Поминаа векови додека повторно го пречекорив театарскиот праг. Причината не ја знам. Можеби беа пресудни љубовта кон филмот и неговото континуирано следење. А во деведесеттите, мојата декада, не беше така. Сите претстави на репертоарот на скопските театри беа гледани по неколку пати, а новото издание на МОТ ни доаѓаше како мелем на рана, прикажувајќи ни ги новите тенденции на европската театарска уметност. Но еве, случајот сакаше, како за прв пат по подолго време, да наидам на вистински театарски бисер, кој дефинитивно ме убеди дека што побргу треба да проследам што се случува на домашните „штици што значат живот“. Не сакам отрцани фрази, но и самиот живот понекогаш е и тоа како отрцан, па… 🙂
Театарскиот потпис на Зоја Бузалковска го паметам од порано, и знам дека кон се’ пристапува студиозно, за на крајот да добиете професионален продукт кој ги задоволува сите естетски и останати уметнички критериуми. Ништо поразлично не беше и овој пат. Драмскиот текст „Чудна случка со кучето во ноќта“ (The Curious Incident of the Dog in the Night-Time) од Сајмон Стивенс е адаптација на популарниот, истоимен роман на Марк Хадон од 2003 година. Овој роман освои 17 престижни награди, меѓу кои и престижната „Whitebread Award“. Адаптацијата е напишана во 2012 година и со успех изведена најпрво во „Националниот театар“ во Лондон, а по десет години, еве ја и во нашиот Драмски театар. Добар избор!
Синопсисот за претставата вели дека приказната, сместена во Свиндон и во Лондон, раскажува за 15-годишниот Кристофер Џон Френсис Бун, математички гениј, кој има нарушување од аутистичен спектар. Тој треба да разреши една мистерија. Некој го убил соседското куче со вила и Кристофер е осомничен, па условно ослободен. Сакајќи да открие кој го убил Велингтон и одејќи спротивно на желбите и заповедите на татко му, Кристофер започнува истрага за убиството на кучето, поставувајќи му прашања и запишувајќи ги своите постапки и сознанија во книга. Кристофер има Аспагер синдром (кој припаѓа на фамилијата аутистични нарушувања) и никогаш претходно самиот не отишол подалеку од крајот на улицата, но детективската работа го носи на опасно патување кое го распаѓа целиот негов дотогаш познат свет.
Она што „Чудна случка со кучето во ноќта“ ја прави возбудлив материјал за работа е темата што ја отвора овој текст. Тоа е светот на Кристофер, светот на „посебниот“, „различниот“, „отфрлениот“, „исмеаниот“, „потценетиот“… Во време во кое многу општества, па така и нашето, се борат за инклузија на луѓето со посебни потреби, да се работи еден ваков актуелен материјал се чини исклучително важно. Во таа смисла, претставата има и едукативно–воспитна функција и за една од своите целни групи ја има младата тинејџерска публика, што беше видливо и во самиот театар.
Поради сето претходно наведено, сметам дека ансамблот кој игра во претставата сосема уверливо ја доловува целата приказна во која вистината, а не лагата, е онаа која е императив за младиот Кристофер, феноменално одигран од Дамјан Цветановски. Специфичноста на неговата улога ја придвижува целата театарска екипа на сцената, и ниту за момент не ви е здодевно, туку напротив, активно учествувате како гледач во случувањата. Тоа е потпомогнато од одличниот мизансцен и постојаното преместување и подместување на кутиите на сцената од самите актери, што и од нив изискува постојана активност, а не зачмаеност. Затоа, малку да се пошегувамe, во ваков тип на претстава, актерските големини нема да се снајдат 🙂 Напротив, ваквиот тип на претстава креира тука, пред нас, на лице место, актерски големини, чија игра потоа уште долго се памети 😉
Живеењето во кутија не секогаш е привлечно, но активното живеење во текот на целата претстава на театарските штици знае да биде многу креативно и инспиративно. Затоа им честитам на сите вклучени во претставата за нивниот несебичен придонес и енергија која истекува, посакувајќи им уште многу успешни заеднички соработки во иднина.