираше и работи и денес. Прекрасниот Ацо, професор по математика во штипската гимназија, голем вљубеник во музиката, ни овозможи да присуствуваме на концерти во Будимпешта на имиња како Иги Поп, Ник Кејв, Дед кен денс, Соник Јут, Стоун роузис… Неверојатно! Додека на Балканот се’ уште беснееше немилосрдната војна, ние два-триесет музички ентузијасти, меѓу кои и заколнатиот „зависник од концерти“, исто така Штипјанецот Горан Јовановиќ, ќе се качевме во веселиот автобус, и правец – Будимпешта. Таа во моментот, со оглед на распадот на поранешната држава, но и со оглед на визите за влез кои ни ги бараа повеќето европски земји, беше нашиот отворен прозорец кон светот. Всушност, кога добро ќе размислам, она што на времето претставувал Вудсток за многу Американци од тие генерации како прво случување од таков калибар, за мене тоа беше „Пепси Зигет“ фестивалот на островот на Дунав во унгарската метропола, во годините кога бев млад и полетен и способен да правам што ми душа сака, барајќи го фантомот на слободата токму на еден таков музички настан каде се ослободува големо количество на младешка енергија.

Токму Ацо организираше патување и до Прага, една од дестинациите на Нирвана, како дел од нивната светска турнеја на која го промовираа третиот албум In utero. Но, по случувањата во Рим, каде Курт измешал работи кои не смеат да одат заедно, поради тој негов излет во непознатото, концертот во Прага беше откажан. Фак!!! Набргу потоа стигна и веста од Сиетл за фаталниот истрел од неговото оружје, а човекот цело време не’ убедуваше дека „нема пиштол“. Океј, немал пиштол, но имал пушка! Јеби га. Ми остана само да се тешам со музиката која ја остави зад себе, секако, слушајќи ја исклучиво на драгоцените ЛП-ја од домашната колекција, како почит кон едно време кое, се покажа, потоа никогаш не се повтори.

Load up on guns, bring your friends
It’s fun to lose and to pretend
She’s over-bored and self-assured
Oh no, I know a dirty word

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *