Каква привилегија: да гледате филм во нашето најголемо кино „Милениум“ со само уште двајца „залутани“ филмофили! Касиерката направи обид да ја најде и четвртата заинтересирана личност, но таа се загубила низ дуќаните на ГТЦ. Башка, немаа ситно на каса, па мораше да трчам наоколу да раситнам. Хаос! Апелирам итно да се врати публиката во овие малку кино сали што преостанаа! Навистина е тажно во еден храм на седмата уметност човек да се чувствува осамено. А одамна утврдената констатација дека филмот најдобро се доживува кога се гледа на големото платно се потврди и со филмот „Дете на војната“, со кој скромно започна новата киноприкажувачка сезона кај нас.
Филмот на германскиот режисер Кристијан Вагнер е одлично спакуван филмски производ, финасиран од европската фондација „Еуроимаж“, која знае да препознае и да поддржи добро сценарио, особено доколку станува збор за негова реализација во соработка на две земји, во случајов Германија и Словенија. Вагнер од режисерското столче одлично ја води емотивно силната приказна за 30-годишната Сенада, која, иако навидум има се’ што може да посака една млада жена (таа е успешен брокер и одлична одбојкарка во Брчко), сепак, траумите од војната во која таа го загубила своето двегодишно дете постојано ја прогонуваат, не давајќи и’ мир. По една случајно најдена фотографија во еден странски весник, Сенада тргнува во невозможна мисија, во потрага по нејзината ожеби – се’ уште жива – ќерка.
Веројатно требаше да поминат десетина години за потресните приказни од војната во Босна, погледнати од трезвена дистанца, повторно да станат дел од Балканот, како преку литературата, така и преку филмската уметност. Сценаристите Стефан Денерт и Един Хаџимаховиќ на оваа потресна сторија и’ вдахнале вистински, реални чувства, кои не може да не ве чепнат. Сето тоа пропуштено низ објективот на Томас Маух, кој постојано си игра со темните тонови, и зачинето со длабоката музика на композиторите Констанца Гурци и Хавер Наудахер, го прави филмот „Дете на војната“ моќно дело, и затоа истото има свој успешен фестивалски живот во изминатиот период.
И на крајот, секако, овој филм не би бил успешен доколку актерите се лоши. Напротив, станува збор за веродостојна интерпретација на ликовите во сижето од страна на не баш многу етаблирани и познати актери. Особено треба да се нагласи актерската игра на Лабина Митевска, која иако во одредени емотивни моменти во филмот како да не се дава до крај, постојано останувајќи со истиот одраз на лицето, сепак, многу коректно и на свој грб ја носи улогата на главен носител на филмското дејствие. Веројатно се’ ќе си дојде на свое место со поголемо животно и професионално искуство.
@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 2 септември 2008 година.